Според стоматологот д-р Кунал Пател, забите всушност треба да се мијат пред појадокот, а не по него, како што досега мислевме.
Од мали нозе ги учиме децата, а и сами така растевме: стануваш, се облекуваш, појадуваш, ги миеш забите и тргнуваш на училиште. Сепак, се чини дека таа рутина треба да ја преиспитаме.
Д-р Пател објаснува дека сè зависи од тоа што јадеме. За време на појадокот, нивото на киселост во устата се зголемува, а ако веднаш потоа ги миете забите, всушност можете да ја оштетите забната глеѓ.

– Кога устата станува покисела, а вие тогаш ги миете забите, тоа е како да отстранувате слој боја од автомобил. Прво ставате киселина, па триете – објаснува д-р Пател и додава дека глеѓта почнува да ослабува бидејќи pH-вредноста е ниска, а вие со четката дополнително ја трошите.
Ако сепак одлучите да си ги миете забите по појадокот, препорачува да почекате барем половина час, за pH-вредноста во устата да се врати во рамнотежа. Во тој процес голема улога игра плунката.
– Плунката е природен заштитен механизам. Преку ден ја произведуваме повеќе, но ноќе помалку, затоа, на пример, јадењето благо пред спиење е најлошото нешто. По вечерното миење на забите, не треба ништо повеќе бидејќи pH-вредноста паѓа и забите стануваат послаби – предупредува д-р Пател.
Тој нагласува дека миењето на забите треба да биде неприкосновена рутина, двапати дневно, без исклучок, во времетраење од 2 минути. Ни помалку ни повеќе.