Размислете како би се однесувале кон тригодишно дете. Сега размислете како би му пристапиле на тринаесетгодишно дете. Сосема поинаку, нели? Децата постојано се менуваат, а и ние. Родителството е постојано приспособување: учите, го менувате вашиот пристап, понекогаш сте заштитник, понекогаш сте набљудувач. И додека се обидувате да ја пронајдете вистинската рамнотежа помеѓу „да се биде присутен“ и „да се пушти“, можеби вашата мачка или куче би можело да ве инспирира…
Што е родителство „мачка наспроти куче“?
Оваа симпатична теорија ја популаризира д-р Ализа Пресман, развоен психолог и авторка на поткастот „Одгледување добри луѓе“. Таа го објаснува така што вели дека родителите можат да учат од однесувањето на своите миленици, во зависност од возраста на детето.
Кога децата се мали – бидете куче
-Со помладите деца сакате да бидете како куче, мавтајќи со опашката, секогаш присутни, полни со енергија и ентузијазам – вели д-р Пресман.
Значи, присутни, поддржувачки настроени, нежни и вклучени во начинот на кој едно мало дете има потреба.
Како што вашето дете расте, станете мачка
-Секогаш сте присутни, но не се наметнувате. Ако им требате, знаат каде сте – објаснува таа.
Идејата е да им дадете простор сами да дојдат кај вас, а не да „скокате врз нив“ штом ќе покажат интерес. Овој пристап им дава на постарите деца (па дури и на возрасните деца) чувство на слобода и безбедност во исто време. Кога ќе ви се отворат, не „скокајте“ и не преземајте ништо. Само слушајте. Ова покажува дека можете да се справите со нивната вистина и дека секогаш сте тука без осудување.
Како ова се вклопува во познатите стилови на родителство?
Оваа теорија не спаѓа баш во ниту еден од „официјалните“ стилови на родителство (авторитарен, попустлив, авторитативен, невнимателен), но најблиску до него е авторитативниот стил – оној што комбинира топлина и јасни граници.
-„Куче родител“ – топол, вклучен, доследен и структуриран
-„Маче родител“ – обезбедува поддршка, но и простор за независност и автономија.
Експертот за родителство Девон Кунцман вели дека оваа теорија е популарна затоа што е лесна за разбирање.
-Повеќето луѓе ги сакаат животните, па споредбата со кучиња и мачки е многу интуитивна и им помага на родителите полесно да го идентификуваат нивниот стил.

Како изгледа тоа во практика?
Куче-родителство (за помлади деца): во првите седум години вашето дете е целосно зависно од вас, и емоционално и физички. Важно е да бидете присутни, нежни и достапни.
-Нивниот најголем страв е да ја изгубат вашата љубов – вели Кунцман.
Мачка-родителство (за тинејџери): Кога вашето дете ќе почне да бара повеќе простор, време е за мачка-родителство. Бидете топли и поддржувачки настроени, но дајте им можност на децата да дојдат кај вас. Ова не значи дека се повлекувате, туку дека ја почитувате нивната потреба за независност.
-Нашата улога е да знаеме каде се, што им треба и како да им пристапиме. Дури и кога ве одбиваат или ве засрамуваат, тие сè уште сакаат да знаат дека сте тука – вели Куцман.
Не мора да избирате помеѓу куче и мачка. Повеќето од нас природно ги менуваат стиловите во зависност од ситуацијата, личноста на нашето дете и неговата возраст. Најважно е да останете присутни, да давате љубов и кога сте блиску и кога сте во заднина, и да знаете кога да пуштите, а кога да прегрнете.
Автор: Карина Шиждрак