Кога на детето му излегуваат запчиња, тоа може да доживее многу непријатни чувства, болка, па дури и исип. Иако излегувањето на запчињата е најнепријатно нешто, треба да се обидете да превенирате во однос на појавата на исип колку што можете, да помогнете да заздрави доколку се појави и да го олесните процесот кај вашето малечко.

Што претставува исипот од излегувањето на запчињата?

– Кога им излегуваат запчиња, децата често се лигават – „во течноста може да има остатоци од храна, како и дигестивни ензими во самата плунка, што ја иритира кожата, па може да предизвика исип – вели Кендис Џонс, педијатар од Орландо, САД.

На која возраст е проблем исипот од излегување на запчињата?

Ова се случува најчесто кај бебиња и деца на возраст помеѓу 6 и 24 месеци.

Како изгледа исипот?

– Често се опишува како „црвенило со малечки испакнатини. Можно е да има и засечена кожа – вели Џонс.

Исипот може да предизвикува и лош мирис бидејќи плунката може со себе да носи и мириси. Исипот се повлекува со текот на времето бидејќи малечкото нема константно да се лигави и постојано да му никнуваат запчиња.

Исип на лицето

Најчести места каде што се појавува исипот се обравчињата, устата, брадата и вратот – каде што плунката е најмногу концентрирана.

Исип по телото

– Можно е да забележите исип и на горниот дел од градите бидејќи некои деца ја исфрлаат плунката и до тие делови – вели Џонс.

Има ли други исипи што изгледаат како исип од излегување на запчиња?

Исипот може да се појави поради низа вируси и има тенденција да биде проследен со треска. Може да се појави каде било на телото. Но, исипот поради излегување на запчињата не е проследен со треска, според Американската академија на педијатри. Можно е да се појави благо покачување на температурата (под 38 степени), што не се смета за вистинска треска. Додека егземот може да предизвика црвени делови кои може да се појават насекаде на телото, особено зад колената и ушите, на внатрешноста од лактите или на рацете. Консултирајте се со својот лекар ако не сте сигурни што е она што го предизвикува исипот.

Како може да се превенира?

– Најдобро е нежно да се избрише плунката со мека крпа за да се отстрани иритирачкото – вели Џонс. Да наместите неколку крпчиња околу лицето на детето е добра идеја бидејќи лесно можете да ги менувате кога ќе се натопат. Ако маицата на бебето е влажна, сменете ја со сува. Мачкање вазелин или некој друг крем за бебиња може да ја заштити кожата, додава Џонс. Таа вели дека не е штетно и ако мала количина од производот заврши на усните од детето.

Како се третира исипот од излегување на запчиња?

Следете ги истите чекори како и за превенција, доколку се работи за помалку изразен исип: избришете ја плунката, менувајте ги влажните маици на детето и користете заштитен крем. Одржувајте ја кожата на бебето чиста и сува, колку што е тоа можно.

– Ограничете ги потенцијално иритантните производи, а кожата на детето мијте ја со топла вода, нежно, неколку пати дневно и тапкајте со мека крпа за да ја исушите – вели Џонс. Обидете се да ги исфрлите цуцлите од употреба бидејќи децата со нив најмногу се лигават. Ако кожата е напукната, крвави или го чеша детето, тогаш обратете се на лекар, кој ќе ви препорача соодветни кремови. Не користете крем што му бил препишан на друг член од семејството.

Автор: Бони Шидел

Извор



912

X