Во своите настојувања да бидат добри учители, многу родители ненамерно ги третираат децата како што никогаш не би ги третирале своите пријатели. Во желбата да воспитаат личности полни со почит, понекогаш толку многу се насочуваат на самата цел што не забележуваат како скриената порака што ја испраќаат може да биде многу непријатна за децата.

Опомени и критики

Замислете дека сте повикани кај пријателка на вечера. Пријателката ве пречекува на врата, вие влегувате во куќата и ја поздравувате, а таа ве прекинува со викање: „Што ти е тебе?! Чевлите ти се калливи, ќе ми го извалкаш тепихот!“
Вие засрамено ќе речете: „Се извинувам“. И ќе ги собуете чевлите. Додека го правите тоа, забележувате дупка на своите чорапи, но ја забележува и вашата пријателка: „Зошто не се обиде пристојно да се облечеш, види како изгледаш, како некој скитник“.
Додека седнувате покрај масата, вашата домаќинка ќе ве потчукне со раката и ќе ви шепне: „Полека, какви ти се тие манири?“ Разговорот главно ќе се врти околу гостинот што претходната вечер бил кај пријателката, а имал многу убави манири и немал дупка на чорапите. А кога ќе завршите со вечерата и ќе станете од масата, пријателката ќе ви каже: „Би било убаво некој да ми помогне да ја расчистиме масата“.

Како да изградите темел од љубов, доверба и почит

Размислете подлабоко за секојдневната интеракција со вашите деца. Проверете дали можеби сте премногу фокусирани на поправањето на однесувањето на детето и дали на вашиот пристап му недостигаат чувства и простување. Погрижете се скриената порака кон вашето дете да биде: „Те сакам, верувам во тебе и те почитувам“. Децата што се сигурни дека се сакани и почитувани од возрасните кои им се важни во животот се способни да усвојат добри социјални вештини и, воопшто, реагираат на многу попријатен начин.

Како да им ја пренесете најважната порака на вашите деца?

Како прво, дајте им го она што најмногу им треба од вас – вашето време. Второ, слушајте ги. Децата напредуваат кога имаат некој што навистина ги слуша. Не е толку важно да им дадете совет и да им го решите проблемот, колку да ги ислушате. Трето, пофалете ги и охрабрувајте ги своите деца секој ден. Најдете причини – и мали и големи, да им дадете позитивна повратна информација. Четврто, кажете им дека ги сакате. Кажете им дека верувате во нив. Кажете им дека ги почитувате. Секој ден користете ги вашите зборови и дела за да им ги пренесете најважните пораки на вашите деца: „Те сакам, верувам во тебе и те почитувам“.

 



912

X