Според д-р Џејн Л. Фредерик, репродуктивен ендокринолог, жените добиваат најголемо внимание затоа што имаат ограничен број јајце-клетки и мора да се борат со промените во количината и квалитетот на јајце-клетките почнувајќи од 35 години.

– Жените играат клучна улога во репродукцијата, што нè наведува да веруваме дека темите за плодност, бременост и породување се женски проблеми, без мешање од мажите откако ќе донираат сперма. Иако многу мажи над 45 години можат (без проблеми) да имаат деца, малкумина сфаќаат дека и нивниот биолошки часовник отчукува – објаснува таа.

Истражување од 2017 година од Медицинскиот центар „Бет Израел Диконес“ и Медицинската школа при Универзитетот „Харвард“ ги проучувало пациентите со ИВФ и открило дека додека жените на возраст од 40 до 42 години имале најголеми тешкотии за зачнување, шансите биле помали и кај постарите мажи – дури и кај оние чии партнерки биле помлади. Сепак, зошто е тоа така, останува да се истражува подетално.

Д-р Мајк Хсиех, директор на Центарот за машко здравје при Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего и професор по урологија, објаснува дека иако нема толку многу податоци за машката плодност колку што има за плодноста на жените, јасно е дека зголемената возраст на таткото е поврзана со пад на бројот на сперматозоиди, квалитетот на спермата, волуменот на спермата, тестостеронот и способноста за сексуална активност или еректилна дисфункција. Иако не постои „одредена граница“, поодминатата возраст за татко започнува околу 45-тата година.

Д-р Пол Турек, уролог и експерт за машка плодност, додава дека мажите во доцните 50-ти и 60-ти години доживуваат „дефинитивен пад“ на плодноста во споредба со помладите мажи. Причината за овој пад, вели тој, можеби не е само биолошкиот часовник на телото, туку и фактот дека одредени ризик-фактори се зголемуваат како што стареат мажите. Како што забележува, телото мора да биде многу здраво за да биде нормално плодно.

Тој додава дека квалитетот на спермата се менува или опаѓа како што стареат мажите. Колку е поголем степенот на „оштетување“ во спермата, толку е помала шансата за бременост. На крајот, може да дојде до спонтан абортус.

Исто така, Турек истакнува дека ризикот од влошување на здравствените услови или изложеност на отрови од околината се зголемува со возраста кај мажите, што може да резултира со неплодност.

Пад на различни витални функции со текот на годините

Мажите кои подоцна во животот ќе развијат здравствени проблеми можеби земаат лекови кои можат негативно да влијаат врз функцијата на спермата. Нивото на тестостерон кај мажите постојано се намалува со текот на времето, што исто така може да влијае врз нивната способност да станат татковци.

– Падот на нивото на тестостерон кај мажите може да предизвика пад на сексуалниот нагон, проблеми со ерекцијата и тешкотии при постигнување ејакулација – сето тоа придонесува за неплодност на парот. Изгледа дека нивото на тестостерон влијае врз сексуалната функција и желбата кај мажите, а замената на тестостерон ја подобрува еректилната функција, но предизвикува и пад на производството на сперма и доведува до неплодност. На крајот на краиштата, сè уште има многу непознати работи во врска со постариот маж и неплодноста, така што понатамошните истражувања ќе овозможат подобро разбирање на возраста и нејзиното влијание врз сите области на машката (не)плодност – објаснува д-р Фредерик.

Извор



912

X