Дали и вие сте зачудени кога ќе видите мали деца во количка како гледаат во екрани од паметни телефони или 5-6-годишни деца што имаат сопствен телефон? Дали сте чуле дека родителите ги смируваат со зборовите: „Еве ти го телефонот, само престани да плачеш?“ Дали е тоа нормално затоа што е честа појава? Колку е доволно, колку е премногу – се прашања што родителите често си ги поставуваат кога станува збор за децата и користењето таблети, паметни телефони, компјутери… Одговорите не се едноставни, но треба да се одредат правила и граници.

Првпат постои подрачје каде што децата се поуспешни од родителите

Современите генерации се нарекуваат дигитални домородци благодарение на тоа што од раѓање растат со помош на разни електронски помагала, па за нив дигиталниот свет се подразбира. Техничката интелигенција што до пред неколку десетлетија воопшто не постоела, сега е составен дел од нивниот интелект.
Меѓутоа, нивните родители допрва треба да се навикнуваат на големите технолошки новитети. Тие се „дигитални доселеници“ бидејќи првпат во историјата на човештвото постои област каде што децата очигледно се подобри и поуспешни од своите родители.
Не е лесно да се прифати фактот дека уште од претшколска возраст децата претпочитаат да изберат интернет отколку дружење со родителите и врсниците. Кога ќе тргнат на училиште, ситуацијата станува уште поалармантна.

Што прават децата на интернет?

Децата на помала возраст најчесто играат игри и сурфаат (пребаруваат на интернет). Постарите деца играат игри и се дружат (виртуелна комуникација), а највозрасните престануваат да играат игри, но продолжуваат да сурфаат и да се дружат. Интернетот во нивните очи е извор на забава, но и секогаш достапна, најголема светска енциклопедија на разни податоци.

Вашето познавање на гаџетите

Родителите што се вљубеници во техниката полесно ќе им дозволат на своите деца пристап до гаџети. Тие се свесни дека во ерата на компјутерите, дигиталната комуникација и новите вредности, гаџетите претставуваат неизоставен дел од животот.
За жал, најголем број од овие родители забораваат дека комуникацијата очи в очи, односно директната посветеност на детето – наспроти виртуелните светови – ништо не може да ја замени. Друга крајност претставуваат родителите кои имаат претерано строг став. Тие не се доволно запознаени со виртуелниот свет, не ги познаваат неговите предности, па исклучително се противат на користењето компјутери и гаџети.

Најголем ризик од вакво однесување е појавата на синдромот „забрането овошје“, кога детето го идеализира она што му е забрането. Оптимално е да постојат ограничувања во користењето на гаџетите, но тие граници да се поместуваат, да се одредуваат заедно со детето, паралелно со неговото растење. Свеста дека со растењето се менуваат потребите на детето и, од друга страна, јасното поставување граници се услов детето правилно да ги користи и да ужива во гаџетите, а не да трпи негативни последици.

Како да се постигне умереност?

Како родителите да формираат умерен став кон ова прашање? Треба да се информираат! Бидејќи постојат ризици и во претераното користење интернет, токму како што постојат и предности.
Ризиците од претераното користење гаџети навистина се многубројни. Кратковидоста кај школската популација речиси е двапати поголема отколку пред 50 години. Освен генска предиспозиција, на оваа појава влијае и замореноста на очите, што се случува при долготрајно гледање во екрани со мали димензии.

Исто така, претераното користење го намалува вокабуларот, придонесува за дебелина кај децата, ги слабее физичката моторика и социјалните вештини во реалниот свет… Јасно, најголем ризик е претераната опсесивност, пред сè, од игрите. На тоа особено се подложни деца помлади од 10 години. Зависноста од интернет станува сериозен проблем и сега низ светот постојат институции кои се занимаваат со лекување на ваквите состојби.

Предности

Сепак, користењето интернет и гаџети има и свои предности. Новите технологии влијаат врз детското внимание и го развиваат критичкото мислење. Гаџетите што овозможуваат интеракција (за разлика од визуелните медиуми) поттикнуваат стратегиско размислување и помнење, го обликуваат начинот на кој се носат одлуки и се решаваат проблеми.
Благодарение на содржините што обилуваат со динамика и визуелни ефекти, кај децата се подобрува можноста за опсервација, се забрзува времето на реакција, се зголемува способноста за побрзо уочување детали, а забележено е и општо подобрување на визуелните способности.
Голема предност на новите генерации е поинаквиот начин на размислување. Тие не се „робови“ на технологијата бидејќи сфатиле дека речиси ништо не мора да помнат. Наместо тоа, тие помнат каде можат да ги најдат тие информации ако им требаат. Значи, интернетот не го прави вашето дете ни помалку ни повеќе интелигентно, но го прави – поинакво.
Вие како родител имате задача да се приспособите на новите вредности со кои расте вашето дете. Технологијата е клучна за неговиот развој, а јазикот на дигиталниот свет е јазик на иднината. Ако не го познава, вашето дете ќе биде во полоша позиција од оние што го познаваат.

Кои се границите за користење гаџети?

Како прво, помирете се дека децата секогаш се обидуваат да ги тестираат, да ги поместат и да ги искушуваат родителските граници. Грубо кажано, тоа значи дека времето што детето го поминува на интернет е значително подолго од она што вие сте му го дозволиле. Впрочем, вие секогаш можете да проверите кога детето било активно на некоја социјална мрежа или користело „Вибер“, па ќе се изненадите дека било „активно“ кога вие сте мислеле дека спие. Сето тоа покажува дека не треба да постојат строги граници бидејќи последицата не е скратено време што детето го поминува со гаџети, туку недостиг на доверба меѓу вас и детето.

Должината на дозволеното време зависи од возраста на детето

Научниците и психолозите сметаат дека детето не би требало да има контакт со интернет сè до втората година од животот. Имено, тие до овој период немаат доволно развиен мозок кој би можел да прими брзи информации и да го разбере редоследот на брзо менување слики, па тоа може да предизвика нарушување на вниманието и проблеми во спиењето. Исто така, поради можните вознемирувачки содржини, важно е минимум 90 минути пред спиење детето да го остави телефонот, таблетот и другите гаџети…

Одредени психолози сметаат дека децата треба да се изолираат од интернет сè до 12-тата година! Меѓутоа, знаеме дека детскиот мозок во најголем дел се формира во раната претшколска возраст, па тоа е и идеалниот период за усвојување на предностите на интернетот. Сите ризици можат да се избегнат со поставување граници, а не со строги забрани.
Децата меѓу 10 и 14 години не би требало да користат таблети подолго од 30 минути дневно во континуитет, а паметни телефони подолго од 2 часа во текот на денот. Контролата на содржините подразбира дека вие како родители ќе внимавате користењето гаџети да им послужи за учење, како помош при решавање на домашните задачи и слично. Ако им е неопходно подолго користење, насочете го детето да користи компјутер со екран со нормална големина, со задолжителен одмор на секој половина час.

Олеснувања за поставување граници

Не откажувајте се од поставувањето граници. Во оној момент кога ќе попуштите пред детскиот гнев и ќе дозволите да се смири со гаџетот, вие му праќате сигнал дека упорното плачење може и во иднина да му користи за да дојде до својата цел.
Договорете се однапред: „Кога ќе завршиш со своите обврски, можеш да користиш интернет!“ Потоа одредете ги неговите обврски и колку максимално време може да помине на интернет.
Инсистирајте детето да се занимава со телесни активности бидејќи тие се неопходни за развој на моториката. Не откажувајте се од комуникација со детето.

Ако можеше Стив Џобс, можете и вие

Без оглед што ви се чини дека вашето мислење не му е важно на детето, интернетот никогаш не ќе може да ве замени вас како соговорник. Освен што со разговорот го зајакнувате контактот со детето, истовремено кај него ја намалувате потребата да посегне по својот телефон.
Конечно, додека бил на чело на „Епл“, Стив Џобс на своите деца им бранел предолго да користат гаџети. Особено бил строг кон користењето на овие „играчки“ во текот на викендот. Можете ли да замислите какви сè гаџети им биле достапни на неговите деца? Па, сепак, ако тој сметал дека границите се нужни и притоа успеал да ги постави – сигурно можете и вие.

Автор: Јелена Холцер



912

X