Носењето одлука за забременување е голема. Но, сега е уште покомплексно поради пандемијата со Ковид-19. Па дали е ова соодветен период за да се забремени? Или можеби е помудро да се почека? Кој е ставот на експертите од оваа област по ова прашање, пишува Кетрин Пирсон за „Хафингтон пост“.

Постојат многу непознати работи.

Поминаа месеци по првиот регистриран случај во Кина, но центрите за контрола на зарази и превенција беа јасни дека сè уште нема многу достапни научни истражувања за Ковид-19 и бременост во овој период. Здравствените експерти не знаат дали бремените жени имаат поголем ризик од другите кога се работи за заболувањето. Исто така, не знаат дали може да развијат потешки симптоми доколку се инфицираат, ниту дали ќе има штета за бебето доколку мајката заболи од вирусот.
– Не знаеме многу работи – вели д-р Мери Џејн Минкин, клинички професор по гинекологија и акушерство на универзитетот „Јејл“.

Но, има неколку причини поради кое може да се биде оптимистичен за бременоста и Ковид-19.

– Не уочуваме трансмисија на вирусот кон фетусот, што е одлично – додава Минкин. Тоа значи дека ако некоја бремена жена добие Ковид-19, доказите покажуваат дека многу малку е веројатно вирусот да се пренесе на бебето за време на бременоста или, пак, породувањето. Слично на тоа, нема доказ дека вирусот го зафаќа и мајчиното млеко, иако д-р Даниел Рошан од Њујорк, гинеколог-акушер специјализиран за високоризична бременост, вели дека можеби доењето во таков случај не е најдобрата идеја.

– Ако на мајката ѝ е дијагностициран коронавирусот, се препорачува да го измолзува млекото и да го храни бебето индиректно, за да не диши во близина на детето – вели д-р Рошан. Сепак, бременоста може да доведе до големи промени во имунолошкиот систем, што може да ја изложи бремената жена на повисок ризик од сериозни компликации ако заболи од респираторни вируси, на пример, грип. И тие имунолошки промени се причина што Американскиот колеџ на гинеколози и акушери ги поставува бремените жени како ризична популација за Ковид-19.

Првиот чекор? Виртуелно закажување со бабица или гинеколог-акушер.

Ако имате во план да забремените, треба да закажете преглед, односно најдобро е телефонски да разговарате со лекар или бабица, вели Минкин, дури и ако не сте сосема сигурни како сакате да се одвива целиот процес. Тие може да ве упатат и да ви ги соопштат сите сознанија што досега ги имаат во врска со новиот вирус и бременоста. Ќе ја земат предвид вашата историја и ќе создадат мислење дали треба да донесете одлука за проширување на семејството или да почекате. Ќе ве информираат и за потребните хранливи материи, витамини и минерали кои треба да ги земате пред да се обидете да забремените, како фолна киселина и слично, и како да го заштитите плодот за време на бременоста. Ќе споделат со вас здрави навики и практики за да се одржувате во форма и добро здравје, ако се дојде до конечна одлука за забременување – и тука се важни миењето на рацете и социјалната дистанца.

– Постојано слушам поплаки од пациентите, но јас им велам да не креваат паника. Многу луѓе ќе го добијат вирусот, но повеќето од нив ќе заздрават – вели д-р Рошан.

Постојат некои групи што НЕ треба да се обидуваат да зачнат дете сега.

Иако за многумина е особено важно да користат репродуктивна медицина за зачнување, сепак, во моментов сите вакви третмани се суспендирани, по одлука на Американското здружение за репродуктивна медицина. Тука се вбројува вештачкото оплодување, ин витро. Исто така, лекарите се советуваат да ги откажат трансферите на ембриони. Жените што имаат историја на срцеви и белодробни заболувања веројатно треба да почекаат со забременувањето, вели д-р Минкин и додава дека овие разговори треба да ги спроведат со своите матични лекари.

– Ако имате некоја хронична здравствена состојба, можеби треба да размислите дали да останете бремени овој период – додава докторката.

Бидете сигурни дека сте го зеле предвид и менталното здравје.

Во Њујорк, кој стана епицентар на пандемијата со Ковид-19, одредени болници им велат на бремените жени дека не смее никој, ниту партнерот, да биде со нив додека се породуваат. Не е јасно зошто оваа практика е изземена во други делови од САД, но факт е дека целиот процес и одлуките се менуваат многу брзо. Дури и најдобрите епидемиолози, специјалисти за заразни болести и други експерти не можат да предвидат што ќе се случува со светот во однос на Ковид-19 во период од 9 месеци, колку што трае една бременост.

Бременоста, породувањето и периодот по породувањето може да бидат неверојатни искуства, но може да претставуваат и емоционален и физички данок, дури и во најдобрите услови. Ова се работи што треба да се имаат на ум кога размислувате за забременување. Дали целата неизвесност е премногу стресна? Дали сте размислиле како ќе се чувствувате по породувањето, а истовремено практикувате социјално дистанцирање? Како ќе се справите со тоа ако имате голема желба да го проширите семејството што е можно поскоро?

„Се надеваме дека вакцината ќе биде достапна во следниот период. Но, тоа можеби нема да се случи во следните 9 месеци. Се надеваме дека ќе имаме нешто сигурно за период од 1 до 2 години – вели д-р Минкин.



912

X