Одамна постои верувањето дека пивото е добро за мајките што дојат зашто од него, наводно, ќе имаат повеќе млеко, па веќе никој не се чуди кога ќе види жена во кафуле која со една рака го ниша бебето во количката, а со другата пие ладна напивка од хмељ, јачмен, квасец и вода. Но тоа што никој не се чуди не значи дека сите мислат дека пиењето алкохол е добро за бебето.
А вистината ни ја открива Милена Попевиќ, советник за доење.
– Мислењата се поделени. Едни мислат дека мајката ќе има повеќе млеко ако се напие една чаша пиво, а други тврдат дека алкохолот може негативно да влијае врз бебето, но вистината е некаде помеѓу. Чаша пиво нема да ја поттикне лактацијата, но може да ја опушти мајката, да го намали лачењето на кортизолот, хормонот на стрес, и да го поттикне лачењето на окситоцинот.
Благодарение на дејството на хормонот, млекото полесно истекува од дојката, па мајката има впечаток дека го има повеќе, а тоа е единствено важно за бебето… Убаво да цица – објаснува Попевиќ, повикувајќи се на повеќедецениското истражување на д-р Џек Њумен, кој во 1984 година ја отвори првата клиника што се занимава исклучиво со проблеми при доењето.
Тој смета дека секоја мајка може повремено да се опушти со чаша вино или пиво затоа што, како и кај лековите, многу мало количество алкохол се пренесува во нејзиното млеко.
– Мајката може да се напие малку пиво или вино и да продолжи да дои. Нема потреба да се измолзува и да го фрла млекото. Количеството алкохол во мајчиното млеко е исто како и количеството алкохол во крвта. Алкохолот не останува во млекото кога ќе го снема од крвта. По една чаша вино или пиво количеството алкохол во крвта го достигнува врвот помеѓу 30 и 60 минути (60-90 минути ако се пие со јадење), па на жена со просечна тежина од околу 65 килограми ѝ се потребни помеѓу два и три часа за сосема да го елиминира алкохолот од своето тело – вели д-р Њумен.
– Ако мајката се напие еден пијалак откако го надоила бебето – додава докторот – алкохолот сигурно целосно ќе го снема од млекото до следното доење. Исто така, треба да се има предвид дека црниот дроб на новороденчето е незрел и дека побавно го преработува алкохолот, додека кај повозрасните бебиња тој процес е побрз.
– Затоа, на мајките што дојат им велат да го избегнуваат алкохолот, т.е. не смеат да претеруваат. Една чаша вино по јадење или чаша пиво во друштво нема да му наштети на бебето, ама тоа не треба да го прави често, особено не секој ден – порачува Попевиќ.