Децата знаат дека паметните телефони се „измешан“ благослов
Пред неколку години, кога мојата кумашинка имаше 14 години, ние двете отидовме на долга прошетка низ селата. Разговорот неизбежно се насочи кон социјалните медиуми. Таа, помудра од годините што ги има, зборуваше за несигурноста и внатрешните компромиси што ги поттикнуваат социјалните медиуми: за тоа како, дури и ако мрази селфи, ги постира за да не изгледа чудно и како потоа се чувствува мизерно бидејќи нејзината пријателка добила 200 емоџи, а таа добила само 199.
– Како би се чувствувала ако твојата мајка ти го земе телефонот? – ја прашав јас.
– Тоа би било најлошото нешто што би можело да ми се случи. Целосно би била отсечена од моите пријатели – ми одговори таа.
– А како би се чувствувала ако мајките на твоите пријателки им ги одземат телефоните? – бев упорна јас.
– Тоа, тоа би било најдоброто нешто што би можело да се случи – рече таа.
Децата знаат дека паметните телефони се „измешан“ благослов. Тие ги сакаат, но сакаат и да бидат спасени од нив. Сајмон Хендерсон, директор на колеџот „Итон“ во Велика Британија, го откри ова неодамна кога училиштето вовело забрана за користење на мобилните телефони. Сите ученици од деветто одделение (на возраст од 13 и 14 години) сега мораат да ги предадат своите електронски уреди преку ноќ.
– Мислевме дека ќе предизвикаме бес и револт меѓу учениците, но всушност тие ја поздравија забраната. Им се допадна ограничувањето да не гледаат на телефоните преку ноќ – вели директорот Сајмон.
Ако ова е она што тинејџерите го сакаат – да им помогнеме да се исклучат – тогаш зошто тоа не го направиме?
Кога растев во 70-тите и 80-тите години сите се согласуваа дека телевизијата го расипува мозокот. Но мал број родители беа решени или доволно ексцентрични за целосно да се ослободат од нив. За да го направат ова, тие требаше целосно да ги отсечат децата од популарната култура. Моите родители заклучија дека е поважно да бидам нормална отколку да бидам паметна.
Отпорноста кон паметните телефони е уште потешка. Телевизијата беше уред за еднократна употреба, кој седи мирно во аголот на собата чекајќи да биде приклучен. Тој беше дел од културната средина. Паметните телефони се средината. Тие посредуваат при сѐ што правиме, од извршување телефонски повик до проверка на временската прогноза. Вашиот паметен телефон е онаму каде што живее вашиот пријател, заедно со вашата музичка колекција, вашата библиотека, вашата продавница, вестите и забавата.
Би било невозможно во оваа фаза да се тргнат децата од телефоните. Дигиталниот свет направи договор; останува да им помогнеме на децата безбедно да ги користат и истото да го побараме од технолошките компании и од училиштата.
Пишува: Џемима Луис