Се обидувате да дознаете дали вашето дете има само безопасна настинка или некоја посериозна состојба – ова може да биде вистински предизвик дури и за најискусниот родител. Се јавува страв и загриженост кога не знаете како да постапите со вашето мало дете. Се разбира дека се случува грижата да биде и претерана кога вашето дете е многу малечко, па не може да ви каже како се чувствува. За среќа, има знаци на кои може да обрнете внимание и ќе ви помогнат да дознаете дали детето се чувствува лошо.

Има температура

Ако температурата на детето постојано се покачува, тоа е индикација дека има некоја инфекција – вирусна или бактериска. Важно е да имате точни податоци за неговата телесна температура, па треба често да ја мерите за да забележувате одредени промени. Сега има различни топломери, дигитални, со кои брзо и лесно можете да го направите тоа.

Промени во однесувањето на детето

Вие најдобро го познавате вашето дете. Повеќето од бебињата различно се однесуваат во текот на денот. Но, ако има одредени промени во нивното вообичаено однесување, на пример, ако е повеќе вознемирено од вообичаено, постојано плаче, не сака да легне да спие или помалку реагира од вообичаено, тогаш тоа е знак дека нешто не е во ред со него.

Проблеми со дишењето

Ако вашето дете почне да има плитко дишење, забрзано дишење или тешкотии при земањето здив, тогаш тоа се знаци на инфекција или астма. Ако сте загрижени за неговото дишење, можеби е добро да снимите видео од тој процес и да му го покажете на вашиот лекар.

Промени на кожата и исипи

Виолетови и црвени исипи, или пак модра или бледа кожа, може да биде индикација дека детето не се чувствува добро. Бебињата се склони на исипи и некои од нив не се причина за загриженост. Но, ако исипот е во комбинација со треска, тогаш тоа е знак за сериозна болест, па ако температурата се покачува, време е да се упатите на лекар.

Промени во јадењето и пелените

Болеста кај малите деца може да предизвика дехидратација. Можете да го набљудувате тоа преку проверка колку течност прима во текот на денот и проверка на неговите пелени (дали се влажни или суви). Ако има помалку од половина од бројот на вообичаени влажни пелени, или повраќа или има дијареја, тоа обично е знак дека има вирус.

Ако бебето има треска, секогаш е добар избор да се јавите на лекар.

Автор: Брон Бејтс

Извор



912

X