Сценарио познато на многумина – застанувате во ред на каса, детето почнува да вреска дека сака играчка или бонбони, луѓето се вртат, вам ви е непријатно. Ситуацијата ескалира, а вие не се снаоѓате и се прашувате каде сте згрешиле.

Во својата најнова книга, „10 основни правила на доброто родителство“, д-р Лоренс Стајнберг, истакнат професор по психологија на Универзитетот „Темпл“ во Филаделфија, нуди насоки врз основа на најновите и најавторитетни општествени и научни истражувања, спроведени во текот на изминатите 75 години. Тој ги уверува родителите дека ќе забележат значителни промени на подобро ако почнат да ги применуваат овие правила.

Д-р Стајнберг објаснува дека поентата на родителството не е да се покаже кој е одговорен, ниту да всади страв кај децата, туку да ги научи да станат независни и самосвесни личности преку сочувство, искреност, самоконтрола, соработка и радост.

Вашите постапки се важни

Ова е еден од најважните постулати. Важно е што правите бидејќи децата ве гледаат дури и кога не сте свесни за тоа. Не е доволно само да го насочите однесувањето на децата и да не се грижите за вашето. Децата учат од примерите на родителите многу повеќе отколку преку разговор.

Не постои нешто како премногу нежност

Не е возможно да го разгалите детето со љубов – пишува д-р Стајнберг. Она што всушност ги разгалува децата е нудењето работи што ја заменуваат љубовта, а тоа се материјалните работи, попустливоста и намалените очекувања.

Вклучете се во животот на вашите деца

Ова бара реорганизација на приоритетите, жртвување на некои потреби за тие деца. Потребни се многу време и напор. Бидете присутни емоционално и физички.

Приспособете ги методите за родителство на вашето дете

Не се сите деца исти и родителите треба да дадат сѐ од себе за да го запознаат своето дете и да му дадат насоки и поддршка на патот кон растењето. Како што растат децата, нивните потреби се менуваат, и нашиот пристап мора да се промени соодветно.

Поставете цврсти правила

Ако не поставите граници и правила на однесување за детето додека е мало, тоа ќе има проблем да ги постави сопствените граници откако ќе порасне. На децата им треба силно водство од самиот почеток и важно е да им ги соопштите овие правила за да ги разберат.

Негувајте ја независноста на вашите деца

Додека границите му помагаат на детето да развие самоконтрола, независноста му помага да се води независно во животот. На децата им се потребни и двете работи.

Бидете доследни

Ако вашите одлуки се менуваат од ден на ден, лошото однесување на вашето дете е ваша одговорност. Објаснете им на вашите деца за кои работи не може да се преговара. Настојувајте децата да го разберат значењето и логиката на вашите правила. Децата попрво би ги почитувале правилата ако се засноваат на мудрост отколку на авторитет.

Избегнувајте строга дисциплина

Родителите никогаш и под никакви околности не треба да ги удираат децата. Тепањето не ги дава резултатите што се обидуваат да ги постигнат родителите, но тие деца почесто се агресивни и насилни во општеството.

Објаснете ги вашите одлуки и постапки

Д-р Стајнберг верува дека родителите им објаснуваат премногу на многу мали деца, а премалку на малку постарите деца. Приспособете ги зборовите што ги користите и должината на речениците според возраста на детето и неговата способност да разбере и задржете го вниманието на она што го кажувате.

Однесувајте се со почит кон вашето дете

Вашето дете е личност за себе. Во некои работи ќе биде како вас, но во некои ќе биде целосно свое, и тоа е сосема во ред. Не третирајте го детето како да е ваш продолжеток, почитувајте го она што е важно за него ако не се меша со нормалниот тек на воспитувањето. На крајот на краиштата, почитувањето на вашето дете го учи дека треба да ве почитува вас и другите луѓе. Како што работиме на сите други врски во нашите животи, на бракови, пријателства, деловни познанства, така е неопходно да се работи и на односите со децата.

Извор



912

X