Синоќа вашето дете имаше покачена температура и само бараше да си легне, што не е негово вообичаено однесување. Утрото веќе нема температура, го изеде појадокот и изгледа дека сè е во ред, но вие сте збунети. Да оди во училиште или денот да го помине дома? Некои симптоми може лесно да се препознаат како опасни, а некои може да нè измамат. Еве едноставен водич за детските тегоби и нивната сериозност.

 Треска

Температура до 38 Целзиусови степени не е знак за паника. Децата често имаат „едноноќни“ температури кои поминуваат до утрото. Ако утрото температурата му е нормална, ако е добро расположено и има голем апетит – сè е во ред. Но кај помалите деца (особено кај бебиња до 4 месеци) секоја температура е знак за аларм.

Ако детето и утрото има благо покачена температура, макар и 37,5, не би требало да оди во училиште. Една причина е зараза на детето, а друга – и поважна – е дека детето со покачена температура тешко може да ја следи наставата. На болното дете му треба одмор – училиштето може да почека.

Повраќање

Детето поврати само еднаш во 24 часа. Веројатно не станува збор за инфекција или зараза, а веројатно не постои ни ризик за дехидрирање. Понекогаш децата повраќаат зашто во желудникот им се насобрал слуз од носот или од грлото, па ако тоа е случај, тогаш детето е спремно за училиште.

Ако детето во рок од 24 часа повратило 2 или повеќе пати, веројатно станува збор за инфекција. Внимавајте на знаците за дехидрирање – детето уринира поретко од вообичаено и неговата урина е со темножолта боја. Знак за дехидрирање може да бидат и испукани усни. Погрижете се детето постојано да внесува по малку течности и не праќајте го во училиште. Вирозите придружени со повраќање многу често знаат да се повторат, и тоа во посилен облик. Исто така, мора да посетите доктор ако состојбата се влоши.

Црвени очи

Ако белките на очите на детето се малку црвени или розеникави и ако нема силен исцедок, или ако тој е проѕирен, сѐ е во ред – веројатно станува збор за алергија.

Ако очите на детето се многу црвени, со силен жолт или зелен исцедок, веројатно станува збор за бактериски облик на конјунктивитис. Детето мора да остане дома и да прима терапија со антибиотици.

Дијареја

Детето има водлест измет, но нема температура и сосема нормално се однесува. Ако општата состојба на детето е во ред и ако таквиот измет не е пречеста појава во текот на денот (до 3 дневно), сè е во ред.

Повеќе од трипати водлест измет дневно е знак дека детето треба да остане дома. Ако забележите слуз или крв во изметот, веднаш одете на лекар. Исто така, внимавајте на знаците за дехидрирање.

Воспалено грло

Болно грло придружено со растечен нос обично е последица на иритација на слузницата – сè додека нема температура, може да оди во училиште.

Ако воспаленото грло е придружено со потечени жлезди, треска, главоболка или болка во стомакот, однесете го детето на лекар. Ако станува збор за некаква инфекција (кај децата многу чести се инфекциите со стрептокока), тоа е заразно првите три дена иако е под антибиотик.

Болка во стомакот

Ако болката во стомакот е единствен симптом кај детето и ако тоа се однесува сосема нормално, може да оди во училиште. Може да станува збор за опстипација или за трема – во тој случај нема подобар лек од прегратка.

Болката во стомакот придружена со повраќање, дијареја, треска или лоша општа состојба на детето е знак за итна посета на лекар. Болката во стомакот може да значи многу работи ако е придружена со наведените симптоми.

Настинка

Ако детето нема треска и ако добро се чувствува, сè е во ред. Најпосле, кога сите деца на кои им тече носот би останале дома, школите би биле празни!

Детето мора да остане дома ако слузот од носот е густ и жолт или зелен, и ако детето е нерасположено и летаргично.



912

X