Дипломираниот економист Давид Стокиќ успеал да направи еколошки играчки и тоа од материјал што не може да им наштети на децата.

Како татко на три деца, со целосна поддршка од сопругата Милица, Давид се обидел целосно да го промени пристапот кон купувањето играчки и да создаде еко-играчки што ја зачувуваат животната средина и не се направени од материјали што можат да им наштетат на децата.

Свесен дека во семејниот дом имале многу играчки од вештачки материјали, како и дека голем дел од нив веќе биле искршени и оштетени, со ограничена можност за рециклирање и знаејќи дека пластичните ја загадуваат животната средина и ќе бидат потребни децении за да се отстрани штетата, одлучил да направи нешто.

Фото: Priče sa dušom

– Прв предизвик беа материјалите што ќе ги задоволуваат наведените потреби, што не можеа да се најдат на пазарот. Затоа изработката на првиот прототип траеше речиси две години. Клучниот материјал за изработка на „Биз & тојс“ производи го пронајдов случајно, во случаен разговор со пчелар од кој години купуваме мед. Во него имам целосна доверба, секогаш добиваме 100 отсто природен мед, произведен на традиционален начин, без додатоци – раскажува Давид.

При една посета тој седнал на едно кафе, а домаќинот со гордост сакал да му ги покаже сите пчелни производи и своето неверојатно знаење од областа на пчеларството. Имало секаков вид мед, прополис, млеч, но главниот производ што му паднал в очи бил восокот.

– Веројатно не би ни сфатил дека овој материјал го барам уште од самиот почеток ако пчеларот во текот на разговорот не го држеше в раце и не си играше со него како со пластелин. Додека го правеше тоа, цело време зборуваше за восокот, за неговите антибактериски и антиинфламаторни ефекти (совршени за здравјето на децата), за тоа дека е еден од најдобрите природни изолатори што постојат, дека неговиот мирис е смирувачки и релаксирачки, како и многу други карактеристики. Но, веројатно сите овие информации би ми избегале ако не видев колку едноставно се формира восокот. Во тој момент сфатив и зошто восочните фигури се прават од восок и помислив дека тоа е материјалот што целосно ги исполнува сите поставени критериуми. Бев сигурен дека од него можат да се направат играчки што ќе овозможат правилен развој на моторните способности на детето.

Фото: Priče sa dušom

Материјал имал, но не и играчка. Со оглед на ограничените средства со кои располагал, тој одлучил тоа да биде првата играчка за секое бебе. Сакал децата од почеток да добиваат најдобри производи за нивното растење, но и од прв ден, заедно со родителите, да го менуваат светот на подобро.

– Поканив двајца пријатели да се вклучат во проектот. По шест месеци развивме технолошки процес и го направивме првиот прототип – кадифена играчка со внатрешен слој од восок. Бевме воодушевени, создадовме играчка единствена во целиот свет. Бевме свесни дека тоа нема да значи ништо ако идејата не им се допадне на потрошувачите. Вложивме многу пари, труд и време работејќи на развој на производи и поради тоа имавме неверојатно трема секојпат кога требаше да го презентираме производот пред младите родители и бебиња. Но, реакциите беа фантастични и по две недели знаевме дека создадовме уникатен производ – се сеќава Давид.

Фото: Priče sa dušom

Давид и неговата сопруга беа поддржани од Фондот за иновации, а без тоа, како што велат, прашање е кога би стигнале до овој момент кога имаат готов производ со сите сертификати неопходни за извоз во Европската унија.

Давид и Милица се родители на три деца: 5-годишниот Максим, 9-годишната Ива и 11-годишната Миа.

– Целата сила ја добивам од сопругата и децата. Кога имаше тешки моменти, а имаше многу, најголемата сила и мотив доаѓаа од нив. Што се однесува до опкружувањето, имаше и такви што беа „за“ и „против“. Денес секаде е ризично да се занимаваш со развој. Но, едноставно не ќе можев да се погледнам в очи ако не се обидев да го направам ова – вели Давид.

Фото: Priče sa dušom

– Се разбира, производот ќе биде достапен на домашниот пазар по пониска цена од оној во странство. Планираме да го развиеме бизнисот на странските пазари, каде што ваквите производи имаат многу поголеми шанси за продажба. Пазарот на играчки изнесува 100 милијарди долари годишни приходи, така што немаме проблем со конкуренцијата. Нашата желба е да создадеме што е можно повеќе производи од природни материјали и да ги замениме пластичните што ја загадуваат животната средина. Не мислиме дека нашиот производ ќе го покрие цел свет, но сакаме да ја поддржиме секоја иницијатива чија мисија е слична на нашата: нашите деца да живеат во здрава и безбедна средина, поради што е неопходно драстично да се намали употребата на пластиката во детските играчки – вели Давид.



912

X