Воспитување

Денес мојот живот е поинаков – станав мајка

Можеби во годините пред да дојде таа во мојот живот од внатрешните рани можев да го повредам секој што ќе поминеше со остар поглед и тагата што ја носев секогаш со себе.

Веројатно во тие години ги оддалечив и ги повредив драгите луѓе со својата болка и немири. Сето тоа е дел од мене и моите патишта, лекции од кои многу научив.

Денес мојот живот е поинаков, станав мајка.

Денес сакаат да ми го земат она моето. Таа, која 9 месеци ги слушаше отчукувањата на моето срце и нејзиното чукаше под моето. Моето највредно нешто, кое живееше во мене. Моето СÈ на светот, поради кое повторно се родив.

Повторно ги вратив силата и вербата во себе. Што им згрешив јас? Што им направив? Ја донесов на свет неа, попосебна од сите принцези од бајки. Го направи овој живот радосен…

Многу жени поминуваат низ тешки периоди. Многу жени се сами во сè и ако ова го читате или познавате некој што е во тешка животна ситуација, бидете покрај него, поддршка му е потребна на секој од нас. Многу жени остануваат во брак бидејќи мислат дека се принудени и дека изолацијата и молчењето се во ред, така мислев и јас. Многу жени мислат дека заради доброто и среќата на детето, не е во ред да се разведат и затоа остануваат.

Не, не е во ред да биде лошо. Не е во ред да му се тргате од патот на сè што ве боли и ве задушува. Не е во ред да живеете со нешто затоа што „морате“, бидејќи ништо не се мора. Не е во ред да се биде без внимание и љубов, живи суштества сме.

Дишете, чукајте на сите врати. Верувајте. Силно држете ги малите рачиња кои сте ги родиле, бидете горди на себе.

Тешко е. Душата боли, стравувате. Дека сето тоа е дел од патот кој треба да го поминеме. Но, гласот на жените е многу посилен од секоја тишина што ја криеме зад 4 ѕида. Не е во ред ако тишината не ни одговара. Не е во ред ако во солзи ги дочекувате утрата. Не е во ред сето она што мислите дека не е во ред.

Не сте сами. Не сме сами. Ви благодарам, на секоја жена што направила чекор и поради тој чекор се чувствувала подобро. Горда сум на секоја од нас!

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top