Секој родител сака неговите деца да бидат среќни, да не доживеат тага, фрустрации и да бидат успешни луѓе.
Задачата на родителот е да постави здрави граници, а зборот „не“ станува ваше секојдневие. Но, да се биде добар родител значи и изложување на децата на различни ситуации и дозволување да учествуваат во различни процеси.
Го оставате да се извалка
Кал, боја или храна – ако вашите деца се извалкаат со некоја од овие работи, браво! Чевлите ќе се исушат, калта и нечистотијата ќе се измијат, но она што нема да исчезне се прекрасните работи што ќе произлезат од ова искуство. Секојпат кога ќе му дозволите на вашето дете да го истражува дворот, да копа во нечистотијата и да ги проучува растенијата, се зајакнува неговиот имунитет. Научните истражувања покажуваат дека сме посреќни кога се валкаме. Исто така, ваквите искуства ги развиваат нашите сетила.
Му ја читате омилената книга секој ден
Кога родителот ќе ги слушне зборовите: „Ајде сега од почеток прочитај ми ја книгата“, му станува здодевно. Но, треба да знаете дека читањето на вашето дете му овозможува да го развива мозокот, но и имагинацијата. Ова искуство ќе му помогне на детето да ги развие јазичните вештини, но и ќе му даде чувство за светот околу него. Заедничкото читање ќе го зајакне чувството на сигурност и интимност помеѓу вас и вашето дете.
Го оставате да му биде досадно
Современото општество разви необичен страв од досадата. Времето на децата им го исполнуваме со играчки за секогаш да се забавуваат. Но, научно е докажано дека постои силна врска помеѓу досадата и креативноста. Наместо да им го пополнуваме времето на децата кога им е досадно, треба да го развиеме нивниот капацитет за досада. На почеток, треба да им покажете дека досадата е пријатна. На крајот, досадата ќе ги поттикне децата да ја развијат сопствената креативност и да научат како сами да си го пополнат времето.
Поддржувате креативна игра
Повеќето родители знаат дека детето сака да прави нешто креативно десет минути пред спиење, а во таква ситуација нема да ја одобрите таквата игра. Но, треба да му дозволите на детето да ужива во креативното време дури и ако тоа значи дека ќе треба да ги чистите лепилото и боите подоцна. Не само што вашето дете ќе биде среќно туку и ќе го поттикнете неговиот развој и способност да се изразува.
Го оставате да ве облекува во луди и шарени комбинации
Ако му дозволите на вашето дете да ве облече во смешна и луда облека, ќе уживате во смеата и радоста. Како дел од оваа креативна игра ќе му помогнете да ја развие емоционалната интелигенција, да се разбере себеси и да изгради доверба.

Го учите на вештини што ќе ги користи во реалниот свет
Децата често сакаат да учат што прават возрасните и да учествуваат во секојдневните обврски. Повеќе ги интересираат овие активности отколку играчките. Заедничкото готвење може да им помогне на децата да експериментираат со вештините на возрасните, а родителите можат да ги надгледуваат.
Играте заедно
Гушкајте се, скокоткајте се и играјте различни игри на подот. Освен што се одлични потрошувачи на енергија и важни за изградба на блиски односи, овие активности ги тестираат и нивните физички граници.
Му покажувате дека некогаш вреди да ризикува и да донесе одлуки
Додека многу мајки инстинктивно се грижат дали нивното дете ќе падне и ќе се повреди, ако му дозволите на детето да ризикува, тоа ќе му помогне да порасне во посамоуверена личност. Качувањето по дрвја и карпи, минувањето низ потоци, скокањето во море и скокањето наоколу ќе им помогнат на децата да го развијат својот мозок. Преземањето ризици им помага на децата да научат да решаваат проблеми, да ги тестираат нивните ментални и физички капацитети, да научат што е тимска работа и да научат да донесуваат одлуки и потоа да ги разберат последиците од тие одлуки.