Кучињата се многу чувствителни суштества и често силно реагираат на промените во нивната близина, како и на промените во животите на луѓето. Исто така, чувствуваат болка по губитокот на саканите. Многу сопственици на кучиња истакнуваат дека забележиле промени во однесувањето на кучето и кога некоја жена во домаќинството е бремена.

Некои велат дека кучињата едноставно знаеле дека сопственичките се бремени, дури и пред тоа самите да го откријат. Но, може ли навистина кучето да ја детектира вашата бременост и како? Експертите за кучиња се обиделе да го објаснат тоа.

Вистината за кучешкото чувство

Иако нема многу истражувања што би го потврдиле тоа, сепак, постојат неколку студии кои потврдуваат дека постои можност кучињата да ја почувствуваат бременоста на сопственичката.

– Нашите кучиња се одлични набљудувачи. Имаат совршени сетила за мирис и вид и не е чудно ако забележат некои промени кога жената е бремена – појаснува Мери Р. Бурч од „Американ кенел клуб“, која ги проучува однесувањата. Вели дека кучињата можат да забележат дека кај сопственичката нешто се променило поврзано со изгледот или мирисот, а може да забележат и емоционални промени, како и промени во однесувањето.

– Кај бремените жени се менува хемијата во телото која може да резултира со промена на мирисот или поради разликата во pH-рамнотежата, промените во исхраната или хормоналните промени. Дополнително, се менува мирисот на телото и жените што се борат со утринска мачнина можеби прескокнуваат оброци, а резултатот може да биде кетоза која предизвикува лош здив – појаснува таа. Кучињата навистина имаат силно сетило за мирис и ги тренираат да намирисаат експлозив или дрога. Истражувањата докажале дека кучињата може да намирисаат и здравствени промени како карцином, мигрена, па и епилептичен напад. Експертите моментално работат на тоа да откријат дали кучињата може да го намирисаат и коронавирусот.

Способноста на кучето да ја открие бременоста кај сопственичката зависи од неговата блискост со неа.

– Кај познатите жени промените во хормоните и мирисот ќе ги забележи побрзо отколку кај жените што никогаш не ги сретнало – вели Кејт Морнемент, консултант и експерт за однесувања од Австралија.

– Промените кај жените во исто домаќинство се најочигледни, иако кучето без проблем ќе открие промени и кај други, непознати жени – додава Бурч.
– Покрај тоа што може да откријат промени во хормоните, кучињата може да го слушнат и чукањето на срцето на бебето – тврди Морнемент.

Иако нема истражувања што ја поддржуваат оваа теорија, многу трудници ги споделиле своите искуства со миленичињата кои потврдуваат дека тоа е сепак можно. Но, дури и ако забележиле промени кај својата сопственичка, не е јасно дали кучињата може да ја претпостават причината за тие промени и да ги поврзат со новороденчето кое во еден момент ќе го донесете дома.

Како вашата бременост влијае врз кучињата?

Вашата бременост може да влијае врз однесувањето и расположението на вашето куче, иако тоа не е секогаш случај.

– Кога бев бремена, нашиот лабрадор не се однесуваше поразлично. Но, имавме и германски боксер кој стана многу тежок. Слушнав од клиентите дека однесувањето на миленичињата им се променило кога останале бремени, а главно опишуваат дека кучињата биле понервозни – вели Морнемент. Бурч тврди дека промените во однесувањето на луѓето може да влијаат и врз промените во однесувањето на кучињата.

– Кога жените се бремени, често се многу заштитнички настроени кон нероденото дете, често ги држат рацете на стомакот и кучето кое дотогаш смеело да скока на нив сега го оттргнуваат. Затоа кучето ќе стане почувствително или ќе бара повеќе внимание – вели Бурч додавајќи дека пријателка забележала промени во однесување на своето куче кога веќе била на крај од бременоста.

Сметала дека причината е тоа што го преместувале мебелот и се подготвувале за доаѓањето на бебето, а се променил и дневниот распоред на семејството – го намалиле времето што го поминувале вежбајќи со кучето.

– Во идеална ситуација, мајката и идниот татко нема да ги заборават потребите на своето милениче и тоа и понатаму ќе добива еднаква грижа и активности што му се потребни – вели Бурч.

Сара Вилсон, тренер за кучиња и автор на 9 книги за миленичиња, вели дека слушнала многу приказни за тоа како кучињата станале заштитнички настроени кон сопственичките трудници, но смета дека се работи само за лична процена.

– Се прашувам зошто го промени местото на кое спие за постојано да ме има во видик, забележав дека во текот на прошетката застанува помеѓу мене и другите луѓе, а сега постојано мора да ме допира и да бидам во своја близина. Тоа најчесто се речениците со кои се среќавам – вели таа.

Трудниците што не се од исто домаќинство имаат помало влијание врз промените во однесувањето на кучињата.

– Забележуваат ли тие дека непозната жена е бремена? Секако, само немојте да очекувате да им е грижа за тоа – вели Вилсон.

Како да го подготвите кучето за доаѓањето на бебето?

– Многу е важно родителите што очекуваат бебе да го подготват кучето за неговото пристигнување, бидејќи тоа е голема промена во рутината за сите членови на домаќинството. Добрата подготовка ќе овозможи избегнување на стравот и стресот кога бебето ќе пристигне – вели Морнемент.

Кучето ќе го подготвите така што постапно ќе го запознавате со предметите поврзани за бебето и ќе создадете позитивни асоцијации, спојувајќи ги тие предмети со пофалба или ужина. Тоа можете да почнете да го правите неколку недели или неколку месеци пред раѓањето на детето. Други сугестии се воведување постапни промени во рутината на вашето куче, можете да му пуштите снимки од детски плач, смеа и други знаци, како и да им се овозможи да ги намирисаат детските пудри и кремови пред доаѓањето на бебето. Вие најдобро го познавате своето куче и самите можете да одлучите кои методи ќе имаат најмногу смисла за него и најдобро ќе му помогнат.

Автор: Каролин Болоња

Извор



912

X