Студија спроведена на 500 жени кои биле бремени во тоа време или неодамна се породиле покажала дека поради грижата да не се предизвика алергија на детето, четвртина од нив престанале да јадат јаткасти плодови, 20% од нив се откажале од храна со глутен, а 16% внимавале да не внесат полен во телото.

Покрај тоа, 57% биле загрижени за пренесување на нивните алергии на нивното дете, со тоа што 41% од бремените жени кои страдаат од алергиски ринитис (алергија на полен) не знаеле дали треба да продолжат со лековите и сметале дека се лошо информирани.

Општиот лекар и експерт за семејно здравје д-р Ширин Емадосадати го нарачала гореспоменатото истражување за разоткривање на различните митови во врска со алергиите во бременоста.

„Разбирливо е што многу идни мајки се грижат за алергиите и пренесувањето на чувствителноста врз нивното бебе, но некои истражувања покажуваат дека изложеноста на вообичаени алергени, како на полен, јаткасти плодови и јајца за време на бременоста всушност може да биде корисна“, вели таа.

И додека денес 22% од трудниците веруваат дека нема доволно информации за алергените и влијанието врз бебињата, пред неколку децении тоа загрижувало дури 40% од нив. Денес, според истражувањата, 42% од идните мајки се обраќаат до бабиците со такво прашање, 37% им се обраќаат на лекарите, додека 27% од нив бараат одговори на „Гугл“.

„Како и со многу состојби во бременоста, многу митови и полувистини се појавуваат и за алергиите“, вели Емадосадати и додава дека бременоста не е причина за жените со алергии да страдаат. Додава и кои верувања за алергиите се вистинити, а кои митови:

-мит е дека алергиите се влошуваат со секое изложување на алергенот

-точно е дека симптомите на алергиски ринитис може да се влошат за време на бременоста

-мит е дека алергијата и нетолеранцијата се исти; иако некои симптоми може да бидат слични, нетолеранцијата на храна може да предизвика надуеност, абдоминална непријатност итн., додека алергиите можат да бидат опасни за живот

-точно е дека алергијата на полен може да исчезне или да се ублажи со текот на годините

-мит е дека медот може да ги намали симптомите на алергија на полен.

Извор



912

X