Ако сте љубител на кафето и имате мали деца, сигурно сте се соочиле со дилемата дали да им дадете од кафето кога бараат, но сметате дека се премногу мали. Децата обично го сакаат она што родителите го прават или  гледаат дека го прават. Ако многу често си сипате кафе во шолја, големи се шансите децата да бидат љубопитни и да сакаат да пробаат. Се разбира, природно е да се прашувате какви би биле придобивките или штетите за децата ако им дозволите да консумираат кафе. Ова е голем проблем поради возраста на децата, па можеби следните информации ќе ви олеснат по тоа прашање.

Дали кафето е лошо за децата?

Главната причина зошто се грижиме за тоа дали децата треба да пијат кафе е кофеинот. Кофеинот различно влијае врз секого, зависно од индивидуалната толеранција, но сепак постојат осум вообичаени ефекти. Според нив, децата би требало да имаат далеку помала толеранција на кофеинот за разлика од возрасните, па затоа треба да се биде внимателен.

1. Премногу кофеин може да предизвика проблеми со спиењето. Децата на возраст од 8 до 12 години треба да спијат од 10 до 11 часа секоја ноќ, додека тинејџерите треба да спијат 8-9 часа. Кофеинот може да остане во организмот дури 8 часа, па ако се пие во текот на вечерта, тоа може да предизвика проблеми при заспивањето.

2. Може да дојде и до стомачни проблеми поради намалениот апетит предизвикан од кофеинот. Како што знаеме, на децата им е потребна здрава исхрана за да растат.

3. Кога некој често внесува кофеин, може да добива и главоболки кога организмот му бара кофеин. Ова може да биде проблематично во однос на децата, кои може да се чувствуваат лошо ако веќе го навикнале организмот на редовно примање кофеин.

4. Може да дојде и до проблеми при концентрацијата кога некој примил премногу кофеин одеднаш. Исто така, може да предизвика хиперактивно однесување, особено кај децата што веќе имаат голема доза на енергија. Ова може да предизвика тешкотии во слушањето и учествувањето во училишните активности.

5. Кофеинот може да го попречи начинот на кој калциумот се апсорбира во коските. Секојпат кога внесувате 100 милиграми кафе се губат 6 милиграми калциум. Во текот на детството на децата им е потребна поголема количина на калциум за да се развијат нивните коски.

6. Повеќето деца веројатно не сакаат да пијат црно кафе, па додаваат крем, шлаг или шеќер, што може да доведе до зголемување на телесната маса.

7. Кафето е киселински пијалак, а таквите пијалаци предизвикуваат оштетување на забите. Се ослабнуваат забите и се зголемува појавата на кариес. Децата имаат поголем ризик да добијат кариес отколку возрасните. Се открило дека децата што пијат кафе имаат почести проблеми со оралното здравје.

8. Кофеинот ја елиминира водата во телото, па може да предизвика дехидратација, особено ако лицето што консумира кафе не пие доволно вода во текот на денот.

Што ако сака да проба кафе?

Ако вашето дете повремено сака да проба од вашето кафе, тоа е сосема во ред за деца од 10 години и постари. Тоа ќе биде искуство да видат како ќе реагираат на ефектите од кофеинот. Сепак, ако сакаат редовно да пијат полна шолја кафе, тогаш тоа е најдобро да го прават по пубертетот. Нивните тела тогаш ќе можат подобро да се справат со кофеинот, но сè додека не е попречен нивниот раст и развој.

Колкаво количество кафе е во ред?

Како и повеќето видови храна и пијалаци, умереноста е клучот. Се советува количеството кафе што му се дава на дете да биде ограничено на 45 милиграми кофеин на ден. Доколку пијат кафе секојдневно, може да дојде до некои од проблемите што се погоре наведени. 45 милиграми кофеин се еднакви на околу половина шолја кафе. Надгледувањето на количината и фреквентноста на пиење кафе кај децата е добар начин за да се осигурите дека тие нема да страдаат од никакви здравствени ризици.

Извор



912

X