Павел Николовски ги има почувствувано сите предности на спортското качување и вели дека е најдобар во својата категорија. Цели кон нови успеси, а животна желба му се Олимписките игри

Многумина го посакуваат врвот на планина, но според вљубениците во спортското качување, најголемата убавина, среќа, растење и созревање доаѓаат преку качувањето карпи. Од овој спорт има низа придобивки. Со спортското качување се зајакнуваат гимнастичарските способности, се добива сила, издржливост, еластичност и баланс, а придружни елементи се авантурата, адреналинот, поголемата самодоверба, контролата на телото и умот, подобрувањето на работата на мозокот, концентрацијата, фокусот.

Павел Николовски ги има почувствувано сите предности на спортското качување и вели дека е најдобар во својата категорија. Цели кон нови успеси, а животна желба му се Олимписките игри.

Со нетрпение го чека државното првенство

Павел има 10 години и е шесто одделение во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае, Скопје. Со спортско качување се занимава од 2. одделение, односно од 6 години.

– Првпат се запознав со спортското качување кога татко ми славеше роденден во „Болдер Бар“ во Скопје. Тогаш веднаш се заљубив во овој спорт иако претходно тренирав ракомет. Уште на првиот мој натпревар го освоив второто место. Тоа ми беше голем поттик и оттогаш на секој натпревар во Македонија освојувам медал. Моментално сум најдобар во мојата категорија. Минатата година не учествував на државното првенство поради пандемијата, меѓутоа, оваа година победив на два натпревара и едвај го чекам државното првенство и да бидам државен првак за оваа година – ни сподели Павел.

Меѓу другите дисциплини, тој учествува и во дисциплината позната како водство.

– Во оваа дисциплина треба да се вкопчуваат таканаречени клинови за да стигнеш до целта. Клиновите се поставени на одредено растојание, а за успешно да ја поминеш патеката, не смееш да испуштиш ниту еден клин. Најчесто има од 15 до 20 клина – споделува Павел.

Тренинзи трипати неделно

Тренира трипати неделно, а кога подготвува натпревар, има тренинг секој ден.

– Самиот ден пред натпревар не тренираме за да се одмори телото за претстојниот напор. Најчесто тренирам во „Болдер Бар“ на Кале. Оваа вежбалница се наоѓа во затворен простор и затоа е погодна за тренинг преку целата година. Во летните месеци работи и вештачката карпа на кеј, па тренинзите се одвиваат таму. Кога временските услови дозволуваат, одиме на природни карпи на кои е особено задоволство да се тренира поради контактот со природата – споделува Павел.

Во затворена вежбалница, освен во вежбалниците низ Македонија, се има качувано и во Софија и во Атина. Вели дека неговиот успех е комбинација од добра исхрана, упорноста, тренинзите, дисциплината…

– Прво треба да постои љубов кон спортот, потоа да бидеме дисциплинирани и ефикасно да ги извршуваме тренинзите и да се обидуваме да го постигнеме сето она што ќе ни го зададе тренерот, па потоа доаѓаат и исхраната, добриот сон и смиреноста – вели Павел.

Зависник од адреналински спортови

Слободното време на Павел Николовски е полно со адреналин и вели дека кога не се качува на карпи, претпочита адреналински спортови.

– Многу сакам адреналински спортови. Освен качувањето, многу го сакам скијањето, особено скокчињата, возам тротинет за трикови со кој скокам на рампи и бе-ем-икс велосипед со кој исто така најомилени ми се скоковите – вели тој.

Голема желба му е да учествува на Олимписките игри.

– За тоа треба убаво да се подготвам и да поминам многу натпревари за да успеам да се квалификувам. Ова ми е сон бидејќи и татко ми Атанас Николовски учествувал на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година во кајак на диви води. Затоа мислам дека имам добар учител кој ќе ме подготви за еден ваков голем предизвик – додава Павел.

Негов идол е Адам Ондра, качувач од Република Чешка, кој бележи светски резултати во овој спорт.



912

X