Депресијата не е „резервирана“ само за возрасните бидејќи и децата може интензивно да страдаат, особено во овие нови околности поврзани со пандемијата, недостигот на другарите, но и поради новиот животен стил на новите генерации кои сè помалку се дружат, а сè повеќе живеат во виртуелниот свет. Но, промените на расположението се вообичаена појава во сите периоди од животот, па депресијата не е повремена потиштеност и лошо расположение, туку сериозно психичко нарушување и е сè почеста состојба кај младите во современиот свет.

За депресијата се врзуваат многу заблуди, а една од нив е и таа дека од неа заболуваат само возрасните лица. Но, вистината е дека се јавува кај 2-4 проценти кај децата и 4-8 проценти кај адолесцентите. И фактот кој често можеме да го слушнеме – дека за адолесцентите е нормално да имаат променливо расположение – е уште една заблуда бидејќи депресијата е многу повеќе од променливо расположение, тоа е сериозно нарушување кое настанува поради меѓусебно дејствување на различни чинители – биолошки, психолошки и од средината. И мора да се лекува.

Депресијата е нарушување во кое личноста силно страда и не може да функционира на вообичаено ниво, како ни на ниво на соодветната возраст. Нелекуваната епизода од депресијата трае од половина година до една година. Депресијата треба да се лекува за да се намали страдањето на лицето, да се подобри функционирањето и да се спречат компликации (хронична депресивност, суицидалност). Семејството и општеството имаат важна улога во заздравувањето на заболените од депресија – нивната вклученост и поддршка се од пресудна важност.

Ако кај вашето дете сте ги согледале следните предупредувачки знаци, треба да му обезбедите помош:

– Често се чувствува тажно и потиштено;
– Плаче без некоја јасна причина или поради ситници;
– Раздразливо е и бурно реагира – не може да заспие или се буди рано наутро;
– Губи апетит или претерано јаде;
– Тешко се концентрира на училишните задачи и учењето;
– Престанува да прави работи во кои некогаш уживало;
– Сака да биде сам/а и поретко оди надвор и помалку се дружи со другарите.

Поддршката од родителите или другите лица може да го забрза заздравувањето на детето од депресија и да го зголеми влијанието на целокупниот третман. Детето или младото лице можеби нема веднаш да сфати или да прифати дека сакате да му помогнете и дека ќе бидете покрај него. Може да поминат неколку недели пред состојбата да почне да се поправа. Некои денови ќе бидат потешки од другите. Само бидете тука, цело време со својата поддршка и нивното расположение ќе се подобри. Поддршка можете да дадете така што ќе:

– Разговарате со своето дете, внимателно ќе го слушате и сериозно ќе го сфатите.
– Ако детето не сака да ви се довери, најдете некоја блиска личност од доверба – на децата им е често потешко да им се доверат на родителите отколку на некој друг.
– Барајте помош од експерт: психологот од училиштето, стручен соработник од училиштето, училишниот лекар, семејниот лекар, кои ќе ве упатат кај експерти за ментално здравје, доколку проценат дека е потребно.
– Ако детето одбива помош, не откажувајте се, обратете им се самите на стручни лица за советување и насока како да реагирате и што да преземете.
– Прашајте го детето што сака или што би сакало. Не пречесто, доволно е еднаш дневно. Тоа е порака дека имате волја да помогнете, ако детето не може нешто самото да направи.

– Побарајте од детето заедно да водите белешки. Така можете да бидете вклучени во борбата на детето, неговите цели, да научите повеќе за депресијата и како може да ја надвладее. Некои делови постарите деца или адолесценти може да ги задржат за себе и тоа е во ред. Но, на детето ќе му биде драго да знае дека сте заинтересирани за неговата состојба и подоцна може нешто да сподели со вас и да ја побара вашата помош.
– Депресивните лица често имаат ниско ниво на енергија и слаб апетит. Корисно е ако можете да му помогнете на детето во здравата исхрана, редовните оброци и ужина во текот на денот. Можете да го поттикнете детето да јаде почесто, по неколку залаци, за да му се врати апетитот.
– Вежбање, сончева светлина и свеж воздух помагаат во подобрување на расположението.

Охрабрете го детето да излезе надвор со вас, дури и само да седи надвор на тераса или да прошета околу домот или зградата. Добриот сон е еден од клучните услови за добра способност за соочување. Охрабрете го детето да го усвои и да го одржува правилниот ритам на спиење и да не поминува многу време в кревет.
– Алкохолот, дрогата и кофеинот може да влијаат врз расположението, спиењето и способноста за соочување. Следете дали вашето дете користи некои од тие работи. Ако се сомневате дека вашето дете зема нешто од ова, разговарајте со него и советувајте се со експерт за третманот.
– Помогнете му на детето да пронајде решенија за проблемите и предизвиците со кои се соочува. Решавањето на дури мал проблем на детето со депресија може да биде тешко.

Не е корисно:

– Судење на детето и наредување што треба да прави, тоа само ќе ја намали неговата самопочит.
– Да му се зборува на детето „тргни се…“ не е во ред, детето веќе одамна би било „тргнато“ да е во состојба да го направи тоа.
– Да се врши притисок врз детето. Охрабрувањето да учествува во активностите и излегувањата е корисно, но немојте да очекувате од некој што е депресивен некое време дека ќе почне одеднаш нешто да работи. Наместо тоа, прославете го секој успех, без разлика колку е мал, како чекор кон заздравувањето.

Извор: „Сите лица не детската депресија и како да се надвладее – психоедукативна работна белешка “ (Поликлиника за заштита на деца и млади на град Загреб)



912

X