Повеќето жени не објавуваат за нивната бременост веднаш откако дознале за добрата вест и се верува дека повеќето од нив чекаат да помине првиот триместар.

25-годишната блогерка и мајка објаснува зошто бременоста ја објавила во нејзината деветта недела. Младата Австралијка е една од најголемите инстаграм-ѕвезди и го споделува своето секојдневие.

– По осум месеци обидување, многу бес, уште повеќе солзи и многу негативни тестови за бременост, јас сум бремена. Денес сум трудна деветта недела и еве зошто ја објавив бременоста. Социјалните норми нѐ спречуваат да ја објавиме бременоста во првите 12 недели. Сепак, мојата дневна рутина се состои во споделување интимни детали од мојот живот – вели Софи.

– Некои луѓе би рекле дека можеби споделувам премногу. Сепак, најубавиот дел од сето тоа е што само јас одредувам кои информации ќе ги споделам. Ова е мој блог и мој живот. Не одлучив да ја објавам бременоста од каприц. Веќе имам дете. Свесна сум за ризикот и знам дека не е вообичаено. Но, кој одлучува што е прифатливо за мене? Ако нешто тргне наопаку, ако се случи спонтан абортус во оваа бременост, во следните три недели или подоцна, и онака би го споделила тоа во блог. Би ги споделила болката во срцето, солзите и искуството од губењето на детето. Сето тоа е мојот блог. Споделувам сè со читателите, добро и лошо, и преку блогот се обидувам да бидам целосно искрена со светот – пишува Софи.

Времето потребно за да дојде до бременост се разликува од пар до пар, а една од причините за грижа е спонтаниот абортус.

– Спонтаните абортуси не се невообичаени и се јавуваат кај 10-15 отсто од жените во репродуктивна возраст. Со оглед на тоа што најчеста причина за рани абортуси е хромозомска грешка, логично е дека нејзината фреквенција кај постари бремени жени е поголема, дури и до 40-50 отсто. Некои други можни причини вклучуваат автоимуни нарушувања, ендокрини нарушувања, како што се дијабетес, нарушувања на тироидната жлезда, синдром на полицистични јајчници, абнормалности на матката, како што се миоми, полипи, инфекции, неухранетост или дебелина. Фактори на животната средина како пушење, прекумерно консумирање алкохол, дрога или некои хемиски агенси – објаснува гинекологот д-р Петра Подбовник Брлешиќ.

За голем дел од спонтаните абортуси не може да се открие причината, така што, за среќа, станува збор само за изолиран случај, по што ќе настапи сосема нормална бременост и раѓање на здраво дете.

– Ако се случи спонтан абортус кај инаку здрава жена, нема потреба од паника, туку утешува фактот дека има многу мали шанси да се повтори таквата ситуација – вели гинекологот.

Извор



912

X