Дека и најмал зајадлив коментар од „селебрити мајка“ може да ги подгрее страстите, сведочи и најновата војна што се води на друштвените мрежи и на најчитаните портали. Една позната мајка се пожалила дека во трговски центар морала да го дои бебето и да го преслекува во ужасни услови, во тоалетот за преповивање, и предизвика илјадници коментари.

Прашањето што го поттикна е дали местото на бебе кое нема ни два месеца му е во трговски центар?
Според реакциите, над 90 отсто од жените мислат дека ни бебињата ни малите деца нема што да бараат на такво место. Едните како аргумент го посочуваат метежот, другите – тоа што нема свеж воздух и природна вентилација, трети – вирусите и бактериите што циркулираат низ воздухот благодарение на централната клима, четврти сметаат дека бебето не може да цица на мир од толкава бучава…

Што ако била во аптека?

Дел од нив сметаа дека во трговски центар се оди за да се биде виден, други тврдат дека на тие услови се жалат само „многу важни и вообразени мајки“, а дел го бранат ставот дека на децата местото им е во паркот, а не во трговските центри и во бутиците.
Во одбрана на славната мајка се појавија следниве прашања: А што да прави жена што мора нешто итно да купи, а нема на кого да му го остави бебето? Од каде знаете дека не отишла по пелени или во аптека?

Централната клима е поопасна за мајката

– На бебе од два месеца нема ништо лошо да му се случи во трговски центар ако лежи во количка или ако мајката го носи во марама. Инаку, централната клима е поопасна за мајката отколку за бебето. Ако цица, бебето е заштитено, но мајката не е и таа може да се разболи, да добие вирусна или бактериска инфекција – вели Милена Попевиќ, советник за доење.

Покрај тоа, таа се согласува дека бебињата и малите деца треба да ги носите во трговски центри само во исклучителни случаи и ситуации.
– Еден-два часа во трговски центар, ако мајката мора да заврши некоја работа, нема да му наштетат на малото бебе, но долготраен престој, кој опфаќа и доење и преслекување, не е добра опција. Мајките не треба да се затворат во четири ѕида со детето. Наместо во шопинг-центар, може да одат во мирно кафуле да испијат кафе со пријателките или рано наутро да прошетаат со бебето во паркот – вели Попевиќ.



912

X