Неверојатно сложената мрежа на жлезди и канали на вашите гради го снабдува бебето со вистинските хранливи материи, но ако планирате операција за зголемување на градите, можеби се прашувате дали тоа ќе влијае врз вашата способност за доење. Дали можете да доите со импланти или тоа ќе ја загрози способноста на вашето тело да произведува млеко? Еве што велат експертите.

Дали е безбедно да се дои со импланти?

Добрата вест е дека тоа е целосно изводливо.

– Доењето е апсолутно возможно за жени кои планираат зголемување на градите – вели сертифицираниот консултант за лактација Криси Розентал. Сепак, постои малку поголема веројатност за проблеми кои произлегуваат од операцијата.

– Постои поголем ризик од компликации при доењето, вклучувајќи проблеми со намаленото снабдување со млеко, надуеност, вазоспазми и блокирани канали. Но, повеќето жени што ги зголемиле градите дојат без проблеми – вели Розентал.

Постојат неколку фактори што влијаат врз ризикот од компликации при доењето, објаснува Розентал, како што е бројот на поминати години помеѓу операцијата и почетокот на доењето, видот на операцијата за зголемување на градите и видот на засекот.

Поставување импланти

Постојат две опции за операција за зголемување на градите: субгландуларна и субмускулна. Како што објаснува Розентал, субгландуларните импланти се однесуваат на импланти кои се поставени над мускулот и под ткивото на дојката. Субмускулно поставување е поставување импланти под мускулот. Последниот метод има помало влијание врз продуктивноста на млекото и води до помалку компликации при доењето, вели Розентал.

Видот на засекот

Видот на засекот може да влијае и врз доењето.

– Важно е каде е направен засекот и колку нерви и млечни канали се оштетени во текот на операцијата – вели Кети Линда, овластен консултант за лактација.

– Типично, за време на операцијата за зголемување на градите се прават засеци во пазувите, во наборот под градите или околу ареолата. Засеците направени околу ареолата имаат најголем ризик да влијаат врз доењето бидејќи можат да ги исечат млечните канали и нервите кои се важни за доењето – објаснува Розентал.

Периодот по операцијата

Должината на времето поминато од операцијата исто така игра улога.

– Со текот на времето отсечените млечни канали и нерви може да се регенерираат и повторно да се поврзат преку процеси наречени реканализација и реинервација. Покрај тоа, студиите покажуваат дека со секое следно бебе што се дои се зголемува волуменот на млекото и се намалува потенцијалот за компликации – вели Розентал.

Причина за операција

Според Линда, причината зошто сте имале операција за зголемување на градите исто така може да биде важна.

– Многу жени ги зголемуваат градите затоа што не се задоволни од нивната големина или форма, што значи дека тие веќе се изложени на ризик од недостиг на ткиво или хипоплазија – вели Линда.

Дали имплантите на градите влијаат врз производството на млеко?

Имплантите на градите не мора да резултираат со проблеми со доењето или проблеми со производството на млеко, но секако може да го зголемат ризикот во некои случаи.

– Една од познатите компликации по зголемувањето на градите се проблемите со продуктивноста на млекото – вели Розентал. Како што е наведено погоре, ова може да се должи на голем број различни фактори.

Извор



912

X