Завршени се деновите кога ставањето тетоважи беше табу за жените, особено за оние што се мајки. Сега, има многу веб-страници исполнети со прекрасни идеи за тетоважи за мајките, па дури и за идните мајки кои на тој начин може да го прослават сето она што им се случува од раѓањето на детето до моментите поминати заедно. Сигурно се прашувате дали да се тетовирате додека сте бремени или додека доите. Се прашувате дали е безбедно.


Важно е да знаете дека речиси нема научна студија за тетоважите и бременоста и доењето. Причина за тоа е и етичкиот сегмент од прашањата на што треба или не треба да бидат изложени мајките кои очекуваат бебе. Информациите достапни за безбедноста се базираат на медицинска експертиза со осврт на потенцијалните ризик-фактори, како што е изложеноста на инфекции.

Инфекција


Најголемата загриженост за тетовирањето во текот на бременоста или доењето е ризикот од инфекција, колку и да е мала. Инфекциите кои се најголема загриженост се ХИВ, МРСА и хепатит Б и Ц. И други инфекции може да се случат при процесот на заздравување. Исто така, има и ризик од инфекција од самото мастило кое се користи и може да биде изложено на бактерии и микроорганизми пред да биде инјектирано во кожата. Ако добиете инфекција, може да ви бидат припишани лекови, а токму тие може да бидат небезбедни за бебето.

Истегната кожа

Во текот на бременоста вашата кожа ќе се истегнува. Ако размислувате каде да ставите тетоважа, помислете на тоа дека каков облик и да има вашето тело во бременоста, тоа драматично ќе се промени потоа. Може да ставите пробна тетоважа од кана за да видите како ќе изгледа по породувањето, па потоа да се одлучите за конечната верзија.

Епидурална анестезија и доење


Иако не е потврдено од студии, мастилото од тетоважата може да се најде во ‘рбетниот мозок за време на епидуралната анестезија. Лекарите за загрижени за тоа бидејќи малку знаат за тоа што би можело да се случи, па не советуваат да се става тетоважа кај бремените мајки додека не се породат. Ако веќе имате тетоважа на грбот, не грижете се, но разговарајте со лекарот за тоа што би значело доколку добиете епидурална анестезија. Некои велат дека мастилото од тетоважата може да навлезе во мајчиното млеко, но тоа е малку веројатно. Мастилото се инјектира во првиот слој од кожата и тука останува.

Мерки на претпазливост

  • Одете само кај лиценциран тату-артист за да бидете сигурни дека работи со стерилни алатки и материјали.
  • Размислете за тоа каде сакате да ставите тетоважа и запомнете дека се потребни неколку недели за да заздрави, што значи дека местото ќе биде чувствително и отечено на почетокот.
  • Зборувајте со вашиот лекар пред да ставите тетоважа за да имате план во случај на инфекции.
  • Следете ги сите инструкции за тоа како соодветно да се грижите за новата тетоважа додека заздравува.

Кога да се јавите на лекар

  • Ако имате треска
  • Ако имате треска и ве лазат морници
  • Ако имате стврдната, поткрената кожа
  • Ако местото на тетоважата крвави
  • Ако имате црвени лезии на кожата
  • Ако имате оток на и околу местото на тетоважата.

Автор: Сара Котрел

Извор



912

X