Како да препознаете дека детето е поводливо и како да му помогнете да развие сопствено мислење и да изгради самодоверба, советува педагогот Јелена Холцер.

Иако родителите ја сметаат поводливоста како генерално негативна детска особина, често ја игнорираат и не ѝ обрнуваат доволно внимание.
Пред сè, поводливоста не е еднакво „опасна“ во сите фази од развојот на детето. На пример, на претшколска возраст таа може да се манифестира како лесно и брзо прифаќање на предлозите на другите деца да си играат игри по нивен, а не по сопствен избор. Сепак, конфликтните ситуации на оваа возраст главно се безопасни. Имено, детето сè уште ја формира својата личност, но е и под постојан надзор на возрасни лица (родители, воспитувачки, баби и слично), па поводливоста само се насетува како потенцијално жариште на идни проблеми.
Меѓутоа, како што расте детето, влијанието на врсниците врз него ќе се зголемува.

Желба за вклопување

Во пониските одделенија во основно училиште повеќето деца имаат јасно изразена желба да се вклопат, односно да бидат што поприфатени и попопуларни кај врсниците, па цената на тоа прифаќање значи и лесно прифаќање на туѓите мислења и предлози, без самостојно да размислуваат за нив.
Како што ќе расте, детето постепено ќе гради и сопствени ставови, ќе стекнува нови искуства кои ќе влијаат врз формирањето на личниот поглед на светот. Во пубертетот децата во голема мера веќе имаат свои изградени ставови, создадени под влијание на опкружувањето од врсниците, но и од вашето влијание. Тогаш поводливоста е и најопасна бидејќи на оваа возраст постојат и најголеми искушенија (експериментирање со алкохол, дрога, први сексуални искуства…).

Причини и последици

Причината за проблематичното однесување на своето дете родителите најчесто ја гледаат во „лошото друштво“. Меѓутоа, вашето дете не би имало „лошо друштво“ кое негативно влијае врз него ако тоа не е поводливо, односно ако знае како да се спротивстави.
Лошото друштво и различните искушенија што детето ги прифаќа се само последица. Исто така, тоа значи дека дури и да се изборите со една последица, не сте ја решиле и причината, односно можно е наскоро пак да се соочите со нова последица од истата причина – поводливоста на детето. Затоа, штом забележите каков било знак на поводливост, треба да се обидете веднаш да го коригирате.
Освен желбата да се вклопи во своето опкружување, битна причина за поводливоста е и неформираната способност да се спротивстави на авторитет. Овој авторитет најчесто го претставувате вие – родителите. Детето од сопствено искуство знае што ќе му се случи ако ви се спротивстави и не сака повторно да ја доживува истата ситуација. Истовремено, тоа е добар показател дека претежно од вас зависи колку тоа ќе се осамостои и ќе се охрабри јасно и гласно да го застапува своето мислење во иднина.

Подобри соговорници

Покажете се како подобри соговорници во споредба со неговите врсници. Исто така, откажете се од давање совети на која било тема. Поважно е да го сослушате, да покажете разбирање, да го насочите детето секој аспект на ситуацијата да го погледне од повеќе агли. Не совладувајте го, но и не осудувајте го затоа што не размислува како вас.
Имено, процесот на одлучување и носење одлуки исто така се учи. Кога ќе знае дека може да смета и на вашето мислење, совет, сугестија, или барем на вашата подготвеност да го чуете неговото мислење – потребата од врсниците како главни соговорници нема да биде пресудна.

Сопствено мислење

Инсистирајте детето секогаш да има свое мислење или став. Упорно барајте од него да објасни какво мислење или став имало по одредено однесување или настан.

Борба на мислења
Преиспитајте го вашиот став и однесување кога детето ќе ви се спротивстави во таканаречена „борба на мислења“. Кога тоа ќе го каже своето мислење, без оглед колку се разликува од вашето, исклучително важно е следното:
– Сослушајте го
Не упаѓајте му во збор, пуштете го да размисли пред да одговори, дајте му поддршка да биде искрено, покажете му дека имате трпение и време да го сослушате, како и дека ве интересира неговото лично, најискрено мислење.
– Објаснување
Побарајте детето да ви го образложи својот став. На овој начин, покажувајќи заинтересираност за неговото мислење, истовремено го поттикнувате да го формира и својот став. Не чекајте само на важни, клучни ситуации за вака да ги водите вашите семејни разговори. Од исклучителна важност е во секојдневните ситуации да го научите детето да развива свое мислење и на тој начин да разговара со вас.
– Ваше мислење
Кажете гласно дали се согласувате или не, а доколку не се согласувате, не треба да го осудувате, да го критикувате или да го омаловажувате детето… И вие исто така треба да го образложите вашето мислење.
– Заклучете
На крајот од разговорот кажете: „Навистина ми е драго што вака поразговаравме, уживам да слушам како размислуваш…“

Толеранција

Минатите генерации беа воспитувани дека не е во ред да му се спротивставиш на некој возрасен авторитет со зборовите: „Не сакам, нема да го направам тоа…“
Денес таквото спротивставување стана прашање на опстанок. Односно, доколку вашето дете нема слобода вам да ви го каже своето „не“, тогаш нема да биде подготвено да му го каже ни на своите врсници, без оглед колку опасни можат да бидат барањата од нивна страна.
Затоа, со личен пример покажете му на детето дека има право на таков, личен став. Својот авторитет градете го врз основа на почитување, односно барање да ве послуша затоа што има доверба во вас и знае дека вашите барања се оправдани, а не на страхопочит (затоа што родителската улога подразбира и можност за казнување). Негувајте ја толеранцијата како начин на однесување и договарањето како основен облик на комуникација.

Спротивставување кон вас

Научете го детето дека за сè треба да има свои, лични аргументи. Дури и кога инсистирате да направи нешто, побарајте мислење од него и охрабрете го да има сопствен став дури и кога тоа ќе личи на спротивставување кон вашиот личен авторитет.

Самодоверба

Поводливите деца имаат недостиг на самодоверба. Затоа им е потребно јасно, гласно, што поотворено и подиректно покажување и искажување поддршка.
Пофалете го детето секогаш кога ќе бидете задоволни од вложениот труд и од резултатите. Не штедете на убави зборови, бидејќи тие на најдобар начин влијаат врз развојот на детската самодоверба.



912

X