Справувањето со стравот може да им помогне на децата да станат поотпорни, но трилерите и хорор-филмовите не се за секого. Ако одлучите да им дозволите на вашите деца да гледаат хорор-филмови, во продолжение ви нудиме совети за тоа како да ја зголемите веројатноста за позитивно искуство.

– Кога мојата 12-годишна ќерка ме праша дали може да ја гледа научнофантастичната серија „Почудни нешта“, јас веднаш реков не. „Сериозна си? Премногу е страшна!“ ѝ реков. Во последната сезона се појави толку страшно чудовиште, што тимот за визуелни ефекти мораше да го ублажи факторот на одвратност.

Во нормални времиња, можеби не би рекла „не“ на гледањето страшна серија. Но, ова не се нормални времиња. Поради пандемијата, многу деца се справуваат со зголемена анксиозност. Загрижена бев дека страшната серија само би разгорила поголем страв.

Но, подоцна наидов на ново истражување кое вели дека љубителите на хорор-филмовите психолошки подобро се држат за време на пандемијата.

– Ако работите се страшни во светот, се чини дека за некои луѓе има смисла надминувањето на нешто страшно што се појавило на телевизија, видеоигра или книга – вели водечкиот автор на истражувањето, Колтан Скривнер, кандидат за докторат во одделот за компаративен човечки развој на Универзитетот во Чикаго.

– Една од причините што хоророт се поврзува со помало психолошко вознемирување е тоа што хорор-фантастиката ѝ дозволува на нејзината публика да практикува борба со негативни емоции во безбеден амбиент – пишува во истражувањето.

Дали ова значи дека серии како „Почудни нешта“ може да се добри за децата?

Хорор-филмовите и отпорноста

Истражувањето на Скривнер се фокусирало на возрасни, така што не е јасно дали децата што гледаат застрашувачки филмови ќе ги доживеат истите психолошки придобивки. Но, од гледна точка на развојот, учењето да се справат со стравот им помага на децата да изградат отпорност, вели Шели Драј, директор на „Енејбл мај чајлд“.

Гледањето хорор-филм е уште една можност да почувствувате страв и да се движите низ таа емоција во релативно контролирана средина. Исто така, ни овозможува да практикуваме емпатија и да земеме одредена перспектива предвид. Кога децата се сведоци како измислените ликови се справуваат со застрашувачки ситуации, тие можат да научат да го негуваат сопствениот став кон преживувањето.

– Дел од развојот на отпорноста е способноста да се идентификуваат позитивните страни, како и стратегиите за справување со нештото – вели д-р Драј. Земете го предвид факторот на стравот на вашето дете. Дали треба да му пуштите класичен хорор-филм? Одговорот ќе се разликува за секое семејство.

Прво, родителите треба да ги земат предвид вредностите на нивното семејство, вели д-р Драј. Дали хорор-филмовите се нешто што го дозволувате и уживате да ги гледате во вашето домаќинство? Ако одговорот е да, тогаш треба да ја процените подготвеноста на вашето дете. И покрај тоа што не постои возраст на која би биле соодветни хорор-филмовите, д-р Драј препорачува да не им пуштате хорор-филмови на многу мали деца поради потенцијалот да создадете долгорочна вознемиреност. Околу четвртата година од животот децата откриваат како да управуваат со стравовите што природно се развиваат во детството, а хорор-филмовите може да бидат премногу за нив.

Следно нешто е да ја разгледате личноста на самото дете и неговите интереси.

– Некои деца ќе речат: „Тоа не е реално, тоа е фантазија“ – вели д-р Драј. Други се почувствителни и им треба подолго време да закрепнат од гледањето нешто страшно. Исто така, треба да препознаете што едно дете го смета за страшно, а на друго би му пречело. Филм за мачки и пчели би бил прекрасен или застрашувачки во зависност од тоа кој гледа.

Не можеме да предвидиме како нашите деца ќе реагираат на хорор-филм, но можеме да ја зголемиме веројатноста дека тоа ќе биде позитивно искуство.

Прегледајте го или барем дознајте за што се работи во филмот што вашето дете сака да го гледа за да видите дали е премногу. Ако жанрот хорор е нов за вашето дете, и Скривнер и д-р Драј сугерираат да почнете со филм што не е многу страшен, па гледајте го со вашето дете. Тоа може да биде цртан или анимиран филм како „Кошмарот пред Божиќ“ или „Чудовишта“. Можете да го гледате филмот во текот на денот, за да го намалите факторот на страв.

За време на филмот, признајте во кои моменти ви е страв и споделете со вашето дете како се справувате со него.

– Реакцијата на родителите и како тие се справуваат со тоа е важна – вели д-р Драј. Така децата ќе знаат дека и возрасните доживуваат страв додека гледаат филм и дека и тоа е во ред.

Без оглед дали го гледате филмот со вашите деца или не, потсетете ги дека секогаш имаат можност да ја напуштат просторијата и да го исклучат филмот. Бидете подготвени да разговарате за филмот и да им помогнете да ги деконструираат сите елементи што биле вознемирувачки и интензивни.

Како можете да откриете дали филмот е премногу страшен за вашето дете? Зголемување на кошмарите или ноќните терори, проблеми со заспивањето и стравот од непознати луѓе, стравот од темница или стравот дека ќе остане само во темница се црвено знаме, особено ако вашето дете не покажало вакво однесување пред да го погледне филмот, вели д-р Драј.

Најчесто, оваа вознемиреност е краткотрајна и ќе се повлече, но укажува на тоа дека детето можеби сè уште не е подготвено за страшни филмови.

Дали постојат хорор-филмови што се тотално забранети за деца?

Ако некој филм и понатаму ве плаши вас, иако сте возрасна личност, тогаш веројатно не е добар избор ни за вашите деца. Така, на пример, „Егзорцист“ или „Прстенот“ се филмови кои не би требало да ги гледаат вашите деца. Можеби кога ќе бидат многу, многу повозрасни.

Хорор-филмови соодветни за деца

Од анимирани филмови до омилени филмови од 80-тите, ова се хорор-филмовите што треба да ги земете предвид, почнувајќи од благ хорор до крајно морничав:

„Кошмар пред Божиќ“

„Лавиринт“

„Гунис“

„Коралина“

„Гремлини“

Серијалот филмови за „Хари Потер“

„Другите“

„Шесто сетило“

Aвтор: Џина Рич
Извор



912

X