Психологот Наталија Станковиќ од Србија дава одговор на прашањето кога детето е подготвено да остане без надзор во активности како одење до продавница или играње со деца на улица, односно во парк.

На која возраст од децата можеме да очекуваме некаква поголема одговорност, како одење до продавница, играње со деца на улица и слично. Ми се чини дека моето четиригодишно дете сè уште не е доволно одговорно за да остане без мој надзор. Како да ги научиме да се грижат за автомобилите, да не трчаат како муви без глава и да внимаваат? Тој во мое присуство внимава бидејќи јас го опоменувам, но се прашувам до кога ќе мора тоа да го правам?

Децата на претшколска возраст не можат и не смеат да бидат оставени без надзор на лице постаро од 16 години. Добро забележавте, вашето четиригодишно дете не може да остане само, без ваш надзор. На возраст кога треба да тргнат на училиште, може пополека да ги упатувате во активности при кои нема постојано да бидат под надзор на возрасно лице, како што е одење до продавница, играње со деца на улица, односно во парк и слично.

Секако, важно е да се подготви детето за таква активност и на почетокот треба да се надгледува. Точната возраст кога детето ќе тргне во активности без да биде под надзор на возрасни зависи од самото дете (колку е подготвено и како се чувствува), од родителите (каков е нивниот став за тоа и каква е нивната процена за способностите на детето), но и од ситуацијата во околината на детето: колку е блиску продавницата, дали постојат поголеми и поопасни крстосници или места покрај кои детето треба да помине, колку е оддалечен и колку е безбеден паркот или игралиштето каде што детето ќе може самостојно да си игра.

Што се однесува до сообраќајот и грижата за автомобилите, детето треба да се насочува и подучува додека не ја совлада таа материја. Како и при учењето други вештини, на некои деца тоа ќе им оди побрзо, а на некои побавно. Од четиригодишно дете не може да очекуваме додека игра или ја преминува улицата да мисли на тоа дали ќе помине автомобил или не, но можеме да го учиме како да се однесува во сообраќајот. Ако детето е заиграно, тоа нема да може да внимава на сообраќајот и автомобилите. Нам, возрасните, ни останува да обезбедиме детето да си игра во безбедна околина и безбедно да учествува во сообраќајот. Претпоставувам дека наскоро не ќе морате постојано да го насочувате детето, туку тоа само ќе знае навреме да застане и да не излезе на коловозот, или ќе знае пред преминувањето на коловозот прво да застане, да погледне лево па десно, па тогаш да тргне, но и натаму вие ќе треба да бидете до детето. Упатувајте го на што да обрне внимание, а е поврзано со сообраќајот, но бидете реални во тоа и не плашете го.

Дете на претшколска возраст може да научи како да стигне до продавница, како да го премине коловозот и слично, но тоа не може да ги предвиди можните опасности, самостојно да се заштити од нив и соодветно да реагира во непредвидена ситуација. Затоа, за таквите ситуации не може да преземе одговорност.

Децата се брзи, се заигруваат и понекогаш се невнимателни. Тие немаат (ниту когнитивно можат да имаат) свест за опасностите што им се закануваат и за сериозноста на ситуациите во кои се наоѓаат. Затоа, иако не е секогаш лесно, покрај нив се родителите кои ги чуваат и внимаваат на нив!



912

X