Горниот дом на австралискиот парламент усвои закон со кој на лицата помлади од 16 години им забранува да користат социјални мрежи. Социјалните мрежи кои не ја почитуваат оваа забрана би можеле да платат казни до 32,5 милиони долари. Мерките првенствено се наменети да го ограничат пристапот до платформите „Тик-ток“, „Фејсбук“, „Инстаграм“ и поранешниот „Твитер“, мрежата сега наречена „X“. Австралија е првата земја во светот со такво решение, иако во многу земји се зборува дека контролата на пристапот до социјалните мрежи за децата не треба да остане само на нивните родители.
За жал, децата денес лесно можат да пристапат до содржини кои не се соодветни за нивната возраст на социјалните мрежи, од насилство до теми целосно несоодветни за нивната возраст. Денес, веќе не можеме да избегнеме да зборуваме за негативното влијание што го има ваквата содржина, што се рефлектира на повеќе нивоа, особено на когнитивно и бихевиорално ниво, а факт е дека кај младите се зголемува склоноста кон агресија и големи промени во губењето на концентрацијата и вниманието.
Многу е лошо што содржините од мрежите им се достапни на децата без никаква контрола, додека родителите, за жал, често имаат такво работно време што немаат можност да следат колку време поминуваат нивните деца на интернет и какви содржини гледаат. Ваквиот вид контрола не треба да се остави само на родителите, добро би било да се координира со интервенцијата на училиштата, а секако корисна би била и интервенцијата на државата.
Еден наставник по англиски јазик во основно училиште во Хрватска вели дека по негова иницијатива, неговиот клас стапил во контакт со деца во неколку европски земји, па учениците се допишуваат и се дружат, а попатно го учат јазикот. Затоа целосната забрана, вели тој, можеби треба да важи за оние помладите, а за децата постари од 12 години, поголемиот товар треба да биде на сопствениците на овие платформи, кои генерално треба да ги отстранат несоодветните содржини и да го ограничат она што младите можат да го видат. Со оглед на тоа дека тоа е дополнителен трошок за нив, сопствениците на платформите веројатно би рекле дека направиле доволно и дека крајната заштита сепак останува на родителите.
Автор: Маријана Матковиќ
912