Иако кутиите за бебиња се дел од долгата традиција во Финска, последниве години тие сè повеќе се користат и во други земји, а неодамнешните истражувања ги потврдија практичноста и ефективноста на овие кутии што им помагаат на новите родители. Поддржувачите на кутиите за бебиња веруваат дека тие помагаат за намалување на ризикот од синдром на ненадејна смрт – СИДС. Но, според еден британски професор, родителите треба двапати да размислат пред да го остават бебето да спијат во кутијата.

Професорот Питер Блер од Универзитетот во Бристол неодамна рече дека кутијата за бебиња од картон не треба да се промовира како безбеден простор за спиење, туку само како привремена замена, ако ништо друго не е на располагање. Неговата изјава се засноваше на недостиг на придружни докази во врска со безбедноста на кутија.

Кутиите за бебиња во основа се нетоксични картонски креветчиња кои вклучуваат цврст душек и чаршаф. Во јануари 2017 година Њу Џерси стана првата држава што бесплатно дистрибуира кутии до родителите во обид да спречи СИДС. (Во Финска, каде што овие кутии се во широка употреба, стапката на смртност кај новороденчиња е само 1,3 смртни случаи на 1.000 породувања. За разлика од тоа, во САД стапката на смртност кај новороденчиња е 6,1 смртни случаи на 1.000 родени).

Професорот Блер и неговите колеги тврдат дека детските кутии всушност не го намалуваат ризикот од СИДС, а нивната безбедност е под знак прашалник. За разлика од креветчињата, кутиите за бебиња не дозволуваат родителите лесно да го видат своето дете. Кутиите исто така го ограничуваат протокот на воздух, а и местото каде што се наоѓа кутијата носи одредени опасности. На пример, ако кутијата е на подот, возрасно лице може да се сопне и да падне на детето, или може да влезе домашно милениче. Ако ја ставите на маса или кауч, кутијата може да се преврти и да му наштети на детето.

Во минатото, непрофитната организација „Си-џеј Фрст Кендл“, која е посветена на намалување на случаите на СИДС, исто така, ги предупреди родителите да следат одредени упатства за да ги направат кутиите навистина безбедно опкружување за бебињата. Како прво, кутијата за бебиња треба да содржи само цврст душек и да нема други додатоци, како што се перници, кадифени мечиња и слично.

Уште една работа треба да се земе предвид: според Американската академија за педијатрија (ААП), Финска никогаш конкретно не ги проучувала и истражувала кутиите за бебиња, така што не може со сигурност да се знае дали кутијата е клучна за ниска стапка на смртност кај новороденчиња. Д-р Рејчел Ј. Мун, шефица на општа педијатрија на Факултетот за медицина на Универзитетот во Вирџинија и член на работната група на ААП за СИДС, за веб-страницата „Parents.com“ изјави дека разликите меѓу САД и Финска се „важен контекст во кој треба да се земе предвид улогата на кутијата за бебиња“.

– Финска нуди широк систем на социјална поддршка и придобивки за своите луѓе, како породилно отсуство и здравствена заштита. Така што, не се споредуваат баш јаболка со јаболка – рече таа.

Извор



912

X