Се плашиме за нашите деца бидејќи поминуваат многу време во домот. Психолозите препорачуваат повеќе дружење, а помалку време поминато пред екран. Со пријателите децата се развиваат и на друштвен и на емоционален план. Надвор го запознаваат реалниот свет.

Но, дали работите ќе се променат на подобро ако ги тераме да излезат од дома? Мислам не.

Ајде првин да научиме да ги разликуваме поимите:

Самотијата е состојба кога нема луѓе околу вас – сами сте во просторијата.

Осаменоста е состојба кога сте тажни што немате друштво и кога се чувствувате изолирано.

Дали може да се чувствувате осамено и кога сте во друштво? Да.

Дали децата треба да поминуваат повеќе време надвор? Да, но не по секоја цена.

Ако децата најдат нешто креативно да го работат кога се сами, тие и на тој начин цветаат како личности. Самотијата може да стане голем извор на задоволство.

Во западниот свет постои мит за дружељубивоста. Ако сте друштвени, вие се кул. Ако сте тивки, вие сте досадни. Како да морате да имате силен друштвен живот за другите да мислат дека сте доволно добри. Како екстровертните луѓе да имаат поголем квалитет од интровертните.

„Ако сте осамени кога сте сами, тогаш сте во лошо друштво“ – Жан Пол Сартр

А што ако детето сака да биде само?

Иако имав многу друштва, како адолесцент бев осамена. Сакав да ми се јавуваат, постојано да има некоја забава, да сум поблиска со другарките… Животот мораше да биде реклама од „Кока-Кола“. А потоа ја открив самотијата и осаменоста исчезна.

Многу луѓе избегнуваат да останат сами наместо така да ги наполнат своите батерии. Непријатно им е, со премногу работи треба да се соочат и да расчистат. Дали во друштвото е спасот?

Интеракцијата со врсниците е единствен начин децата да станат зрели личности. Врсниците на многу начини ја одредуваат сликата што детето ќе ја има за себе. Со појавата на социјалните медиуми стана уште поважно кој и колку ќе те сака.

Сепак, на интернет често од луѓето излегува најлошото. Коментарите и тролањето ги прават тинејџерите депресивни. Младите девојки ги објавуваат своите фотографии со желба да ја зајакнат својата самодоверба, а често се чувствуваат осамено кога ќе ги проверат своите профили на социјалните мрежи.

Наместо да овозможат комуникација, социјалните мрежи го прават антисоцијалното однесување нормално.

– Станува збор за засолниште, тинејџерите избираат да останат внатре, во својата безбедна зона, на своите телефони, наместо да излезат и да поминат време со луѓе во директен контакт. Друштвените интеракции кога сме млади се доста страшни бидејќи не знаете каде се вклопувате и сè уште учите како да ги правите сите тие работи, па наместо да поминат низ тие ситуации, тинејџерите ги користат своите телефони за да го избегнат сето тоа – вели Лола Реј за веб-страницата „Refinery“, која сака да им помогне на тинејџерките кога станува збор за изолацијата и социјалната анксиозност поради користење на социјалните мрежи.

Навистина, интернетот и социјалните медиуми ги прават младите да бидат уште поотуѓени. Но, тинејџерите отсекогаш се чувствувале осамено. Немаат доволно знаење за да се соочат со животот и своите турбулентни чувства. Созревањето отсекогаш било тешко, но за тоа не се зборуваше. Додека растете, сакате сите да ве сакаат. Сакате да сте најубави, најпаметни и најсилни за на другите да им покажете колку сте добри.

Мора да најдеме баланс меѓу излегувањето на нашите деца и наоѓањето пријатели и уживањето во сопствено друштво. Запознајте се себеси и кога сте меѓу другите и кога сте сами. Самотијата може да ве излекува. Исто така, може да ви помогне да се развивате ако нешто создавате или ако некому помагате.

А ако на вашето дете сепак повеќе му треба друштво, постојат начини да му помогнете.

Како да им помогнете на вашите деца да не се чувствуваат осамено?

Еве што може да направи детето за да се чувствува подобро:

Да волонтира

Детето што им помага на другите се поврзува со луѓето различни од него. Учи дека постојат различни судбини и неговиот поглед на животот се менува. Исто така, добро се чувствува затоа што помага некому и што му е потребно некому. Чувствува дека има цел и дека станува дел од нешто големо. Добива животно искуство и ја зајакнува својата самодоверба.

Да најде хоби

Ова е одличен начин за вниманието на детето да се насочи на она што навистина го сака. Исто така, може да запознае нови пријатели ако избере некаков спорт, танц или уметност.

Да почне да создава

Клучот е во тоа детето да создаде нешто само. Во интервју за весникот на „Харвард“ професорот Елен Винер зборува за тоа колку е важна уметноста.

– Различните видови уметност се начин да се интерпретираме и разбереме и себеси и другите и се еднакво важни како и природните науки.

Создавањето уметност ни помага подобро да се справиме со стресот. Дури и кога некој не е талентиран, неговата анксиозност и депресија ќе се намалат додека нешто создава.

Да чита

Како тинејџерка ја најдов „Пет пријатели“ на Инид Блајтон, па не ми беше досадно иако паркот летото беше празен. Читањето ве опушта и кога сте напнати. Така, учите нови работи, а вашата креативност се зголемува.

Разговарајте со децата: Што сакаш да бидеш кога ќе завршиш со училиштето?

Децата лесно се губат помеѓу проблемите со контролата и со врсниците. Ако размислуваат за тоа што можат да бидат, добиваат нешто кон кое ќе го насочат фокусот.

Тука сум за тебе. Секогаш

Помогнете им да станат поотпорни: нека знаат дека животот е и добар и лош. Радувајте им се на успесите, разговарајте за поразите.

Објаснете им дека нивните лоши чувства се во ред и дека секој ги има. Тие доаѓаат и си одат. Бидете им поддршка кога се соочуваат со стравови. Помогнете им да разберат како се чувствуваат другите луѓе.

Емпатијата ќе им помогне да имаат подлабоки односи со другите.

Добар си баш таков каков што си

Ако детето постојано бара друштво и е поврзано со пријателите, веројатно е несигурно. Треба да знае дека не мора да се однесува како најпопуларното дете.

Не земај го тоа при срце

На пример, не е важно ако го исфрлат од игра. Разговарајте за ситуацијата, но вашето дете нека не мисли дека таа случка е премногу важна.

Можете да кажете: – Тоа е безобразно. Но, не грижи се, девојчето што те избрка не знае да си игра со сите. Ако детето си го земе настанот при срце, ќе помисли дека тоа е виновно. Или ќе биде огорчено на друго дете, а огорченоста и бесот ни ја одземаат моќта.

Кога не ти требаат луѓе, тие ќе дојдат кај тебе

Ова може да се чини како совет што не сакате да му го кажете на некој што сака да поминува повеќе време со пријателите. Сепак, ако детето е чувствително и му треба многу внимание, ќе му биде потребно и квалитетно време поминато во самотија за да се најде себеси и да се опушти.

Утешете го така што ќе му кажете: – Ако си доволно дружељубив, пријателите ќе те побараат.

Многу аутсајдери успеале во животот, а многу популарни девојки не

Многу често врсниците не можат да видат колку си одличен. Овие луѓе биле задевани или малтретирани на училиште: Ед Ширан, Шарлиз Терон, Лејди Гага, Џесика Алба, Џенифер Гарнер, Џастин Тимберлејк и Еминем. Иако нивните соученици се однесувале лошо кон нив, тие станале успешни и исполнети.

Квалитет пред квантитет

Подобро е да имаш неколку пријатели отколку да бидеш другар со сите. Популарноста не те прави среќен, туку неколку добри другари.

Секогаш ќе најдеш „хејтери“ на интернет

Социјалните мрежи се одлично место за покажување непријателство. Сите се поагресивни на интернет, па речете му на вашето дете:

– Она што тоа дете го кажа за тебе не е точно. Тој така го гледа тоа бидејќи гледа низ своите чувства. Сакаше да навреди некого за сам да се чувствува подобро.

„Осаменоста е сиромаштија на душата; самотијата е богатство на душата“, Меј Сартон, американска поетеса

Друштвото на врсници е неопходно во развојот на секое дете. Сепак, ако се чувствителни или имаат специфични интереси, на некои деца повеќе време им е потребно да поминуваат сами. Самотијата лекува и ви помага да се подобрите. Наместо да ги терате да одат надвор по секоја цена, помогнете им на децата да уживаат во тие моменти. Подобро е да поминете време сами на значаен начин отколку да бидете со непријателски настроени врсници или да продлжувате со површни односи.

Автор: Мариа Милојковиќ, преведувач и писател



912

X