Баби и дедовци – тие се нашите омилени и сите на еден или на друг начин сме биле одгледани од нив. Па, зошто тогаш токму тие не би ги знаеле најголемите мудрости кога станува збор за родителството? Сепак, реалноста не е таква. Новите истражувања всушност нѐ предупредуваат дека токму застарените совети од нашите баби и дедовци можат да го доведат здравјето на бебето до ризик.
Најсовремените препораки, почнувајќи од тоа во каква позиција треба да спие бебето, па сѐ до тоа кога да почне да јаде цврста храна, низ многубројни статии, истражувања, предавања и работилници првпат им беа претставени на новите мајки и татковци пред 10-ина или повеќе години, со што советите од нивните родители практично станаа застарени, велат американските доктори од Детскиот медицински центар „Коен“.
Всушност, испадна дека конвенционалните родителски техники што долго време претставуваа императив кога станува збор за новороденчиња, сѐ почесто се покажува дека се и помалку од идеален пристап. Она што нашите родители и нивните родители го сметале како основа за одгледување деца, според многу светски експерти, повеќе не се смета за релевантно.
Со цел да ви го олесниме возбудливиот пат на родителството, подолу ви претставуваме неколку примери од застарени теории кои денес се аргументирано побиени од повеќе светски медицински центри и институти.
1. Не земајте го бебето секојпат кога плаче
Филозофијата зад оваа теорија е дека честото кревање на детето всушност ќе го разгали и ќе го навикне на фактот дека со плачење ќе добие внимание. Меѓутоа, на бебињата што плачат вистински им е потребно вашето внимание поради една или друга причина и потребно им е да знаат дека сте тука за нив кога сте им најпотребни.
2. Масажа со алкохол ја намалува температурата
Алкохолот нема да ја намали температурата на бебето. Всушност, апсорпцијата на алкохолот во бебешката кожа е многу поголема опасност отколку самата температура.
3. Имунизацијата го намалува имунолошкиот систем на бебето
Имунолошкиот систем на вашето бебе природно ќе развие антитела против помали заболувања како што тоа расте, меѓутоа, имунизацијата против посериозни заболувања има цел да го заштити бебето од искусување на ефектите од заболувањето. Во спротивно, детето би требало да ги издржи (доколку не се, се разбира, фатални), со цел да развие отпор против нив, што е многу поголема опасност отколку имунизацијата.
4. Строг распоред за исхрана е есенцијален за здравјето на бебето
Погрешно. Докторите денес се согласни дека е најдобро бебето да се храни кога самото ќе покаже знаци на глад, отколку да се храни само поради тоа што „е време за оброк“. Хранењето по строг распоред за разлика од хранење според потребите на бебето всушност може да го наруши природниот биоритам и метаболизам и да биде нездраво за самото бебе.
5. Новороденчето треба да спие на стомак
Логиката зад ова тврдење е дека доколку детето спие на стомак, шансите се помали тоа да поврати и да се задуши. Сепак, доказите покажуваат дека ваквата позиција за спиење полесно може да доведе до Синдромот за ненадејна смрт за новороденче (SIDS – Sudden Infant Death Syndrom).
6. Премногу шеќер доведува до хиперактивност кај децата
Всушност, не постои доказ што може да ја поткрепи оваа теорија. Вистината е дека некои слатки јадења имаат недостиг од влакна кои му овозможуваат на шеќерот постепено да се разгради во крвниот систем. Токму ова, а не содржината и количината на шеќерот, е причина за зголемената енергија на вашето дете.
7. „Бидејќи јас така кажав“ е погрешен одговор
Вистина е дека постојат ситуации кога одговорот „Бидејќи јас така кажав“ е посоодветен отколку да се навлегува во детални дискусии и дебати. Меѓутоа, кога веќе еднаш ќе дадете доволен аргумент и објаснување зошто некоја работа треба да се направи на одреден начин, сосема е во ред да го потсетите вашето дете кој е шефот со кратка, категорична изјава.
8. Мозокот на детето е комплетно развиен до 3-годишна возраст
Постојат некои базични вештини кои вашето дете ќе ги развие до таа возраст, но неговиот мозок ќе продолжи да се развива во некои области и во следните години. Така, на пример, личните интереси, вештините и апстрактните мисли ќе се појават многу подоцна во животот како резултат на континуираниот развој на мозокот.
9. Моето бебе го заслужува само најдоброто
Не брзајте толку. Постои природна тенденција кај родителите да му овозможат сѐ што можат за своето дете, меѓутоа, преголемото пружање и попустливост можат да бидат далеку полоши отколку одвреме-навреме да ги оставите без некои работи. Доколку сакате да ги опсипувате со нешто, тоа нека биде љубов.
10. Родителството доаѓа природно
Не треба повеќе од брз преглед на неколку наслови во медиумите за да ја сфатите лагата во овој мит. Всушност, веројатно и немаше да го читате овој текст доколку сѐ ви доаѓаше природно. Вистината е дека сите треба да научиме што всушност функционира, а што не во одгледувањето здрави деца. Не е ниту срамота, ниту невообичаено доколку побарате совет и помош од квалификувани луѓе. Имено, школите за родителство се сѐ поактуелен тренд во светот, а набргу доаѓаат и кај нас.