Најубавите спомени, посакувани подароци и Дедо Мраз се деталите кои ги надополнуваат сите новогодишни и божиќни празници.

Зошто децата треба да веруваат во Дедо Мраз?

Децата треба да веруваат во Дедо Мраз, и тоа е една од најубавите и најкорисни родителски лаги, велат психолозите. Додека во одредени семејства цел декември се редат приказни за Дедо Мраз и нетрпеливо се очекува неговото доаѓање, постојат и родители што своите деца уште од мали ги учат дека не постои никаков магичен дедо и дека всушност подароците им ги купуваат мама и тато. Ваквиот став родителите реалисти го бранат со фактот дека децата не треба да се лажат и дека ќе бидат разочарани кога ќе сфатат дека Дедо Мраз не постои. Се поставува прашањето кои од овие родители се во право и зошто е важно децата да веруваат дека постои дедо со седа брада во црвен костум.

– Истражувањата спроведувани на тема деца и Дедо Мраз, а верувале или не ги има многу, покажуваат дека последните години сè повеќе родители им велат на своите деца дека Дедо Мраз не постои. Тоа се случува поради генерациските разлики во размислувањето и пристапот кон родителството, но и поради тоа што денес децата генерално се поинформирани отколку порано, па родителите се плашат дека ќе бидат фатени во лага – открива д-р Николина Лјепава – социјален психолог, за „Блиц жена“.


Дедото со брада е одамна присутен


Според нејзините зборови, различните бајки во кои спаѓа и приказната за Дедо Мраз одамна се неизоставен дел од детското растење и многу се важни за развојот на апстрактното размислување кај децата. Тоа го докажале и многубројни истражувања бидејќи преку имагинарни ситуации, претварање и верувања во фантастични битија, децата ментално ги вежбаат ситуациите. Тие подоцна им помагаат во разбирањето на светот кој ги опкружува, но и во разликување на реалното и нереалното, решавањето на проблемите и развојот на креативноста.


Освен когнитивните, тука се и социо-психолошките придобивки од Дедо Мраз, кој претставува олицетворение на таканаречениот божиќен дух на дарување и споделување. Тој е пример за добрина, праведност, љубезност и љубов, така што верувањето во Дедо Мраз ја поттикнува дарежливоста кај децата и го намалува детскиот егоцентризам, истакнува докторката и додава дека истражувањата покажале оти најголем број деца постепено престануваат да веруваат во овој магичен дедо.


Сеќавања за цел живот


Што е најважно, за најголем број дечиња тоа сознание не претставува никаков шок, ниту проблем, а тоа е всушност она од кое родителите најмногу се плашат. Откритието дека Дедо Мраз не постои за децата главно претставува позитивно искуство и знак дека се позрели и растат, па затоа едвај чекаат на младиот брат или сестра да им ги раскажуваат истите приказни што им биле кажувани ним.

Во сеќавањата не ни остануваат скапите играчки, туку спомените на заедничките моменти поминати со блиските

– Секогаш ме растажува кога слушам дете од 3 или 4 години кое не верува во Дедо Мраз. Имам впечаток дека му е скратена една посебна магија, онаа што може да постои само во детството и која веќе никогаш нема да ја почувствува. Но, од друга страна, јасно ми е дека во современата култура Дедо Мраз сè повеќе губи смисла и станува само марионета на потрошувачкото општество – објаснува Николина и додава дека денес сè се сведува на тоа децата да се затрупаат во тони играчки за време на празниците, на кои не стигнуваат ниту да се израдуваат ниту, пак, да си играат со нив.


Затоа родителите не треба да ги претвораат празниците во парада на кичот и изложба на подароци, туку треба да ги научат децата дека смислата на Нова година и Божиќ не е во тоа, туку во радувањето на малите нешта, како и на времето поминато со семејството. Во сеќавањата не ни остануваат скапите играчки, туку спомените на заедничките моменти поминати со блиските. Тоа се вистински дарови што остануваат за цел живот.

Извор: yumama, Blic Žena



912

X