Како деца речиси сите имавме прилично поголеми јакни за да можевме што подолго да ги носиме. Важи ли тоа правило и денес?

Кога одите да купите зимска облека, пред сè, мислите на јакна, па се прашувате дали на детето да му земете јакна со поголем број или не? За некои луѓе ова не е мала инвестиција, па затоа не можат веднаш да одлучат, поради страв да не погрешат.

Прочитајте ги следните совети кои ќе ви помогнат полесно да донесете одлука, а притоа да не го растажите детето кое не сака да изгледа како малечко мече.

Комотна зимска јакна да, преголема не

Зимската јакна треба да биде комотна, бидејќи облекување во зима подразбира облека во слоеви, меѓутоа, купувањето преголема јакна може да биде контрапродуктивно. Ќе биде и премногу широка, а тоа ќе ја намали топлината што треба да му ја даде на детето, а и естетски нема да биде добра опција и може да се случи детето да не сака да ја носи. Експертите велат дека јакната со половина број поголема е идеално решение, а во зависност од кројот, дури и еден број поголема може да биде во ред. Сè што е поголемо од тоа нема да биде ниту корисно ниту естетски оправдано.

Добивате во должина, но и во обем

Еден или два броја поголема јакна подразбира плус сантиметри во должина, но и во обем. Горниот дел ќе изгледа преголем, па ако детето ви е помалечко, ќе добиете само несакан простор. Постојат јакни кои овозможуваат продолжение на ракавите за сантиметар или малку повеќе, а тоа особено се однесува за скијачките модели. Но, добро е да се знае. Ако кај некој модел забележите етикета „I Grow™“, знајте дека таа јакна може да се модифицира.

Што да му облечете на детето кога одите да купите јакна

Облечете му го во она што вообичаено го носи под јакна или нешто слично. Најдобро е тоа да биде комбинација во повеќе слоја – маица и дуксер или кошула и џемперче, на тој начин правилно ќе оцените дали јакната што сакате да ја купите е доволно комотна или тесна.

Димензија на јакната

Ракавите треба да бидат малку подолги од вообичаено за да ги штитат рацете од студениот воздух и од снегот, а детето сепак да може да носи ракавици или да ги вовлече рацете во џеб и дополнително да ги заштити. Струкот треба да биде малку повеќе спуштен отколку кај обичната кошула или јакна, бидејќи помага во одржување на топлината. Должината на јакната би требало да биде под колковите, се над тоа би било премногу кратко бидејќи функцијата на јакната е да штити од ветер, снег и да топли, а кратката јакна дефинитивно не може да го овозможи тоа.

На крајот, секогаш одбирајте јакни што лесно се закопчуваат. Јакните со ракави што имаат растегливи манжетни се супер избор бидејќи лесно се навлекуваат. И вообичаено, јакните со ластик подобро се приспособуваат на телото и се поудобни.

Извор



912

X