Да се биде мајка отсекогаш значело доцно хранење, станување рано за подготовка на децата за училиште и останување до доцна за средување на домот. Но, денешните мајки имаат уште повеќе обврски – што значи уште повеќе непроспиени ноќи од порано.

Според студија спроведена од „УанПул“, во соработка со „Стор бренд инфант формула“, мајките ги искусуваат едни од најстресните години во својот живот бидејќи се борат да обезбедат за своите семејства во време на пандемија. Во студијата учествувале 2.022 мајки на деца под 2 години и откриени се шокантни вистини за реалноста на денешните мајки. 62 проценти од анкетираните мајки откриле дека изгубиле многу сон во 2020 година. Додајте го на тоа просекот од 5 непроспиени ноќи месечно, па може да се заклучи дека мајките губат цели работни недели во неспиење.

Мајките се борат да го избалансираат нивното ментално здравје со родителските обврски. Анкетата ги открива првичните емоции што ги почувствувале во изминатата година, а тука спаѓаат стресот, исцрпеноста, депресијата, анксиозноста и изолацијата. Мајките често страдаат во тишина, не сакајќи нивните лични чувства да им попречуваат на нивните деца. Но, 68 проценти од мајките изјавиле дека 2020 година била најстресната година во нивните животи, а долгорочните ефекти може да бидат клучни за семејствата ако мајките не добијат поголема поддршка.

Финансиските грижи се исто така причина за непроспиените ноќи на мајките. 64 отсто од мајките рекле дека жртвувале многу од финансиски причини, па скратиле голем дел од својот буџет за да се задоволат потребите за нахранување на семејството. Пандемијата и сè што таа донесе предизвика кратење на семејните буџети и посегнување по заштедените средства. За мајките е навистина тешко да се справат со губитокот на заштеденото, бидејќи се плашат од уште понеочекувани предизвици. Трагично, речиси половина од анкетираните рекле дека немаат доволно пари во заштедата за итни случаи – па сето тоа доведува до зголемување на финансискиот стрес.

Мајките често си ги жртвуваат сопствените лични потреби за доброто на семејството. 3 од 10 мајки рекле дека грижата за тоа дали ќе обезбедат доволно храна за семејството им предизвикувала финансиски стрес, а 30 отсто откриле дека прескокнувале оброци за да има јадење за децата.

Нахранувањето на децата прерасна во голем предизвик за мајките. Дури и откако ги прескокнуваат своите оброци, некогаш е речиси невозможно да има храна од плата до плата, ако воопшто и има плата. Мајките пристапувале кон „банки за храна“, организации кои доставуваат храна на оние на кои им е најпотребна. Ваквите организации прераснаа во витални места за поддршка на мајките во вакви предизвикувачки времиња. Всушност, 40 проценти од анкетираните мајки аплицирале во вакви организации за да го снабдат своето семејство со храна во изминатата година.

Сепак, високи 88 проценти од мајките откриле дека често имаат недостиг и од формула за хранење за своите деца кон крајот на месецот. Тоа значи дека мајките треба да прават дури и потешки компромиси со цел да имаат храна за семејството. 52 отсто од анкетираните рекле дека користеле повеќе вода за да ја направат формулата со цел да заштедат пари и скапите продукти да им траат подолго. Разводнувањето на формулата, пак, може да има негативно влијание врз дечињата, со оглед на тоа дека нема во доволна количина да ги примат виталните хранливи материи, па мајките се доведени до степен да избираат помеѓу преземање на овој ризик или останување сосема без храна.

Овие тешки избори се само дел од многуте грижи и товари што мајките ги носат на грб и поради кои не спијат. Освен ако не им се даде повитална финансиска и емоционална поддршка, бројот на овие непроспиени ноќи ќе се зголеми.

Автор: Алис Кели

Извор



912

X