Многу родители имаат дилема околу тоа дали е препорачливо, и кога, детето да се интересира за вежби за оптоварување и дали тоа има добро или лошо влијание врз неговиот физички развој.
Фотографиите со развиени деца кои креваат тегови најчесто наидуваат на осуди од родителите, кои се прашуваат во кои години е нормално нивните деца да почнат да вежбаат.
Многу училишта во рамките на физичкото воспитување имаат некои тренинзи за сила и издржливост кои вклучуваат и кревање тегови. Родителите се загрижени поради тоа и ги осудуваат училишните програми. Меѓутоа, нивните осуди не се оправдани.
Умерените вежби за издржливост не го загрозуваат развојот на детето
Експертите објаснуваат дека тренингот за сила е клучен за развојот на моторичките и атлетските способности на децата. Значи, умерени вежби за издржливост нема да го загрозат растот и развојот на децата.
Тоа не значи дека децата треба да креваат тешки тегови, но корисно е да се запознаат со различните видови отпор.
На пр., децата може да го почнат тренингот истовремено кога ќе почнат да се интересираат за спорт, некаде помеѓу 6 и 8 години. Правилното движење бара соодветна сила на мускулите, па затоа тренингот би требало да биде предуслов за учество во некој спорт.
Децата што се склони на дебелеење би требало првенствено да вежбаат кревање на сопствената тежина. Тренерите потсетуваат дека клучот е во тоа детето да пронајде активност во која ќе ужива.
Како што додаваат експертите, само затоа што детето е посилно и подобро во некој спорт од своите врсници, не значи дека во иднина тоа ќе стане светско чудо. Младите ги менуваат своите интереси, па затоа е важно уште во раните години да пробаат неколку видови активности, а не само еден спорт.
Со кревањето тегови се подобрува балансот на телото
Инаку, децата многу повеќе го оптоваруваат своето тело од возрасните, при игри и при скокање, па родителите не треба да се грижат дека вежбите за сила на рана возраст може да им наштетат. Одредени истражувања покажале дека при кревањето тегови во пубертет се зголемува густината на коските, а и се поправа телесната композиција и балансот на телото.
Тренерите советуваат дека е најдобро децата да прават 2 до 3 вежби за една група мускули, со 6 до 12 повторувања во секоја серија. Одморот помеѓу секоја серија би требало да биде меѓу 1 и 3 минути.
Треба да се обрне внимание децата во развој да не прават вежби за оптоварување над главата, како и клекнување со теговите на рамена зашто овие вежби го ослабнуваат ‘рбетот.