Што поскоро, што порано – се чини дека е мотото на современото родителство, кое повеќе од кога било досега доби форма на натпреварувачки спортови. Стравот дека нивното дете нема да ги достигне другите деца и на тој начин ќе ја изгуби шансата да се натпреварува рамноправно на сè посуровиот пазар на знаења, вештини и достигнувања, ги поттикнува родителите да го „турнат“ своето потомство во следните развојни фази. Само, дали тоа брзање носи нешто корисно?

Дали е оправдана потребата да се форсира раното учење, дали тоа има некакви придобивки за децата или, всушност, е контрапродуктивно?

Конечно, дали постојниот образовен систем, таков каков што е, е еднакво добар за сите деца? Нели неговата нефлексибилност е она што всушност, во многу случаи, ја прави разликата помеѓу успешните и помалку успешните? Што ако само случајноста е онаа која го сместила вашето дете во одредена училишна генерација, што го предодредила неговиот пат и исходот од образованието? Токму ова прашање го поставува економистот и експерт за социјална мобилност Ричард В. Ривс во својата нова книга „За момчиња и мажи: зошто модерниот маж се бори, зошто е тоа важно и што да се прави во врска со тоа“. Поточно, она што се прашува е дали би било подобро момчињата да тргнат на училиште подоцна од девојчињата?

Феноменот на заостанување на помалите деца во рок од една генерација во однос на постарата го привлече вниманието на јавноста уште во 2008 година кога Малколм Гладвел во книгата „Над просекот“ презентираше многубројни примери за тоа како голем број деца, поради раѓањето на крајот од годината, целото детство го поминуваат доцнејќи зад децата кои, случајно, се практично една година постари од нив, што на оваа возраст претставува огромна развојна предност. Така, на пример, беше утврдено дека во земјите каде што децата се поделени на спортови по година на раѓање, врвни спортисти се претежно оние што се родени на почетокот на годината – затоа што од почетокот имале поголема сила и поразвиени вештини, токму затоа што биле највозрасни во своите групи, а оваа предност само се зголемувала со текот на годините.

Голем број деца, поради фактот што се родени на крајот од годината (или на крајот на една училишна генерација), целото детство го поминуваат доцнејќи зад децата кои, случајно, се практично една година постари од нив. А што ако е исто и со момчињата? Фактот дека момчињата созреваат подоцна од девојчињата им е добро познат на родителите, но и на наставниците, што го покажува и истражувањето во САД, според кое, наставниците имаат три пати поголема веројатност да го одложат почетокот на училиштето кога се во прашање нивните синови отколку кога станува збор за ќерките.

Момчињата заостануваат во сите фази на образованието

Денес, хипотезата за подоцнежно созревање на момчињата е добро поддржана од невролошките истражувања. Развојот на мозокот кај момчињата не е ист како кај девојчињата. Меѓутоа, оваа разлика е целосно игнорирана во образовните политики, пишува Ривс во својата книга. Рака на срце, во некои кругови тоа се зема предвид.

– Важноста на подоцнежниот почеток, кој многу наставници и луѓе што работат во училишните администрации го нарекуваат „подарок на времето“, е јавна тајна во елитните кругови. И тоа е подарок што најмногу им се дава на момчињата – пишува Ривс. Откако интервјуирал десетици наставници, родители, воспитувачи и училишни администратори, тој открил дека одложувањето на тргнувањето на училиште стана норма за момчињата кои се меѓу помладата генерација. Поранешен директор на елитно приватно училиште отворено му рекол дека користат различен календар за почеток на училиштето за момчиња и за девојчиња.

Сепак, за деца од „обични смртници“, одложениот почеток не е вообичаен. Веројатно тоа е причината зошто момчињата заостануваат во сите фази на образование, од прво одделение до постдипломски студии. За момчињата од посиромашно потекло, одложеното започнување на училиште всушност би било многу повредно отколку за момчињата од богатите семејства, меѓутоа, државните училишта го следат т.н. „индустриски“ модел, што значи дека децата автоматски се класифицираат во генерации врз основа на нивниот датум на раѓање.

Идејата да им се обезбеди на момчињата ваква поддршка во образованието наиде на недоразбирање во општеството и поради фактот што многу девојчиња и жени сè уште ги трпат последиците од нееднаквоста. Сепак, тоа не го менува фактот дека на момчињата и на мажите им треба уште поголема поддршка во текот на нивното образование, а тоа не е проблем од кој страдаат само тие. Овие момчиња прераснуваат во мажи на кои им недостигаат вештини кои би им овозможиле да бидат успешни во бизнисот, да даваат поддршка како партнери и добро да се грижат за своите деца.

„Ако им дадеме време на момчињата, ќе создадеме подобро општество не само за мажите, туку и за жените и за децата“.

До пред неколку децении девојчињата навистина заостануваа зад момчињата во образованието. Кога законот за промовирање на родовата еднаквост беше усвоен во САД пред половина век, 13% повеќе мажи отколку жени заработија факултетски дипломи. Денес таа разлика е 15%, но во корист на жените – на секои три студентки има само по двајца студенти, а овој тренд се влоши за време на пандемијата. Има пад на бројот на запишани на универзитетите, а овој пад е седум пати поголем кај младите мажи отколку кај младите жени.

Предноста на девојчињата во студиите е одраз на заостанувањето на момчињата, што е веќе забележливо на петгодишна возраст, кога девојчињата покажуваат подготвеност за училиште во поголем процент од момчињата. Разликата е во т.н. некогнитивни вештини – степенот на социјална и емоционална зрелост. Кога почнуваат на училиште, девојчињата се поуспешни во читањето и јазот меѓу половите се зголемува со секое наредно одделение. До средно училиште разликите се добро утврдени – девојчињата добиваат најмногу петки, а момчињата главно четворки. Во развиените земји, момчињата имаат 50% поголема веројатност да бидат лоши ученици.

Во адолесценцијата, девојчињата имаат предност од две до три години

Трендот е јасен – на секоја возраст, по секоја мерка, низ светот, девојчињата ги оставаат момчињата зад себе. „Такви се момчињата“, ќе речат многумина како да е некој непроменлив факт. Сепак, Ривс укажува на непобитни разлики во развојот на мозокот кои се евидентни до петтата година и опстојуваат во текот на образованието. Тие се најголеми на возраст од 16-17 години, кои се токму клучните години за академската иднина на младите. Ова е возраст кога е недоволно развиена контролата на импулсите, што е поизразено кај момчињата. Тие се посклони кон ризично однесување и краткорочни награди, а нивниот префронтален кортекс, одговорен за контрола и планирање, созрева две години подоцна отколку кај девојчињата.

Непобитни разлики во развојот на мозокот се веќе видливи на петгодишна возраст и опстојуваат во текот на образованието. Други важни мозочни центри, исто така, го следат ова темпо – малиот мозок, важен за емоционалните, когнитивните и регулаторните капацитети, ја достигнува својата целосна големина кај девојчињата на 11, а кај момчињата на 15 години. Хипокампусот, одговорен за процесите на учење и меморија, исто така се развива подоцна. Севкупно, девојчињата имаат предност од две до три години за време на адолесценцијата, објаснува д-р Френсис Џенсен, шеф на неврологија на Медицинскиот факултет „Пелерман“ на Универзитетот во Пенсилванија.

„Момчињата и девојчињата на 15-годишна возраст не се различни полови – тие се различни видови“, забележува Ривс.

„Во дебатата за тоа колку се разликуваат машкиот и женскиот мозок, целосно се занемарени разликите во нивното созревање. Најголемата разлика не е како се развива мозокот, туку кога“. Од невролошка перспектива, образовниот систем ги фаворизира девојчињата.

Дали сме сигурни дека започнувањето на училиште подоцна навистина ќе им помогне на момчињата?

Претходните студии сугерираат дека „подарокот на време“ има многу позитивно влијание врз исходот од школувањето и дека момчињата кои подоцна почнале на училиште покажале значително намалување на хиперактивноста и имале подобри оценки, како и повисоко ниво на задоволство од животот. Поретко го повторувале часот и имале подобри резултати на завршните испити. Тие не го поминале своето школување неуспешно трчајќи по други деца, што е многу вообичаено искуство за момчињата кои биле меѓу најмладите во нивната училишна генерација.

Да им дадеме барем една година да созреат

А што е со девојчињата, кои, ако момчињата подоцна одат на училиште, одеднаш ќе станат „помладиот пол“ во училниците? Научниците веруваат дека всушност и тие би имале корист, бидејќи позрелите момчиња би придонеле за подобра атмосфера за учење на часот. Онаму каде што момчињата се веќе постари – како што се приватните училишта – девојчињата не заостануваат.

Предлогот на Ривс е да се започне со практикување на одложен старт постепено и по избор, од најмладите одделенија нагоре. Сепак, она што се чини дека е најголема пречка за оваа практика е потребата од подолг престој во предучилишните установи, а потребна е и системска поддршка на родителите, особено на оние со ниски примања. Сепак, придобивките за општеството би можеле да бидат повеќекратни бидејќи бројот на момчиња и мажи кои доживуваат неуспех во образованието и професионалниот развој би бил значително намален. Ваквите промени особено би им помогнале на момчињата од посиромашните семејства бидејќи побогатите родители имаат време и пари да ги компензираат недостатоците на постојниот систем.

Еден од најголемите предизвици, според Ривс, е прифаќањето на фактот дека во многу области, особено во образованието, на момчињата и на мажите им е потребна најголема поддршка. Како што забележува тој, во Америка постои Национална коалиција за жени и девојки во образованието, но нема таква организација за мажи. Додека илјадници стипендии се наменети за млади жени, речиси и да нема стипендии за мажи.

„Тогаш да им ја дадеме барем таа една година да созреат“, апелира тој.

Автор: Јована Папан

Извор



912

X