Кога некој би нѐ прашал дали е во ред детето да не оди на училиште неколку дена поради одмор, нашиот одговор секогаш би бил – „Не, тоа не е во ред“. Во тој случај, пораката што му ја испраќате на детето е – забавата е поважна од училиштето. Дали навистина го сакате тоа?

Но, тогаш се запрашавме – дали училиштето, факултетот и работата секогаш, без исклучок, треба да бидат пред забавата? Размислувајќи и читајќи на оваа тема и за дилемата со која се соочуваат многу родители, на кои можеби им е полесно да си дозволат одмор кога децата сѐ уште се на училиште, наидовме на совети од клиничкиот психолог и мајка на три деца Емили Едлин. На прашањето на една мајка, која вели дека добила одлична понуда да ја однесе својата осумгодишна ќерка во Дизниленд, но во текот на учебната година, па се мисли дали треба да го направи тоа или не, Емили вели:

„Апсолутно сум сигурна дека никогаш не сум пропуштила училиштен ден за да направам нешто забавно. Моето семејство не патуваше многу, можеби немаше никакви можности, но одењето на училиште секој ден никогаш не беше доведено во прашање. Еднаш во средно училиште мојата пријателка ме замоли да одат на тридневно скијање со неа и нејзината група од хорот, а моите родители не сакаа да ја донесат таа одлука. Тие инсистираа да го прашам класниот раководител дали ќе ми дозволи да го сторам тоа. Не сакаа да ги оправдаат часовите или да кажат дека сум била болна.

Сето ова го пишувам за да ви објаснам дека во текот на моето образование строго ги следев правилата и се држев до рутината. Тоа како образец ме следи и денес, додека им ги пренесувам правилата и рутините на моите деца, понекогаш прашувајќи се – дали треба малку да се опуштиме?

Но, знаете што? Пропуштете неколку дена од училиште за да направите нешто забавно и да создадете спомени како семејство. Како што влегувам во средна возраст и времето минува побрзо секој ден, сфаќам колку е важно да се искористи секоја можност за да создадеме заеднички спомени. Што се неколку дена на училиште во споредба со семејство кое ќе шета заедно, ќе открива нови места, ќе се смее, ќе гради врска за цел живот? Додека децата сè уште сакаат да патуваат со вас“…

Кога е во ред децата да пропуштат часови?

„Во тие први одделенија од основното училиште веројатно барањата што им ги поставуваат на децата во училиште не се толку ригорозни, па тие неколку дена нема да им го нарушат процесот на учење. Мој совет е да ги искористите тие рани години, кога можете да ги планирате работите околу вашиот распоред, а не околу распоредот на децата“.

Кога тоа сепак не е во ред

„Мое лично мислење (не базирано на научни истражувања за деца кои пропуштиле неколку дена на училиште поради патување, затоа што нема такво истражување) е да се опуштите и да не се грижите премногу до 5. одделение. Но, кога училиштето станува понапорно, а тие учат работи на училиште што можеби нема да можете да им ги објасните дома, јас би била повнимателна во однос на пропуштањето часови поради патување.

Всушност, познавам барем едно семејство на кое отсекогаш му било приоритет патувањето пред училиштето. Не би го правела тоа често, бидејќи ниту моите приоритети ниту мојот карактер не би го дозволиле тоа, но секако се согласувам дека со искуството од гледање нови и различни култури, децата ќе учат работи што не можат да ги научат на училиште“.

На што да размислите пред да одите на патување

„Иако нема никакво истражување за тоа како семејните одмори влијаат врз оценките, со сигурност знаеме дека повеќе отсуства од училиште ги наведуваат децата да се мачат со материјалот. Затоа, кога малку ќе пораснат и кога ќе биде потешко да се добијат петки, прво треба да ги земете предвид потребите на вашето дете како ученик. Ако ги пропушти часовите во текот на годината поради некоја друга причина, сепак треба да ги користите одморите за патување. Друга работа за која треба да размислите е колку стрес и дополнителен напор ќе има поради пропуштените часови, па ако е тоа премногу за детето, откажете се од патувањето.

Така, како што детето ќе старее, ќе ви биде потешко да организирате патување во текот на учебната година. Значи, мојот краток одговор на прашањето дали треба да го однесете вашето 8-годишно дете во Дизниленд е – ДА. Нека биде тоа оној дел од детството кога забавата сè уште е на прво место.

Понекогаш, ако не можете да си дозволите да патувате за време на празниците или ако имате одлична можност да бидете заедно како семејство, во ред е децата да пропуштат неколку дена од училиштето.

Автор: А.Цвјетиќ

Извор



912

X