Воспитување

Дали строгоста = послушност?

Смеа, шега, игра, разиграност, опуштеност се посакувани активности и состојби во односот меѓу родителот и детето. За жал, многу родители се плашат дека ќе го изгубат авторитетот ако со детето се шегуваат на „сериозни теми“, ако неговите обврски и задачи му ги претстават како игра и забава, ако се опуштени во напнати ситуации…

А всушност е сосема спротивно.
Работните навики секако треба да се воспостават кај детето, а јасните упатства и доследноста на родителите се повеќе од половина успех. Ако тоа дополнително на детето му го соопштиме на поприроден и поприфатлив начин, можеме да сметаме дека сме направиле „добра работа“.

Негативните емоции создаваат отпор

Воспоставувањето работни навики е важна задача и за родителите и за децата, но сериозноста на оваа задача не треба да се меша со начинот на кој им ја претставуваме. Бидејќи строгиот глас, изречни барања, повишен тон, сериозен израз на лицето создаваат тензија, напнатост, отпор, тага, страв или гнев кај детето. Дали навистина го сакаме тоа?
Кога на ваков начин нешто ќе му се претстави на детето, кај него се создава непријатна емотивна состојба, бидејќи и гласот и лицето тоа јасно го порачуваат – децата умеат да го „читаат“ нашето лице и да ја „почувствуваат“ емоцијата во нашиот глас. Кога сте премногу сериозни, строги, кога вашиот глас е студен, ни едно дете (а ни возрасно лице) нема да ви возврати со насмевка и радост бидејќи кај него сте предизвикале непријатност.
На почетокот детето ќе го извршува зададеното, но со текот на времето тоа ќе го прави со сè помалку волја, бидејќи негативните чувства не можат никого да мотивираат. И наместо да се воспостават навики за извршување на задачите, ќе се појави отпор.

Децата сакаат предизвици

Кога на детето она што треба да го направи ќе му се претстави како предизвик и игра, кога задолжителните обврски се поврзуваат со позитивни, пријатни емоции, многу се поголеми шансите навиките да се одржат со години.
Веќе сте забележале дека децата ги привлекуваат луѓе што се опуштени, кои се смеат, кои ги „предизвикуваат“ со забавни игри, загатки… Сте забележале дека децата со задоволство се впуштаат во сите активности што тие луѓе ќе им ги предложат и буквално со трчање ќе го направат тоа што се бара од нив. Зошто? Затоа што ги мотивирале позитивните чувства што тоа лице ги предизвикало со своето однесување, глас, со ведриот израз на лицето.
Поентата е дека која било активност што детето ќе ја поврзе со забава, со чувство на радост, со позитивна емоција, за него станува извор на задоволство. И обратно. Невозможно е кој било да се мотивира да направи нешто ако тоа го асоцира на лошо искуство и лошо чувство, без оглед дали се работи за собирање на играчките, поставување на масата, облекување, миење заби…

Играјте, фантазирајте, глумете!

И затоа, не плашете се дека вашиот авторитет ќе се намали ако се шегувате со детето, ако задачата по математика му ја читате како да е мистична загатка, ако зборувате како волшебникот Мерлин додека му покажувате како да ја постави масата… Бидете инвентивни, опуштете се, глумете, пејте, забавувајте се… Испробувајте разни начини, она што не функционира отфрлете го, она што го радува детето – применувајте го… Ќе бидете пријатно изненадени од резултатите!

И вие и детето треба да се чувствувате добро

Исто така, има родители што се природно опуштени, а нивните деца не се заинтересирани, ниту мотивирани со ваквиот „разигран“ пристап. На овие деца важна им е „сериозноста“ која доаѓа од јасни структури, правила, граници. И тоа треба да се почитува!
Затоа постојано нагласувам и зборувам дека детето треба да се набљудува, да се наслушува и да се следи, да се следат неговите потреби, да се почитуваат различностите. Родителот треба да забележи што му е пријатно на неговото дете, на што се радува, а што му создава отпор и да се приспособува начинот на кој ќе му бидат претставени обврските и задачите…
Без оглед што ќе работите, и вие и детето треба да бидете во позитивно расположение. Тогаш и „сериозните“ активности ќе ви станат извор на задоволство.

Драгана Алексиќ, семеен тренер

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top