Без разлика на која возраст сте, терапијата со запишување на своите мисли може да ви помогне во решавањето на проблемите, откривањето на изворите на стрес или за подобро разбирање и анализирање на тешките ситуации. На тинејџерите животот им е исполнет со силни емоции и возбудливи искуства, па водењето дневник е како нивно безбедно место за истражување и разбирање на сопствениот свет.

Генерално, дневниците се приватна работа и тоа треба да се почитува. Но, има ли моменти кога е во ред родителите да го прочитаат дневникот на својот тинејџер?

Многумина велат ДА – но под одредени околности

На веб-страницата „Фокус на семејството“ пишува дека родителската одговорност подразбира заштита на својот тинејџер, па тоа е доволна причина читањето на дневникот да биде прифатливо. Важно е да си го поставите прашањето зошто ја носите одлуката да ги читате приватните мисли на вашето дете.

Ако вистината е дека сте поттикнати од анксиозност, параноја или желба за контрола, тогаш прво справете се со тие проблеми наместо да го читате дневникот на вашето дете. Тоа не се соодветни причини, ниту пак здрави причини за да навлегувате во приватноста на вашето дете. Треба кај вас да постои соодветна загриженост за благосостојбата на вашето дете за да дојде до таква одлука.

Во 2017 година била објавена приказна за татко од Мериленд кој го прочитал дневникот на својата ќерка. Неговиот избор за нарушување на нејзината приватност довел до спасување животи кога го открил нејзиниот план да однесе пиштол во средното училиште. Лесли Морган-Стајнер, мајка на 3 деца и добро позната блогерка за родителство, го понудила своето мислење за таа ситуација. Таа ги охрабрила читателите дека се работело за екстремен случај и дека не треба родителите веднаш да одат дома и да ги читаат дневниците на децата. Сепак, овој пример треба да послужи како поттик за барање предупредувачки знаци.

Морган-Стајнер ги советува родителите да обрнат внимание на своите тинејџери за да видат дали ќе забележат изненадувачки промени и чудно однесување – промени во спиењето, нови пријатели, докази за користење дрога или самоповредување или закани кон другите или кон себеси. Во тие околности треба да се земе предвид опцијата за мониторирање на нивните активности по социјалните мрежи и можеби и читање на нивниот дневник.

Дневниците се света работа за тинејџерите

Професорот по психологија на колеџот „Оберлин, Ненси Дарлинг, тврди дека има барем три основни причини зошто повеќето од нас би се чувствувале лошо ако ги прегледуваме дневниците на нашите тинејџери: тоа ја нарушува нивната приватност, интегритетот на сопствената личност на детето и ја минимизира довербата која треба да биде основа за здрав однос помеѓу родителите и децата. Сепак, Дарлинг смета дека има периоди кога тоа е соодветно, па дури и оправдано. Таа дефинира поими како рутинско обелоденување и самооткривање за да им се помогне на родителите да идентификуваат кога е погоден момент за читање на дневникот.

Рутинско обелоденување е кога детето споделува информација која на родителот му е потребна за легитимно да ја извршува својата работа како родител – на пример со кого се дружи детето, каде оди, кога ќе дојде дома и слично. А самооткривање е информација која изгледа непотребна за родителот кој треба легитимно да си ја завршува својата задача. Може да треба да знаете дека детето отишло во трговскиот центар со најдобриот пријател, но не е потребно да знаете за што зборувале. Кога детето не учествува во рутинското обелоденување, а вие чувствувате дека вашата способност да го заштитите е загрозена, тоа се ситуации кога може да го читате неговиот дневник. Ако дојде до тоа, објаснете му на детето зошто сте почувствувале дека имало потреба од такво нешто.

Заклучок

Ваша е одлуката дали ќе го читате дневникот на детето, ако сметате дека тоа е нешто што е неопходно. Ако сте загрижени за него и навистина верувате дека вашите дела ќе ви помогнат да бидете подобар родител, а вашиот тинејџер да биде безбеден, тогаш утешете се со фактот дека и други родителски извори се согласуваат дека понекогаш тоа е соодветно, па дури и одоговорно, со цел заштита на децата. Сепак, не е одлука што се донесува лесно. Ако го правите тоа, разберете дека може да има негативно влијание врз односот со детето, барем некое време.

Дневниците се света работа за тинејџерите и нивното читање без дозвола може да биде нарушување на довербата што детето ја има во вас. Отворената комуникација со вашиот тинејџер е многу важен дел од вашиот однос. Кажете му на тинејџерот дека ги почитувате приватноста и автономијата и објаснете зошто сте почувствувале потреба да го читате дневникот. Иако тоа нема веднаш да ја подобри ситуацијата, сепак ќе помогне тинејџерот да ги разбере вашите дела поттикнати од грижа за него и желба да го заштитите.

Дискутирајте како ќе се справите со ситуацијата и со слични ситуации за продолжување понатаму. Можеби барате малку повеќе транспарентност од вашиот тинејџер, или тој/таа изразува фрустрација која не соодветствува на вашите грижи. Искористете го тоа искуство за да ги истражите границите и да научите повеќе за тоа кој тип комуникација повеќе ви одговара и вам и на детето.

Автор: Меган Маркет

Извор



912

X