Одамна знаеме дека во болница, кога се породуваме, не ни даваат никакви упатства за употреба, кога донесуваме нов живот на светот. И ова стана малку клише. А и да сакаат, како можат да ви дадат упатство за нешто што сега постои првпат, што вие самите сте го создале и никој не го имал пред вас.

Јасно е дека токму затоа родителството е најтешката работа на светот. Секое дете што доаѓа на светот е уникатно и единствено, и бара пристап што ќе биде приспособен за него за правилно да се развива и да стане најдобрата верзија од себеси.

А во потрага по тој пристап сите ние правиме грешки. Некој помалку, некој повеќе, но речиси секој родител му го посакува најдоброто на своето дете. Некои од најголемите грешки што ги правиме, а сме имале најдобра намера, може да се избегнат.

– Ученик од кој никогаш не се бара ништо што не може да направи, никогаш не прави сè што може – Џон Стујарт Мил

1. Се обидувате од нив да направите гении по секоја цена

Многу родители чувствуваат потреба да им помогнат на своите деца создавајќи идеални услови за развој. Да станат гении. Најпаметниот во одделението, најуспешниот во поширокото семејство. Но, тоа има своја цена. И тоа многу висока. Премногу фокусирани активности и преполни распоред уште на претшколска возраст има сè повеќе.

Како резултат на тоа, овие деца стануваат незадоволни и постои голема можност до средно училиште да „прегорат“ од сите притисоци и очекувања што им се наметнати.

Сакајќи да воспита гениј, родителот може да биде фрустриран ако забележи дека не успева. Може дури и да се налути ако забележи дека детето не ја дели неговата силна желба, па не забележува дека едукацијата на младите е долгорочен проект. Учењето, исто така, вклучува обиди и грешки и големо трпение. Друг факт е дека самодовербата игра огромна улога во оценките на детето.

Едно истражување покажа дека 82 отсто од децата што почнале основно училиште биле сигурни во своите способности за учење. Овој процент драматично опаѓа до 16-годишна возраст. На оваа возраст само 18 отсто од адолесцентите веруваат во тоа и тој процент продолжува да паѓа како што се приближуваат до запишување на факултет.


2. Резултатите и оценките на училиште стануваат најважна работа во семејството

Кога училиштето ќе го ставите во центарот на семејниот живот, треба да се запрашате каква порака им испраќате на децата. Вашите деца можеби мислат дека не ги земате предвид нивните лични и емоционални животи. Ако прашањата што им ги поставите се вртат околу она што го научиле тој ден, оценките што ги добиле и домашните задачи, детето може да помисли дека вреди само ако резултатите што ги постигнува се добри.

Некои родители се склони дури и целосно да ги ослободат своите деца од домашни обврски за да се фокусираат на учењето. Ова е грешка, затоа што тие не стекнуваат добри работни навики и чувство на одговорност за семејството, страда и социјалниот развој на детето, развојот на моториката, потребата да биде уредно и да придонесе за семејството.

3. Награди и казнувања

Така доаѓаме до големата тема – оценки. Многу родители ги наградуваат добрите оценки и ги казнуваат лошите. Или двете. Затоа, тие можат да ги занемарат надворешните и внатрешните фактори што влијаат врз оценката на детето. Тие можат да влијаат врз концентрацијата, перформансите или вниманието на вашето дете. Од друга страна, кога постојано давате надворешно засилување, вашето дете може да ја изгуби внатрешната мотивација.

Најдоброто што можете да го направите е да ги пофалите нивните добри резултати велејќи им: „Се гордеам со тебе“ или „Треба да бидеш горд на својата работа и резултатите“. Од друга страна, кога нивните оценки не се најдобри, обидете се заедно да анализирате што може да се промени. На тој начин заедно ќе можете да ги поправите грешките.

4. Извршувајте ги домашните работи заедно со децата

Многу родители учат со своите деца. Во зависност од тоа како го прават тоа, може да се случи детето да стане целосно неспособно да учи самостојно.

Родителите ја прават оваа грешка затоа што сакаат да бидат сигурни дека детето ќе ги исполни своите обврски. И тоа е во ред, но дозволете му и да згреши. Наставникот нека го поправи. Домашните задачи за тоа служат.

На детето треба да му се дозволи да носи свои одлуки. Тоа не значи дека треба да му свртите грб кога ќе побара помош, но запомнете – помошта за домашните задачи не е да седите покрај него и да работите заедно. Помош е кога детето се обидува самостојно, заглавува, а вие му помагате САМО да го најде патот до решението. Не носете го до целта, помогнете му да го најде патот.

 


5. Секогаш ги преиспитувате одлуките и постапките на наставникот

Не би поверувале колку родители ги доведуваат во прашање работата на наставникот и училиштето. Можеби и вие сте еден од нив. Наставникот дава многу домашни, наставникот дава малку домашни. Наставникот е премногу строг или наставникот им попушта. Ако ја критикувате работата на училиштето пред вашето дете, испраќате спротивставени пораки.

Ова не значи дека сите наставници се добри и сите училишта се квалитетни и дека нивната работа не треба да се преиспитува. Тоа само значи дека прво треба да почнете од себе и да се запрашате – дали моите очекувања се исполнети и дали сум компетентен да кажам што е и што не е во ред кога станува збор за образованието?

Она што на секое дете му треба многу повеќе од диплома е слободно време за игра, најмалку девет часа сон, барем еден час активна игра на отворено и родители кои го сакаат поради она што е, а не поради она што би можело да биде.

Автор: А. Цвјетиќ
Извор



912

X