Го покренав прашањето дали смееме да ги прегрнуваме нашите ученици. Таа тема крена голема прашина, па спроведов анкета меѓу колегите, пишува Максуда Муратовиќ за skolegijum.ba. Наставниците беа поделени: некои велат дека прегратките се од пресудно значење за учениците, а други дека тоа е неприфатливо однесување.

Еве некои одговори:

– Да, препорачувам прегратка ако е во прашање поддршка, утеха, честитка за роденден и верски празник.
– Да, препорачувам од сè срце. Децата ја чувствуваат топлината, сигурноста и довербата со самата прегратка. Не го доживуваат стравот од професорот, кој во повеќето случаи ги блокира.
– Да, доколку тоа му е потребно на ученикот за да се чувствува посигурно и или поопуштено, доколку тоа му помогне да напредува во учењето и неговиот однос кон другите, бидејќи една прегратка може многу да помогне.
– Не, не смееш, тоа е општо познато правило. Одамна го избегнувам тоа, иако сметам дека на децата многу пати тоа им е потребно, се чувам од тоа.
– Не, нема потреба да ги прегрнувам.

– Зависи од ситуација до ситуација. Ако улогата на класниот раководител е и разговор за некои доверливи работи кога на ученикот му е потребна прегратка за утеха дали поради смртен случај или некоја несреќа – тогаш прегратката е важна и потребна. Ако предметниот наставник така сака да ги мотивира учениците да учат, не гледам потреба од прегрнување бидејќи учениците можеме да ги мотивираме на многу други начини.
– Учениците од основните училишта очекуваат од наставникот пристрасност и еден мајчински однос, така што понекогаш е неопходно наставничката со физички контакт да му овозможи чувство на сигурност и поврзаност на ученикот. Такво нешто не вреди за учениците од средно образование, каде што наставниците и наставничките мора да заземат извесна дистанца и да избегнуваат физички контакт.
– Правилникот вели не, учениците велат да. На многу ученици им недостига мајчинска љубов, им недостига некој на кој можат да му се доверат без осуда, некој што ќе ги советува, бидејќи родителите се зафатени со борбата за егзистенција. Учениците се депресивни, тажни, осамени. Првите не би иницирале прегратка, но не ги ни одбиле децата кои ќе искажат желба за тоа. Некогаш тоа е сè што им треба – па ако им помогне, правилникот станува помалку важен.

– Да се прегрне или не? Некои училишта остро го забрануваат тоа ниво на физички контакт помеѓу наставниците и учениците, додека други ги поттикнуваат наставниците да даваат утеха кога е тоа потребно. Најмногу им е потребна прегратка кога ќе им се изврши неправда, тоа ги боли и тогаш чувствуваат на кого може да му се обратат. Зборовите тогаш не им се потребни колку што им се потребни прегратките, топлината, чувството дека некој ги разбира.
– Знаеја да ми се обратат за прегратка кога се отфрлени од друштво, од своите пријатели, ако не се на исто економско ниво… Децата така некогаш се делат, на пример, на оние од рурални и оние од урбани подрачја. За жал, ова го има многу често како појава.
– Не, не смеете да ги прегрнувате учениците. Барем не секогаш. Имавме во училиште професорка, ја нарекувавме челичната дама. Беше многу лута ако не видеше нас младите професорки како ги прегрнуваме учениците. Зборуваше дека мораме да бидеме со нив на дистанца, нема приказни, разговори, ниту смеа, бидејќи тоа не им доликува на наставниците. Само „добар ден“.

Оваа тема неодамна се појавила и на фејсбук-страницата „НиеСмеНаставници линија за помош“ (WeAreTeachers Helpline), од што е јасно и дека наставниците на Западот имаат дилема дали да ги прегрнуваат учениците или не. Вака одговориле:

– Вашата прегратка може да биде единствената што детето ќе ја добие во текот на денот.
– Понекогаш ние сме сè што имаат. Ретко иницирам прегратка, но никогаш нема да ја одбијам.
– Денот кога некој ќе ми рече дека не смеам да го прегрнам ученикот е денот кога ќе отидам во пензија. Децата треба да се чувствуваат достојни за прегратка, бидејќи не ги примаат дома.
– Прегратката прави училиштето да е грижливо место.
– Истражување покажало дека учениците што се прегрнуваат се посреќни и подобри од оние што не го прават тоа. На своите ученици им велам дека ако некогаш посакаат прегратка, можат да дојдат кај мене во кое било  време. Сепак, тие мора да бидат иницијаторите.

– Училиштето може да биде толку брутално место, преполно со сегрегација. Мислам дека повеќе прегратки би помогнале во борбата против насилството, во борбата со злоупотребата и проблемите со дрога што ги гледаме во средните училишта.
– На некои деца им треба само прегратка.
– Имам ученици што доаѓаат и велат: „Госпоѓо, ми треба прегратка“. Ќе се прегрнеме, а потоа секој продолжува со своите активности. Тие само треба да знаат дека некој се грижи за нив и дека му значат некому. Зад тоа стои чудна наука.
– Прегратката носи утеха кога ќе се случи нешто најлошо.
– Никогаш не сум ги прегрнувала моите ученици. Кога во сообраќајна несреќа изгубив три ученици, станав толку слаба што не можев да одбијам да им дадам прегратка. Предупредување? Никогаш не иницирам. Ги оставив самите да изберат кога сакаат прегратка.
– Постојат подобри и посоодветни начини на учениците да им се покаже љубов.
– Сакам прегратки. Давам странични прегратки, па тоа е посоодветно. Многу други наставници го имаат истото мислење – дека страничните прегратки се правилниот начин на прегрнување.

– Постојат алтернативи за прегратката, други начини да се искаже одреден степен на блискост, а тоа се поздравите со дланка, „да пукне“…
– Прегратките се соодветни само во одредени ситуации.
– Тоа зависи од возраста на ученикот, местото на кое се наоѓате и потребите на вашите ученици. На сите некогаш ни е потребна прегратка, но бидете внимателни.
– Постои родова рамнотежа кога се работи за прегрнувањето. Јас сум машки наставник во средно училиште и мислам дека би било чудно да ги прегрнувам своите ученички, така што дефинитивно сум против тоа.
– Најсигурен пат е да се избегне прегрнувањето.
– Родителите секогаш ги обвинуваат наставниците за нешто. Не прегрнувајте ги, не давајте им повод.
– Моравме да потпишеме документ на кој пишуваше дека нема да ги допреме децата на кој било  начин. Ако тоа го направиме, мора да поднесеме извештај и да земеме изјави од сведоци.

Стравовите на наставниците се различни и зависат од тоа дали работат во основно или во средно училиште, дали се мажи или жени. Приоритет, всушност, би требало да биде почитувањето на политиката на училиштето во кое се работи, а од анкетите може да се заклучи дека повеќето колеги сметаат оти може и треба да се прегрнуваат учениците, дека децата понекогаш сами го бараат тоа, па нема потреба да се одбива, но притоа треба да се има мера – за да не се изгуби дистанцата што мора да постои помеѓу наставникот и ученикот.



912

X