Депресивната состојба кај вашето дете е многу повеќе од лош период кој се смета дека ќе помине со возраста

Адолесцентите денес глумат дека се среќни и постојано се смеат и велат дека немаат никаков проблем, а всушност се чувствуваат и победни од другите. Лажната насмевка создава емоционална исцрпеност и внатрешно повлекување и неизнесување на емоциите што тлеат. Сето ова кај денешниот адолесцент станува веќе толку проѕирно низ неговата секојдневна насмевка.

Насмевката е нетипична за многу ситуации, многу е честа и стои на лицето секогаш со иста боја како копија од слика. Но однатре овие адолесценти се многу вознемирени и се чувствуваат празно. Она што го пренесуваат во дел од мојата практика е дека мораат да се смеат за другите да не знаат дека се несреќни, дека патат, зашто не сакаат никој да ги сожалува, дека мора да се грижат за родителите кои се расправаат или се разведуваат, дека денес нема пријател кој ќе те разбере итн. Повеќе од јасно е дека не се задоволни од многу работи како што изгледаат преку својата веќе проѕирна насмевка. Тоа е тажен факт за денешните адолесценти.

Во Македонија, според најновите статистики, има околу 50 илјади млади лица што страдаат од депресивна состојба. На неа вообичаено во тој период се гледа како на нешто релативно и се минимизира сериозноста со одреден потсмев дека сите сме понекогаш депресивни, дека тоа е лош период кај адолесцентите кој ќе помине. За жал, депресивната состојба кај адолесцентите е многу повеќе отколку лош период. Таа може да доведе до сериозни последици фатални за животот кој е пред нозете на адолесцентот.

Постои потрагичен факт дека од малиот процент што се јавуваат дека имаат проблем, само 10% се соодветно третирани. Каде лежи долгорочниот проблем во овој случај, кога последиците се секогаш на товар на оној што е во таквата состојба и иако се јавува за помош, не добива помош?! Оние 90% од адолесцентите што страдаат од оваа состојба се во лага или пак сè повеќе паѓаат во таа замка на болеста наречена депресија.

Под влијание на депресијата, личностите што отсекогаш биле активни и екстровертни одеднаш може да станат тивки и повлечени

Од друга страна, во денешно време се согледува дека оваа состојба станува неминовна кај адолесцентите. Едно е да поминуваат низ емоционална бура (што е нормално за нивната возраст и хормонален развиток), а сосема друго е таа бура од емоции да премине во депресивна состојба која ја следат уште многу други потешки емоции и однесувања. Во овој период адолесцентите поминуваат низ среќни моменти, но покрај нив имаат и толку многу моменти на очај и разочарување со кои не можат и не знаат да се справат и да ги пребродат. Тука клучната улога ја гледам во родителот, односно во неговите воспитни методи и начини во раното детство, како и во неговото време поминато како пријател со своето дете-адолесцент. Токму овој најтежок кризен период од животот потребно е секој адолесцент да го има родителот покрај себе како пријател кој ќе го разбере, подучи, ќе му подаде рака, а тој треба да му развил одредени вредносни системи и самодоверба (стабилност на себепочитувањето и сигурност во себе) уште во раното детство. Родителите неретко оваа состојба ја гледаат како нормална, дури од некои е и незабележана. Но ситуациите што се случуваат се многу обременети со бури на секое поле и тоа не смее да остане незабележано. Имаат проблеми дома, проблеми во училиште, имаат ризични сексуални односи, развиваат омраза кон себе, стануваат насилни, стануваат и насилни кон себе со тоа што посегнуваат кон психоактивни супстанции, а во крајни граници и кон самоубиство.

Со цел да се избегнат несакани последици, оваа состојба да стане болест, препорачувам родителите навреме да ја препознаат оваа состојба преку предупредувачки знаци. Раздразливоста, тагата, промените во навиките на спиење и хранење, лутината и ниската самодоверба се типични за младите што минуваат низ пубертет, па тешко е да се утврди во кои случаи всушност се работи за депресивна состојба или депресија. За да откриете дали вашиот адолесцент страда од депресивна состојба или е „само тинејџер“, земете ја предвид долготрајноста и сериозноста на симптомите. Постојано е тажен и раздразлив, и тоа не само кога контактира со родителите, туку и со пријателите. Не е невообичаено тинејџерите да се однесуваат непријателски кон родителите, а да се како ангелчиња пред пријателите. Лош сигнал е кога средбите со пријателите не ги тргаат тагата и раздразливоста од однесувањето на тинејџерот. Тој може да покажува лутина и агресивност дури и кога не е испровоциран. Имајте на ум дека депресијата кај адолесцентите се манифестира на малку поразличен начин отколку кај возрасните. Додека депресивните возрасни лица најчесто се повлечени и тажни, кај тинејџерите депресијата почесто води до гневно однесување и изблици на лутина. Депресивните адолесценти имаат ниско ниво на толеранција, нетрпеливи се и буквално сè може да ги извади од такт. Понекогаш се агресивни, па дури и насилни.
Тие може често да плачат без да може да кажат која е причината за солзите.

Може да се случи наеднаш да се влоши успехот на училиште. Одличниот ученик кој страда од депресија одеднаш може да почне да добива ниски оценки. Нему му е тешко да се сконцентрира, да помни детали и да донесува одлуки. Му недостигаат ентузијазам и желба за учење. Често ве замолува да го ослободите од часови со изговор дека го боли стомакот или главата. Губи интерес за неговите хобија. Депресијата може да го оттргне тинејџерот од неговите хобија, како свирење на гитара, танцување, пеење, тренирање одреден спорт и сл.

Покажува незаинтересираност за забава и дружење.

Тинејџерите што страдаат од депресија најчесто ја губат желбата за излегување со пријателите или учество во забавни активности кои дотогаш ги развеселувале. Тие може да ги оценуваат друштвените активности како „здодевни“ и „глупави“. Под влијание на депресијата, личностите што отсекогаш биле активни и екстровертни одеднаш може да станат тивки и повлечени.
Тинејџерот може да го изгуби апетитот и драстично да ослабне или да се храни основно со брза храна и нагло да се здебели. Депресијата најчесто е проследена со губење на апетитот, но понекогаш тагата го поттикнува хранењето со мрсна или слатка калорична храна, што води до здебелување. Затоа, важно е да се обрне внимание на драстичната промена во начинот на хранење и во телесната тежина.

Доминантни чувства се беспомошност и бесполезност, ниска самопочит. Коментарите како „Јас во ништо не сум добар“, „Нема ништо убаво во мојот живот“, „Изгледам одбивно“ и „Мојот живот е бесмислен“ се многу чести за тинејџерите што страдаат од депресија. Депресивните адолесценти чувствуваат вина, често се навраќаат на минат неуспех и се пречувствителни на критицизам.
Тие имаат недостиг на енергија и постојано се жалат дека се истоштени, им се чини дека секоја активност бара од нив преголем напор и најчесто одбиваат да стапат во акција.
Имаат нетипични бавни движења и забавено зборување. Депресивните лица не чувствуваат ентузијазам и имаат ниска енергија, па тоа резултира со бавни движења, кратки реченици и забавено зборување.

Инсомнија, предолго спиење, спиење во невообичаен период од денот се исто така знаци. Предолгото спиење и будноста во текот на ноќните часови се карактеристични за адолесцентите. Но, инсомнијата и предолгото спиење може да се знаци на депресија. Депресивните тинејџери може да спијат повеќе од 12 часа, а исто така да ги преспиваат оние периоди од денот што претходно им биле предвидени за забавни активности – саботно излегување на кафе, следење на омилената серија и сл.

Има ситуации кога почнуваат да пушат цигари, употребуваат алкохол или опојни дроги. Употребата на дрога и депресијата често одат рака под рака. Депресивните лица полесно се справуваат со негативните емоции и мисли кога користат легални и нелегални дроги.

Зависност од интернет

Повеќето млади луѓе денес стануваат зависни од интернетот, но депресивните личности го користат како начин да избегаат од реалноста. Тие се приврзуваат толку многу за виртуелниот свет, што презираат сè од реалниот.
Има песимистички и суицидни мисли. Често се шегува за тоа дека ќе се самоубие и користи реченици како „Подобро ќе ми беше да бев мртов“ и „Можеби ќе ме сакате повеќе ако умрам“.

Депресивните адолесценти чувствуваат вина, често се навраќаат на минат неуспех и се пречувствителни на критицизам

Во ваква чувствителна состојба адолесцентите мислат дека е нивна сета беда на светот. Во текот на разговорите слушам дека даваат сѐ од себе, а не добиваат ништо, дека не им е возвратено ништо во нивна корист и дека од сѐ на крајот добиваат само болка. Но она што е особено битно и што кај нив изостанува е гласот на разумот. Немоќни се пред силата на грото емоции што ги преплавуваат. Свеста за самовреднувањето, за смислата на животот е на ниско ниво. Токму тоа поле на самосвесност, самодоверба и слушање на гласот на разумот е точката каде што треба да се работи со адолесцентите што страдаат од депресивна состојба. Затоа се препорачува да се посети стручно лице за овие состојби и од страна на родителот и од страна на самиот адолесцент. Не велам дека адолесцентот нема да дојде, бидејќи и самиот ја чувствува ако не на свој грб, на глобално ниво реалната слика на депресијата и се обраќа ако има можности и отвореност во своите училишта кај психолог. Битно е да се обрне внимание на ова ниво бидејќи, сепак, свеста има неограничена сила, па иако понекогаш се чини како свест за страдање, дури и кога се пројавува во бранови и не дава да престанеме да ја чувствуваме, ние сепак правиме нешто, се обидуваме, се молиме, затоа што има нешто што нѐ држи до одреден начин на размислување кој веројатно не е добро да се напушти.

Многу е битно да се создаде слика кај адолесцентот дека неговото опкружување пројавува поддржувачка и хармонизирачка сила. За да останат цврсти и стабилни колку што можат.
Ќе направам една механичка споредба: колку брзо и да трча коњот, кога ќе застане, колку и да е потресен јавачот, ќе биде на седлото. Родители, бидете тука за вашите деца и побарајте стручна помош!



912

X