Кога родителите ги учат децата да бидат пристојни и да велат „благодарам“, „те молам“ и други убави зборови, тоа не значи дека ги учат исклучиво на добри манири. Ова има влијание и врз среќата подоцна во животот.

Искажувањето благодарност носи психолошки здравствени придобивки

Според некои студии, постои директна врска помеѓу доброто здравје и искажувањето благодарност. Благодарноста предизвикува позитивни емоции и така добро влијае врз здравјето. Истражувачите ја тестирале оваа теорија така што на одреден број учесници им дале да напишат неколку реченици фокусирајќи се на одреден наслов.

Испитаниците од првата група напишале за што сè се благодарни, додека оние од другата група издвоиле што ги нервира и не ги прави среќни на дневна основа. По десет недели, сите што пишувале за благодарноста биле многу пооптимистични, се чувствувале подобро, но и вежбале повеќе, за разлика од оние што биле фокусирани на негативните работи. Со ова се покажало дека вежбањето благодарност позитивно влијае врз психолошката страна на човекот.

Помага во развојот и одржувањето на односите со луѓето

Ако децата се учат да бидат благодарни и да искажуваат благодарност, тогаш ќе им се помогне и да ги негуваат важните односи со луѓето подоцна во животот. Студија спроведена на Универзитетот во Северна Каролина истакнува дека отвореното искажување благодарност и почитување на луѓето во својата околина има и краткорочни, но и долгорочни придобивки за нас и за лицата на кои влијае нашето позитивно однесување.

Учтивоста и благодарноста во раните години создаваат посилен карактер

Децата се како сунѓери. Сè е ново за нив, па е многу важно да ги учите какво однесување во интеракција со другите создава силни карактери. Ставот на Џен Пијаџет, специјалист за детски развој, е дека најдобриот период за учење на манири е помеѓу 2. и 7. година. Во тој период е формирана интуитивната интелигенција, па децата почнуваат прогресивно да ги разбираат вистинските вредности за почитување, емпатија и правда.

Совети и трикови за одгледување на благодарно дете

Бидејќи ги издвоивме причините зошто и како благодарноста и учтивоста им помагаат на децата да живеат среќен и здрав живот, време е да се обрне внимание и на најефикасните начини за поттикнување на вакво однесување кај децата.

– Бидете пример. Децата постојано набљудуваат што зборуваат родителите и како зборуваат. Кога сте искрено благодарни, вашите деца ќе го уочат тоа и ќе се обидат да го прават истото.

– Отворено зборувајте за благодарноста. Разговорите за благодарноста директно ќе го освестат детето за нејзината важност, но и ќе го поттикнат на такво однесување.

– Водење дневник за благодарност. Научете го детето да запишува 2-5 работи на кои е благодарно секој ден и да објасни зошто е тоа така.

Извор



912

X