Ситуација во животот на родител на мало дете.

Сè беше добро додека не му однесовте појадок на своето дете на неговата сакана сина чинија. Поточно, до дента сакана. Некако преку ноќ сè што сте мислеле дека знаете за своето дете излегло погрешно – „Сакам сендвич во облик на триаголник, а не правоаголник!“, или „Сакам зелена шолја, а не црвена!“ или „Ги мразам тие чорапи!“

„А каква врска има што чинијата е сина? Само изеди!“, викате. „Зарем е важно во која форма е сендвичот!“, викате. И подоцна, кога ќе се смирите, сфаќате дека сте му викале на своето дете да престане да вика. Изразот „Прави го она што ти го велам, а не она што јас го правам“ никогаш немал поголема тежина. Речиси сите поминале низ ова. Сите се преиспитуваат дали добро постапиле во некоја ситуација и дали можело подобро и поинаку. Добра вест е дека постојат техники кои може да ви помогнат лошото однесување да го согледате во поинакво светло.

Пронајдете ја суштината на проблемот

Од каде потекнува оној бес поради сината чинија? Тоа не се случило случајно, туку е мотивирано од нешто што суштински се наоѓа во вашето дете. Без разлика дали е само за да привлече внимание или неможност да се справи со своите чувства, секогаш има причина за секое однесување. Треба да се сетите дека однесување е само симптом. Предизвик за родителите е да сфатат што се крие длабоко под сето тоа. Полесно би било ако детето знае да каже: „Мамо, го сакам твоето внимание само за себе. Имаш ли малку време за мене вечерва?“ Но, тоа е невозможно, па ако детето не го добива вниманието од родителот, ќе најде начин како да го привлече.

Замислете дека сте детектив. Кога детето ќе почне вака да се однесува, размислете што би ви рекло ако има вербални способности и емоционална зрелост. Кога ќе го најдете коренот на проблемот, можете да станете проактивен родител и да спречите испади. На пример, замислете дека треба да завршите еден многу важен повик, а вашето дете одлучува дека баш тогаш е време за борење. Додека се обидувате да дадете впечаток дека сте многу зафатени, му упатувате на детето „престани“ поглед, но безуспешно. Одите од соба во соба за да најдете мир, но детето ве следи. Кога ќе завршите со повикот, се чувствувате како да сте истрчале 8 километри. А детето само сакало да ви го привлече вниманието. Искористете го ова како лекција: приближно 20 минути пред да почнете да телефонирате, најавете му го тоа и кажете му дека би сакале пред повикот да му се посветите нему. Во текот на тие 20 минути целосно посветете се и кажете му нешто како: „Мама ужива да си игра со тебе и би сакала да продолжи кога ќе заврши разговорот“. Кога ќе дојде време за повикот, дајте му на детето избор: „Дали сака да гледа ТВ или тивко да си игра додека мама разговара?“ Исто така, оставете му хартија и пенкало да запише или да нацрта ако се случи нешто што го смета за важно. Поголеми се шансите дека ако од напред му се посветите, потоа убаво ќе се однесува.

Бидете доследни


Родителите знаат дека доследноста е важна, но се случува плановите да се менуваат во последен момент. Затоа е важно поголемиот дел од времето да следиме воспоставена рутина. Ако дел од вашата утринска рутина е децата да ги наместат креветите, да ги измијат забите и да се облечат пред појадок, почитувајте го тоа секој ден. Дали се држите до правилата кога е во прашање модерната технологија? За да бидете позитивен родител, важно е децата да ги знаат последиците од нивното непочитување. Ако децата одбијат или „заборават“ да ја исклучат видеоиграта кога времето ќе истече, треба секојпат да ги следите правилата и да се држите до претходно договорените последици. Кога родителите се доследни на правилата и последиците, децата многу поретко ќе ги преминуваат границите.


Кажете им „не“ на наградите

Родителите се чудат кога слушаат дека не треба секогаш да ги наградуваат децата. Вистина е дека наградите понекогаш може да донесат повеќе штета отколку корист. Кога дисциплинирате деца, важно е да размислите за своите долгорочни цели, а наградите нудат краткорочен успех. Ако денес сте го наградиле детето со чоколада зашто убаво се однесувало во продавница, дали тоа секој следен пат ќе очекува барем едно чоколадо за убаво однесување?

Фокусирајте се на она што го контролирате – СЕБЕСИ

Овој чекор е најтежок, особено кога ќе ве понесе ситуацијата, но ако се сетите дека за сè постои причина, тогаш можете да реагирате на соодветен начин. Постои ниво на емоционална слобода кое родителите го достигнуваат кога ќе сфатат дека не можат секогаш да ги контролираат своите деца, но можат своите реакции. Секако, некои родители можат со страв и казна да ги натераат децата убаво да се однесуваат, но со тоа постигнуваат краткотрајни резултати бидејќи секое дете ќе порасне и ќе има целосна контрола над својот живот. Затоа, наместо да се трудите да имате надмоќ над детето или да го подмитувате за да носи добри одлуки, обидете се да го набљудувате како мал човек кој не е научен да се однесува во одредени ситуации. Одлучете што сте спремни да направите однапред. Ова одлично функционира ако сакате вашите деца да почнат да завршуваат работи за кои се способни или за кои ги потсетувате, на пример, собирање на играчките и слично. На пример, со мирен тон речете им: „Сакам што ви ја спремам ужината за училиште, сè додека после часовите оставате чисти чинии на полицата. Ако не е сè на своето место, самите ќе си подготвувате ужина“. Потоа прашајте дали сакаат да направат нешто што би ги потсетило да ја донесат својата чинија. Потрудете се јасно да ги сфатат новите правила и нивните последици.

Следниот чекор е следење на развојот на ситуацијата. Не опоменувајте ги, бидејќи во тој случај тоа повторно станува ваш проблем. Ако чинијата е на свое место – супер, ако не, тоа ќе биде одлична можност за учење за следниот пат.

Дисциплинирајте, не казнувајте

Една од најголемите разлики помеѓу позитивните и другите родителски методи е фокусот на дисциплината, а не на казнувањето. Со учењето на своите деца за соодветни начини на однесување без казнување, срам и болка, ги оспособуваме и зајакнуваме да бидат компетентни и способни млади луѓе. Кога размислувате за одговор на лошото однесување – размислувајте долгорочно.

Родителството е една од најтешките задачи во животот на секоја личност, но доколку сте подготвени да учите заедно со своето дете, да ги слушнете неговите потреби и да се приспособите едни на други, ќе бидете сè поуспешни и позадоволни и од ден на ден сè повеќе ќе уживате во плодовите на својата работа.

Извор



912

X