Расправата во врска со тоа дали е потешко да се одгледуваат девојчиња или момчиња е вечна тема меѓу родителите. Но, дали може да се даде конечен одговор на тоа?
– Стереотипи или чиста вистина? Мислам дека родителите го користат изразот „што е потешко“ врз основа на моментална фрустрација – вели семејниот терапевт Мајкл Гјуриан и додава: „Одгледувањето девојчиња и момчиња е еднакво тешко на свој начин“.
– Секое дете е различно. Нејзината или неговата вродена особеност се обликува во текот на животот. Околината (вклучително и родителите) игра огромна улога. Постојат разлики во начинот на кој им пристапуваме на девојчињата и на момчињата од самиот почеток – вели Давид Стејн, професор по психологија на Универзитетот „Вирџинија“ во Питсбург.

– Имаме некои несвесни навики, на пример, со девојчињата да разговараме потивко или момчињата повеќе да ги фрламе во воздух. Но, вистина е дека мозокот на девојчињата и мозокот на момчињата се разликуваат. Растот се одвива со различна брзина, а тоа влијае врз однесувањето -вели Стејн.

Леонард Сакс, лекар верува дека родителите прават разлика при одгледувањето девојчиња и момчиња затоа што и самите се различни од раѓањето.
Значи, дали конечно можеме да одговориме на големата родителска расправа околу тоа кој пол е потешко да се одгледува. Многу нешта зависат од прашањата што и кога?

Дисциплина: Момчиња

Зошто момчињата помалку слушаат? Се покажало дека нивниот слух, уште од раѓањето, не е толку добар како кај девојчињата, а таа разлика само се зголемува со растењето. Момчињата, исто така, се помалку вербални и импулсивни, што е особено забележливо во периодот кога одат во градинка. Д-р Гјуриан вели: „Момчињата се повеќе тактилни суштества, што значи дека треба да ги кренете и да ги седнете кога не ве слушаат, додека девојчињата повеќе реагираат на вербалните предупредувања“.

Физичка сигурност: Момчиња
Стручните лица сметаат дека момчињата се погласни и поагресивни, и дека ризикувањето им предизвикува задоволство. Многу родители сметаат дека момчињата треба повеќе да ги „држат на око“ и дека за нив треба почесто да имаат фластери при рака. Сепак, не би било лошо да ги поттикнуваат и девојчињата да влегуваат во ризик и да им допуштаат еднакви игри како и на момчињата.

– Со тоа што ќе им допуштите на децата да истражуваат и притоа да заработат понекоја гребеница или расеченица, вие им помагате во градењето на карактерот, самодовербата и отпорноста – вели д-р Венди Могел, авторка на книгата „Благословот на повреденото колено“.

Комуникација: прво момчињата, а потоа девојчињата
– Од раѓањето, девојчињата се повеќе заинтересирани за боите и текстурите, додека момчињата повеќе се интересираат за движењата. Тие разлики се уочуваат во цртежите на дечињата, девојчињата повеќе користат светли бои, додека момчињата повеќе избираат сина, зелена и црна боја – вели д-р Сакс. Поради тоа што девојчињата повеќе ги проучуваат лицата, подобри се во невербалната комуникација, како изрази на лицето, но и подобро го разбираат тонот на гласот. Момчињата не само што подоцна прозборуваат од девојчињата, туку и имаат посиромашен вокабулар и тешкотии при поврзувањето на емоциите со зборовите.
Важна напомена: Поради тоа што момчињата пократко задржуваат контакт со очите, многу родители се грижат за аутизмот, имајќи предвид дека тоа е еден од знаците. Мајките не мора да се грижат затоа што тоа е сосема нормално кај момчињата поради начинот на кој функционира нивниот мозок, вели д-р Гјуриан. Сепак, кога девојчињата ќе наполнат осум години, работите малку се променуваат. Почнуваат поголеми драми во врска со тоа кој на кого му е налутен, кој што рекол и зошто го рекол тоа… Воспоставете отворена комуникација со ќерките за да научат дека може да ви се обратат за совет.

Самопочит: Девојчиња
Развивањето здрава слика за себе е најважно за сите деца. Но, стручните лица велат дека девојчињата растат со помала самодоверба и се понесигурни во себе. – Ставањето на туѓите потреби на прво место, игнорирањето на сопствените чувства и избегнувањето да се заземат за себе – е културен притисок кој главно ги погодува девојчињата, вели Џен Берман, семејна терапевтка.
Сликата за сопственото тело е голем дел од самодовербата, а иако постојат дисфункции и кај момчињата и кај мажите, тоа главно е женски проблем.

– Бидете свесни за пораката што ја пренесувате за своето тело, исхраната и физичкиот изглед. Многупати негативната слика за сопственото тело кај девојчињата доаѓа директно од нивните мајки, кои критички се огледуваат во огледало и гласно коментираат – вели Берман и додава дека занимавањето со некој спорт е одличен начин на кој девојчињата може да изградат самодоверба и да изразат благодарност за своите тела.

Училиште: Главно момчињата

Момчињата и модерното образование не се идилични партнери. Во својата рана возраст повеќето момчиња заостануваат зад девојчињата во развојот на внимателноста, самоконтролата, јазикот и моторичките способности. Една од областите во кои девојчињата се послаби, што се однесува на училишните предмети, е просторната ориентација и геометријата. Девојчињата користат различни делови од мозокот за да обработат просторна перцепција.

Заклучок
Се чини дека момчињата во рана возраст се попребирливи, додека девојчињата, секако, се покомплицирани во претпубертетските и пубертетските години.

 



912

X