Здравје

Дали на бебето му треба перница?

Денес на секој агол може да најдете продавница со опрема за новороденчиња и бебиња, па затоа не е чудно тоа што на идните мајки, кога се излезени во шопинг, им е многу тешко да одлучат што вистински им треба за нивните бебиња.
Еден од таквите производи е перница за бебиња, а дали навистина е потребна?

Новороденчињата би требало да спијат на удобна, тврда и рамна површина зашто ако им дадете несоодветна мека перница, може да дојде со задушување. Може под душекот (на местото каде што ќе биде главата) да ставите нешто што ќе направи блага косина, така што целото тело да биде рамномерно накосено. Многу педијатри сметаат дека ако им ставите ќебе или перница на бебињата, всушност го зголемувате ризикот од синдромот на ненадејна смрт кај новороденчињата.

Бебиња помали од две години

За деца помали од две години не се препорачуваат перници, а најдобро е да им се даде перница кога преминуваат од колепка во кревет, а тоа околу 18. и 24. месец од животот. Во првите неколку години од животот децата не можат да почувствуваат непријатност кога немаат перница, па затоа немојте да мислите дека тоа им влијае врз квалитетот на сонот. Ако, сепак, не можете да замислите вашето дете да спие без перница, некаде по првата година одберете цврста, рамна и мала перница. Набрзо ќе видите дали детето бега од неа или не, зашто ретко кое дете спие мирно и не ги менува позите. Обично е насекаде низ креветот освен на перницата. Никако не ставајте мека перница со пердуви зашто може да предизвика алергиска реакција и задушување.

Какви треба да бидат перниците за најмалите

Перниците направени за мали деца се синтетички (најлош избор), антиалергиски, мемориски или сунѓерести. Такви перници им се препорачуваат на бебиња што имаат здравствени проблеми, како деформација на черепот или болести на карлицата. Во такви случаи лекарите препорачуваат анатомска или ортопедска перница. Перницата за бебиња најмногу се препорачува како превентивна мерка против „сплескана глава“. Постојат различни видови перници, а некои од нив се клинеста перница и ергономска перница.
Клинестата перница е дизајнирана во облик на косина, а поради наклонот, при настинка на детето му ги олеснува искашлувањето и дишењето. Се препорачува и за бебиња што имаат рефлукс.
Ергономската перница му дава на бебето чувство на заштита како во стомакот на мајката и ја држи карлицата во благо заоблена положба. Постојат и перници за фиксирање на бебињата, за носење и за доење.

Фиксирање на бебето

Посебните перници што се наменети за фиксирање на бебињата во една положба би требало да им помогнат на бебињата да не се превртуваат додека спијат. Таквите перници имаат задебелување кое го фиксира бебето, но иако изгледа дека се практични, не се безбедни.
Има случаи кога неколку бебиња се задушиле со фиксирачка перница и затоа при купувањето опрема за бебиња внимавајте и размислете што всушност ви треба.

Перници за носење

Перниците за носење на бебето се користат многу кратко, додека новороденчето е многу мало, и овозможуваат полесно носење на бебето во исправена положба и го намалуваат ризикот од паѓање на бебето. Обично ги користат оние што се помалку искусни, а сакаат да го подржат детето. Таквите перници се погодни за бебиња помали од 3 килограми, но не се неопходен дел од опремата за бебиња.

Перници за доење

Перниците за доење се дизајнирани во облик на полумесечина, а ја позиционираат главата на бебето во правилна положба кон горе за полесно да ја фати дојката. Перницата за доење може да има и појас кој се прицврстува за мајката.
Помага и за полесно спиење на мајката во бременоста и по породувањето.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top