Здравје

Дали детето треба да носи очила за сонце?

Во текот на летото децата поминуваат многу време надвор и се изложени на директна сончева светлина. Штетните УВ-зраци имаат негативно влијание врз здравјето на кожата на вашето бебе и детето, но можат да влијаат и врз здравјето на очите. Како што на кожата ѝ е потребна заштита од сонце, така и на малечките деца им е потребна заштита на очите.

„Кај децата, кожата на очните капаци и околу очите е понежна, попропустлива и поранлива отколку кај возрасните“, објаснува Нитика Арора, офталмолог од клиниката „Мајо“ (САД). „Во исто време, оштетувањето на очите предизвикано од сончевото ултравиолетово зрачење има тенденција да се акумулира со текот на времето, манифестирајќи се подоцна во форма на проблеми со видот кај возрасните како што се катаракта, макуларна дегенерација што доведува до слепило и птеригија, прекумерен раст на рожницата на окото со сврзно ткиво“. Исто така, лекарот забележува дека високата изложеност на УВ-зрачење го зголемува ризикот од фотокератитис – изгореница на рожницата на окото.

Експертите нагласуваат дека е важно на децата да им се даваат очила за сонце. Се носат и во облачни денови бидејќи ултравиолетовите зраци можат да ги оштетат очите дури и кога сонцето е скриено зад облаците.

Како да изберете очила за сонце за дете:

Обрнете внимание на нивото на заштита од УВ-зраците

Изберете леќи кои обезбедуваат 99-100% заштита од двата типа зраци: UVA (долга бранова должина) и UVB (кратка бранова должина). Одлучете се за рамки со големи, тркалезни леќи кои покриваат големи површини на кожата околу очите. Доколку вашето дете носи очила, во консултација со офталмолог можете да изберете фотохромни леќи, кои автоматски потемнуваат на сончева светлина и блокираат 100% од УВ-зрачењето.

Погрижете се очилата да бидат силни, цврсти и сигурни, бидејќи ќе ги носи дете кое е активно

Подобро е рамката да е изработена од поликарбонат, а стаклото од материјал отпорен на гребење. Рамката треба добро да се витка (но, не да се скрши) за да може да се приспособи.

Ако вашето дете е активно на отворено, можеби ќе му требаат очила со жолти или зелени леќи за да го зголеми контрастот.

Децата се подготвени да носат очила за сонце доколку им се дозволи да ги изберат очилата што им се допаѓаат. Затоа е важно да се вклучат во изборот.

За да не се изгубат или скршат очилата на децата, родителите треба да внимаваат да ги чуваат очилата во футрола и на безбедно место кога не се потребни.

Ако детето решително одбива да носи очила за сонце, обидете се да дознаете која е причината – можеби рамката или леќите едноставно не му одговараат?

Научете ги со ваш пример – секогаш носете очила за сонце кога сте надвор за да им стане секојдневна навика на децата. Во сончевите денови добро е да ги надополните очилата со шешир, капа или качкет што фрла сенка на вашето лице, а и не заборавајте да нанесете крем за сончање на вашата кожа.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top