Брекстон Хиксoвите контракции се спорадични контракции кои можат да се појават и во раната бременост, но најчесто се јавуваат во текот на второто, односно третото тримесечје од бременоста. Таквите контракции не се редовни, траат околу една минута и обично не се болни, туку предизвикуваат блага непријатност.

Брекстон Хиксовите контракции познати и како „лажни“ или „подготвителни“ породилни болки се спорадични контракции на матката кои можат да се појават во многу рана бременост, но најчесто почнуваат да се чувствуваат на крајот на второто, а особено во текот на третото тримесечје од бременоста, околу 27. недела.
Името го добиле според англискиот лекар Брекстон Хикс, кој во 1872 година забележал дека многу жени чувствуваат контракции на матката пред да започне породувањето. Таквите контракции не се периодични, значи не се јавуваат во правилни временски интервали, траат околу една минута и обично не се болни.

Со оглед на тоа дека матката е еден голем мускул, нормално е повремено целосно да се згрчи, а тоа бремената жена може да го почувствува како изразено тврд стомак, со правилна тркалезна форма. Се смета дека овие контракции му помагаат на телото да се подготви за породување, но не мора да влијаат врз скратувањето на грлото на матката. Некои бремени жени ги чувствуваат секојдневно во период од неколку недели, а некои воопшто не ги чувствуваат.

Како да се спречи грчењето на стомакот?

На идните мајки, особено на оние што го очекуваат своето прво дете, понекогаш им е тешко да ги разликуваат Брекстон Хиксовите контракции од вистинските породилни болки и почетокот на породувањето. Ако контракциите на матката се неправилни и се јавуваат само неколку пати на ден, без зголемување на интензитетот и предизвикуваат само грчење на стомакот без болки во грбот, обично се работи за таканаречени „лажни“ болки.

Ваквите лажни болки можат да се намалат со земање доволно течности (дехидратацијата може да предизвика грчеви), промена на положбата на телото, мирување, редовно мокрење (полниот меур може да го зголеми чувството на притисок) и релаксирачко длабоко дишење. Ако и покрај ваквите постапки контракциите ги зголемуваат фреквенцијата и интензитетот и се јавуваат повеќе од 4 пати во еден час (дури и ако не се болни), ако исцедокот од матката станува слузест и воденест и ако постои и најмал знак на крвавење, бремените жени кои се до 36. недела на бременост, секако треба што побрзо да се јават на лекар за да се исклучи можноста дека се работи за предвремено породување.
Ако станува збор за терминска бременост, обично на бремените жени им даваме совет да се јават во родилиште кога ќе бидат сигурни дека се работи за вистински породилни болки, а не Брекстон Хиксови контракции, што значи дека контракциите се болни, а освен стомакот, предизвикуваат и болки во долниот дел од грбот и карлицата, траат најмалку 60 секунди и се појавуваат на секои 5 до 10 минути барем во еден час.

 



912

X