Честа тема на разговор меѓу родителите, без сомнение, е дали е полесно да се одгледуваат момчиња или девојчиња. Родителите на девојчиња тврдат дека се многу покомплицирани, а родителите на момчиња се жалат дека не можат да се справат со нив. Оние што имаат и момче и девојче дома веруваат дека не е лесно со ниту еден пол. Се разбира, секое дете е приказна за себе и карактерот на секое дете влијае врз воспитувањето и ги одредува предизвиците. Сепак, според психолозите, постојат предизвици во воспитувањето кои се одредуваат според полот на детето.

Секој пол има свои барања

Комплексноста на воспитувањето момчиња во споредба со воспитувањето девојчиња е релативна и не зависи само од нивните личности, туку и од нивната возраст. Вистина е дека девојчињата и момчињата различно се справуваат со емоциите и социјалните ситуации и дека своите фрустрации и агресивност ги изразуваат на различни начини. Општ заклучок е дека момчињата потешко се воспитуваат на возраст од четири до осум години, а девојчињата стануваат попроблематични за одгледување во тинејџерските години.

Девојките сѐ посклони кон емоционални испади

Кога станува збор за емотивните испади и целокупното искуство и изразување на емоциите, девојчињата се нешто попредизвикувачки за одгледување отколку момчињата. Тие имаат повеќе емоционални испади, кои обично се поинтензивни од емоционалните испади кои ги доживуваат момчињата. Преку низа студии психолозите заклучуваат дека многу мајки забележале оти девојчињата, дури и како бебиња, се емотивно понепредвидливи и реагираат побурно од момчињата. Машките деца, имено, се посклони да се приспособат на ситуацијата и се чини дека тоа продолжува во текот на нивниот развој. Девојките различно управуваат со своите емоции и имаат тенденција да „возвратат“ ако се чувствуваат нападнати.

Поинаку покажуваат агресија

Додека растат, и момчињата и девојчињата ја изразуваат својата фрустрација преку агресија, но ја изразуваат на различни начини.
Девојките често ја изразуваат својата агресија вербално, додека момчињата се посклони да ја покажат физички. За време на пубертетот забележано е дека девојчињата ја покажуваат својата агресивност со блокирање на луѓето кои ги провоцираат на социјалните мрежи, како и дека не се двоумат вербално да малтретираат. Од друга страна, момчињата ќе станат физички агресивни, што може да доведе до физички повреди.

Со девојките полесно се комуницира

Треба да комуницирате и со момчињата и со девојчињата, тоа е сигурно. Но, девојките се поотворени за разговор и полесно ќе се вклучат во која било тема, без разлика колку е тоа незгодно. Во периодот на пубертет кај девојчињата кои пораснале во комуникативна семејна средина, веројатно ќе се изненадите од директните прашања што можат да ви ги постават. Момчињата имаат тенденција да ја чуваат приватноста за себе и ќе ви биде малку потешко да разговарате со нив за некои емотивни теми.

Значи, одговорот на прашањето „дали е полесно да се воспитуваат момчиња или девојчиња“ не е воопшто едноставен. Тоа зависи од многу фактори, а сѐ е полесно доколку вие како родител покажете љубов и апсолутна поддршка кон двата пола.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X