Денешните тинејџери веројатно не се интересираат многу за авантури, совршено тело или состаноци со своите врсници. Според неодамнешна студија на психолозите Џин Твенџ и Хиџунг Парк, тинејџерите повеќе сакаат да седат дома, да му кажат „не“ на алкохолот и на дрогата и да поминуваат време на апликациите од социјалните мрежи.

Во студијата биле анализирани одговори на анкети од 8,3 милиони тинејџери.  По сè изгледа дека денешните тинејџери и помалку сакаат да возат, да работат за плата, да одат на состаноци, да имаат сексуални односи или да излегуваат со своите родители. Сепак, заклучоците се донесени врз основа на индивидуални и лични одговори на анкети.

Твенџ и во своја книга ги има истражувано условите во кои денешните деца растат и се развиваат. Таа вели дека тинејџерите не се мрзливи, туку се производ на својата животна средина, како и секоја друга генерација. Во средината на 20 век животниот век беше пократок, а работата многу поважна, па во тоа време децата растеа релативно брзо, без некој посебен надзор од родителите. Но, по 2000 година луѓето живеат подолго, има повеќе ресурси, па луѓето ги воспитуваат децата да бидат деца подолго време. Па така, денешниот 18-годишник повеќе наликува на 15-годишник.

Она што загрижува со новата генерација „Z“, како што ја нарекуваат психолозите, е стапката на самоубиства меѓу тинејџерите. Таа е повисока дури и од стапката на убиства. Твенџ смета дека главна улога тука играат паметните телефони. Наместо да играат и да работат надвор, тинејџерите го поминуваат времето со своите паметни телефони. Па затоа се чувствуваат изолирано и фрустрирано.

Отстранувањето на телефоните не треба да биде првата цел на родителите ако сакаат да го зачуваат менталното здравје на нивните деца. Твенџ вели дека првата цел треба да биде охрабрување на независност. Ако децата се послободни да се приспособат и вклопат во средината, тие ќе имаат помалку време за паметните телефони.



912

X